Иако изборите формално завршија, нема простор за издишка – вербалната војна и изборната реторика не престануваат. Во политички систем во кој медиумскиот пазар зависи од јавни и партиски пари, предизборната состојба е практично перманентна. Таа произведува новинарство во кое кампањата станува нормален работен контекст, а не исклучок.
Редакциите функционираат со ограничени ресурси и во услови на зависност од државно рекламирање или од политички блиски огласувачи. Во таква средина, притисокот да се задоволат центри на моќ е секојдневен, а не временски ограничен на избори.
Навивањето и убедувањето како норма
Проблемот денес не е само во присуството на пропаганда, туку во нејзината нормализација. Она што порано беше нарушување на стандардите сега се смета за „дел од играта“.
Партиските соопштенија се објавуваат интегрално — без уредувачка дистанца. Дел од новинарите лесно преминуваат во улоги на портпароли – понекогаш и формално, понекогаш само по функција. Истовремено, аналитичари со очигледна партиска припадност се претставуваат како независни коментатори.
Наместо новинарство што објаснува, сè почесто гледаме новинарство што убедува.
Навивањето не е само во тонот, туку во изборот на теми, во редоследот на вестите, во тоа кои факти се нагласуваат, а кои се премолчуваат. Секој медиум има своја вистина, а некои и своја публика на која ѝ зборуваат како на навивачка трибина.
Наместо да анализира, новинарството почнува да мотивира – не со аргументи, туку со емоции.
Механичкото пренесување како алиби
Функционирање во услови на константна кампања наметна модел на информирање што се сведува на „само пренесуваме“. Таа реченица стана најудобното алиби на мрзливото и неодговорното новинарство.
И додека новинарите се сведуваат на држачи на микрофони, на терен тече натпревар кој политичар ќе најде пострашен збор упатен на противникот. Колку понавредлив – толку повеќе цитиран. Од „предавници “и „криминалци“, до „крв на рацете“, „некрофилија“, „паразити“ и „џелати на народот“ – секој нов изборен циклус го турка јазикот уште подлабоко во вулгарност.
Така се создаваат штетни наративи во кои политиката повеќе не се мери со идеи, туку со навреди. А медиумите ја зголемуваат бучавата, ја шират реториката и ја прават нормална. Со секое механичко „пренесување “, омразата се реплицира, а јавниот простор станува сè потесен за разумниот и пристоен тон.
Манипулацијата како стратегија
Не мора нешто да биде лага за да биде измама.
Доволно е да се прескокне контекст, да се избере наслов што плаши, да се претвори шпекулација во сигурен факт. Прескокнати детали, сензационалистички наслов, фотографија со сугестивен кадар — тоа се суптилни, но ефикасни начини на обликување на перцепцијата.
Таквите медиумски содржини не ја информираат јавноста, туку ја дресираат: да не реагира на омраза кон „другите“, да навива без да мисли, да се плаши наместо да разбира. Гласањето станува емоционален, не рационален акт – израз на припадност, не на убедување.
Резултатот од ваквото известување е предвидлив: довербата се поткопува, јавноста се десензибилизира. Луѓето повеќе не веруваат никому и гласаат, но не затоа што така мислат, туку затоа што се плашат „другите“ да не победат.
Постојаното навивање, заплашување и повторување на истите пароли создаваат суеверна гласачка машинерија – публика што реагира на слогани, не на аргументи.
Партиите добиваат стабилна публика, а општеството ја губи совеста – ја прифаќа нееднаквоста како ред, го губи чувството за срам, сочувството со немоќниот и му се восхитува на посилниот.
Во таа загуба, медиумите не се само сведоци, туку и учесници.
Совеста како отпор
Секогаш ќе има новинари на кои “нечесна победа им е послатка од чесен пораз“.
Луѓе без морален компас, за кои зборовите „етика“ и „одговорност“ звучат како празни флоскули. Секогаш ќе има и такви што ќе тврдат дека „само пренесуваат“, дека „сите така прават“ или дека „публиката тоа го сака“.
Вистина е, професионалното и одговорно новинарство е во дефанзива. Линијата меѓу професионалност и партиска лојалност, меѓу јавен интерес и пазарен интерес – денес е потенка од кога било.
Етиката денес нема авторитет, но кај оние што ја чувствуваат како сопствен рефлекс, таа сè уште има тежина, дури и кога сакаат да ја игнорираат. Затоа што знаат дека токму таквото новинарство, исмевано, доведено до питачки стап и принудено да се правда е – совеста на едно општество.
Можеби тоа денес нема сила да ја промени политичката култура, но може барем да ја именува, да ја забележи и да не ја репродуцира.
Во време кога јавниот говор е преполн со кампањска енергија, тоа само по себе е форма на отпор достојна за почит.
Автор: Тамара Чаусидис
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).