Како да се одбере тема за истражување и да се процени ризикот при нејзината реализација? Од каде да се обезбедат извори и документи? Како резултатите од истражувањето да се презентираат на јасен, професионален и етички одговорен начин?

Ова се само дел од темите кои беа опфатени на петдневната обука за истражувачко новинарство, што се одржа од 13 до 18 ноември во МИМ.

Обуката ја организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во соработка со Амбасадата на Франција во Северна Македонија и Високата школа за новинарство од Лил. Програмата ги комбинираше теоретските знаења и практичната работа на истражувачки проекти.

На отворањето на обуката, г. Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција, ја нагласи важноста на истражувачкото новинарство и улогата на новинарите во откривањето на теми од јавен интерес. Тој истакна дека квалитетното истражување е еден од клучните предуслови за транспарентно и одговорно општество, како и важен столб на демократијата кој придонесува за отчетност на институциите и информирано учество на граѓаните во јавниот живот.

Првиот дел од обуката го водеше Никола Весковачи, новинар, режисер и главен уредник во „France TV“. Учесниците се запознаа со клучните фази во процесот на истражувачкото новинарство, од изборот и планирањето на темата, процената на ризиците и обезбедувањето извори и документи, до заштитата на истражувањето, правните аспекти, истражувањето и анализата на податоци, подготовката на интервјуа и објавувањето на сториите. Преку практични вежби и примери од професионалното искуство на обучувачот, новинарите работеа на различни аспекти од процесот на подготовка и реализација на истражувањата.

5n3a9941 scaled

Вториот дел го водеше Ромен Потоцки, новинар, документарист и фотограф. Во овој дел, фокусот беше на визуелизацијата и структурирањето на сториите, како што се новинарскиот агол, изборот на визуелен и режисерски пристап, кадрирањето, техниките за интервјуирање и градењето секвенци. Посебен акцент беше ставен на подготовката на сценарио за снимање, организацијата на снимањето и визуелното претставување на изворите со зачувување на нивната анонимност.

5n3a9971 scaled

Значаен дел од обуката беше посветен на индивидуалните истражувачки проекти на учесниците. Во текот на работата, тие ги развиваа и усовршуваа своите идеи со поддршка и насоки од обучувачот.

Според новинарите – учесници на обуката, комбинацијата на теорија, конкретни примери и практична работа им овозможи да ги унапредат нивните капацитети за подготовка и реализација на истражувачки стории и за нивно ефективно претставување пред јавноста.