Иако имаше предупредувања, размерите на пропаѓањето на новинарството во текот на 2025 година беа неочекувани


Автор: Анида Сокол, Медиацентар Сараево
Фото: Unsplash/Fran Jacquier

Иднината на професионалното новинарство не е светла. Тоа го покажавме јасно во серијата извештаи за иднината на медиумите и на новинарството на Западен Балкан, објавени на почетокот на 2025 година.

Причините за ваквиот заклучок се бројни: од скромниот рекламен пазар, преку влијанието на социјалните мрежи и на пребарувачите, до промените во медиумските навики на публиката чиј пример не се новинарите, туку јутјубери и тиктокери, но и политики, според кои медиумските слободи не се приоритет, туку закана. Дополнително, довербата во медиумите е нарушена, делумно поради медиуми што шират сензационалистички и пропагандни содржини, но и поради ниското ниво на медиумска писменост кај публиката, која ниту ги познава новинарските стандарди ниту им придава некакво значење.

За силни, професионални и одржливи медиуми во иднина потребно е високо ниво на демократија, стабилни и независни извори на финансирање, средина која ја цени и ја поддржува професијата, како и закони што ја штитат, а истовремено наметнуваат и одговорност. Сето тоа недостига во земјите од Западен Балкан, особено во Босна и Херцеговина. Потребна е и висока етичност и професионалност меѓу новинарите, но потребни се и политичари и јавни личности кои ќе ги осудуваат нападите врз новинарите, а во никој случај нема да ги поттикнуваат.

2025 – најлошата година за медиумите

И покрај проценките дека новинарската професија ќе се соочува со сè поголеми предизвици, сепак не очекувавме дека пропаѓањето на традиционалните медиуми и на новинарството на глобално и на регионално ниво во текот на 2025 година ќе се случува во толкави размери и толку брзо.

Можевме да очекуваме преживување, па дури и постепено занемарување на некои медиуми под притисок на пазарот и на центрите на моќ, но не и тоа дека стотици медиумски работници на Западниот Балкан ќе останат без работа годинава.

Прво, во јануари Доналд Трамп ја укина Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), што ги погоди медиумите што се финансираат преку грантови и доведе до откази на определен број новинари во земјите од регионот. Беа укинати и важни проекти за поддршка на медиумите и на слободата на изразувањето, вклучувајќи го и годишниот извештај на ИРЕКС за состојбата на медиумите и на медиумските слободи во светот, кој за Босна и Херцеговина го подготвува Медиацентар од 2004 година.

Во март следуваше одлуката на Трамп да ја намали поддршката за УСАГМ, што доведе до низа откази во Гласот на Америка, откажување на ангажмани на соработници на Радио Слободна Европа и голема неизвесност за опстанокот на овој медиум. За само шест месеци од вториот мандат, Трамп успеа да предизвика несогледливи последици за медиумските слободи и уште повеќе да ги охрабри авторитарните политичари да продолжат со реторика и со акции против новинари, вклучително и во земјите од Западен Балкан.

Потоа, во јули годинава следуваше нагло и неочекувано затворање на Ал Џезеира Балканс, што ќе остави над 200 невработени во регионот. Затворањето на Ал Џезеира Балканс е особено алармантно имајќи предвид дека финансирањето на овој медиум беше стабилно, тој функционираше според високи професионални стандарди и имаше услови за работа какви што локалните медиуми во БиХ и во регионот не можат да понудат. Иако е јасно дека функционирањето на овој медиум зависеше од интересите на владата во Доха, загубата за јавноста во регионот е огромна поради (н.з. недостигот на) високопрофесионалните информативни содржини, документарци и емисии, како и покривање на регионални и глобални теми, како еколошките промени и геноцидот во Газа.

Она што е пострашно од брзината со која беа донесени или барем објавени овие одлуки е отсуството на јасни аргументи кои барем делумно би ги оправдале, како на пример лошо работење. Одлуките произлегоа од агресивните напади на американскиот претседател Доналд Трамп врз медиумите и геополитичките интереси на владата во Доха, каде судбината на новинарите и правото на јавноста на информации се најмалку важни.

Пораката од ваквите одлуки е јасна: новинарството и јавниот интерес не се приоритет ниту за оние кои носат одлуки, ниту за сопствениците на медиумите. Политичките, геополитичките, економските или приватните интереси на оние кои се на власт, се поважни од демократијата и од новинарството.

Покрај овие големи „удари“ однадвор, интензитетот на притисоците од локални балкански политичари во 2025 година се зголеми, особено во Србија каде реториката на Александар Вучиќ, како и нападите врз новинарите, не стивнуваат. Медиумските слободи и во БиХ се во постојан пад: пред дваесет години БиХ беше на 33-то место од 140 земји на Индексот на медиумски слободи на Репортери без граници, а годинава е на 86-то, што многу кажува за негативната траекторија по која оди професијата и слободата на печатот во земјата.

За квалитетно новинарство се потребни пари

За новинарството да опстане, потребни се средства – но такви што не подразбираат услуги, забранети теми, позитивни приказни за финансиерите или, пак, вмешување во  уредувачката политика. Висококвалитетното новинарство е скапо, а особено телевизиската продукција, и затоа се потребни значајни средства за да се направат квалитетни прилози, документарци и да се финансираат повеќемесечни истражувачки приказни. На локалниот пазар и од локалните буџети нема такви извори – финансирањето на рекламни објави најчесто бара сензационализам и хиперпродукција, додека јавните буџети подразбираат позитивно известување за оние што одлучуваат.

Пазарот за рекламирање во БиХ за 2023 година, според Direct Media, имаше вредност помеѓу 41 и 47 милиони евра – речиси исто како во 2013. И покрај опоравувањето по пандемијата, пазарот е сè уште значително послаб отколку пред десет години – особено ако се земе предвид постојаното зголемување на бројот на медиуми во последните дваесет години. Растот најмногу го диктираа онлајн порталите, а забележлив е и пораст на телевизиски станици: според Регулаторната агенција за комуникации во 2002 имало 30 ТВ канали, а во 2024 – дури 111.

Поголем број извори на информации е добар за медиумскиот плурализам доколку медиумите имаат високи стандарди, оригинална или специјализирана содржина и плурализам на мислења. Сепак, во БиХ онлајн медиумите и порталите често пренесуваат вести од други или шират пропагандни содржини, додека комерцијалните телевизии и радија главно емитуваат забавна програма.

Големиот број медиуми кои главно пренесуваат слични содржини или служат за политички цели всушност може негативно да влијае врз професијата и врз медиумскиот плурализам, да влијае врз угледот на новинарството и да ја наруши довербата на публиката. Таквите „медиуми“ ангажираат малку луѓе, имаат лоши услови за работа и лоша продукција, и не претставуваат мотивација за идните новинари. Секако постојат исклучоци – мали локални редакции кои се специјализираат или критички известуваат за носителите на одлуки – но нивниот број во БиХ е многу мал. Новинарството има потреба од големи професионални редакции и професионални локални медиуми кои ќе го чуваат угледот на професијата и ќе бидат инспирација за младите да решат да се занимаваат со оваа професија.

Потпирањето на маркетинг, освен кај некои освестени огласувачи, подразбира и хиперпродукција, клик‑бејт и сензационалистички содржини, но и отсуство на критика кон огласувачите. Медиумите, особено во последната деценија, се борат за поголема публика и за парите од реклами заедно со инфлуенсерите, пребарувачите и социјалните мрежи. Значајна улога во однос на тоа како да се дојде до публиката и до парите за медиумите имаат и социјалните мрежи кои приоритизираат забавни содржини и кликови, на штета на содржините од јавен интерес, па редакциите мораат да ги прилагодуваат форматите и содржините според нивните алгоритми. Нема потреба ниту да се нагласува дека интересот на приватните технолошки компании не е јавен, туку комерцијален, и нивната одговорност во иднина може да се регулира само со закони.

Пари за медиуми има и во јавните буџети, но тоа – повеќе од другите извори на финансирање, им наштетува на професионалните стандарди, бидејќи може да ја диктира уредувачката политика. Станува збор за сигурен и стабилен извор на финансирање, со милионски износи, но средствата што им се даваат на поединечни медиуми – со исклучок на неколку кантонални телевизии – се доволни само за основна продукција и за контрола на локалните медиуми. Финансиска поддршка од публиката во БиХ никогаш не заживеа – неколку примери покажуваат дека можат да се соберат средства од верните читатели, но тоа не е доволно за одржливост и за иднината на медиумите.

Иднината ја одредува публиката

Политичките одлуки или рекламниот пазар не се единствените што ги диктираат правилата – публиката и технологиите всушност ќе ја одредат иднината на професијата. Технологијата и навиките на публиката драматично се променија во изминатата деценија – јутјуберите и тиктокерите, како и кратките видеа и аудиовизуелни форми станаа извори на информации за многу генерации, како и конкуренција на медиумите на пазарот за рекламирање.

Телевизијата сè уште претставува доминантен извор на информации во земјите од Западен Балкан и има најголем удел во рекламниот пазар, но анкетите покажуваат дека овој тренд се намалува и дека онлајн медиумите и социјалните мрежи наскоро ќе го преземат приматот. Порастот на уделот во пазарот се насочува кон интернет креаторите, што ја отвора дилемата за иднината на телевизијата и традиционалните медиуми воопшто. Треба да се напомене дека БиХ ги загуби најважните големи политички списанија, дневниот печат е на граница на исчезнување, а радиото – иако има многу мал удел на публика – се одржува речиси целосно благодарение на музиката и ниските производствени трошоци.

Digital News Report на институтот Ројтерс јасно покажува пад на влијанието на традиционалните медиуми и раст на влијанието на социјалните мрежи и онлајн поединци, а некои од нив не се добри за демократијата. Извештајот за 2025 година покажа и пораст на користењето на чат-ботови за информирање, иако нивното учество сè уште е мало, а недовербата на публиката во вештачката интелигенција е голема. Употребата на генеративна вештачка интелигенција исто така претставува голем предизвик за иднината на новинарството, особено бидејќи ВИ водителите веќе  заменија некои вработени во медиумите во Европа. Неопходно е да се нагласи дека ВИ алатките и социјалните мрежи можат да бидат поддршка за новинарството, но само ако нивната употреба се регулира законски и етички – за што во регионот нема ниту волја, ниту знаење.

И довербата на публиката во медиумите во БиХ не е висока, а според одредени анкети на маркетинг агенции, таа всушност значително опаѓа. Таквиот однос на публиката може да се објасни и со огромниот број извори на содржина и големиот број дезинформации, поради кои публиката не може да избере што да следи, но и со општата недоверба во институциите. Бомбардирањето со информации – било точни или лажни – какво што практикуваат Доналд Трамп и Милорад Додик, заедно со реториката за непријатели и странски платеници, не придонесува за доверба, ниту за угледот на новинарската професија.

Важно е на крај да се истакне и сè помалата заинтересираност на младите за студирање новинарство, на што укажува нашето истражување за иднината на медиумите. Во речиси сите земји од Западен Балкан е забележан тренд на намалување на бројот на студенти по новинарство. Во Сараево и во Бања Лука во 2014 година имало двојно повеќе студенти по новинарство (1160) на две насоки, отколку во 2023 година на пет насоки (538). Новинарите не претставуваат добар пример за младите, кои повеќе избираат други професии како односи со јавност. Лошите работни услови, несигурниот пазар на труд и честите напади врз новинари придонесуваат за таквите одлуки. Се разбира, постојат исклучоци – студенти кои ја сакаат и веруваат во оваа професија – и поради нив новинарството можеби има можност да опстане.

Тешко е да се замисли иднината без професионални медиуми 

Тешко е да се замисли иднината без професионални медиуми – „кучиња чувари“ кои се обучени и во доверба ги предупредуваат граѓаните за злоупотреби и неправди, ги водат низ важни теми, ги едуцираат и ги информираат, и им даваат глас на маргинализираните. Трендовите кои ги забележавме укажуваат дека иднината на новинарството можеби ќе биде обележана со голем број мали „медиуми“ или индивидуални креатори на содржина, од кои само некои ќе бидат „оази“ на отпор против притисоците, додека останатите – медиумски пустини и гласноговорници на моќта.

Меѓутоа, кризите носат и шанса за промени и отпор – можност граѓаните и носителите на одлуки да сфатат колкаво е значењето на медиумите за општеството и да почнат да ги штитат, поддржуваат и активно да ги следат. Професионалното новинарство бара суштински и структурни промени за да опстане, за што е потребна политичка волја, но и ангажман од публиката и од самите медиуми. Структурните промени треба да се базираат на добри законски основи и политики, на заштита на новинарите и на пазарот, зачувување на медиумските слободи, поддршка на професионалното новинарство, како и на регулација и поттикнување на саморегулацијата, и воведување одговорност за големите технолошки компании.

Покрај тоа, неопходни се независни извори на финансирање и системска, долгорочна едукација за медиумска писменост, преку која публиката ќе знае да ги препознае новинарските стандарди и ќе ја разбере улогата на новинарството во општеството. Потребни се и промени во самите медиуми, како и враќање на основните професионални стандарди. Тоа не значи дека медиумите не треба да се прилагодуваат на нови технологии и трендови – тие можат да бидат голема поддршка на новинарството – но никогаш на сметка на основните стандарди на професијата. Формите на новинарство ќе се менуваат – во иднина можеби нема да имаме телевизиски дневници, туку интерактивни мултимедијални содржини, но суштината на новинарството и неговите основни постулати мора да останат исти. Од новинарството не смееме да се откажеме, бидејќи тоа би значело победа на оние што сакаат да го згаснат.

Преземено од: media.ba