Каква е иднината на новинарството и на медиумите во Македонија во услови на сиромашен медиумски пазар, етички предизвици во онлајн сферата, неефикасна регулатива и растечка зависност на медиумите од државните фондови?

Ова прашање е во фокусот на истражувањето за иднината на медиумите во Северна Македонија, кое што ги анализира состојбите, трендовите и ризиците во медиумската сфера што можат да влијаат врз нејзиниот развој, како и врз развојот на демократијата.

Анализата истакнува дека слабата економска моќ на пазарот не може да обезбеди развој на аудиовизуелната сфера и долгорочна одржливост на медиумите. Од друга страна се посочува на зголемувањето на финансиската поддршка на медиумите преку државниот буџет што може да поттикнува медиумски клиентелизам и да овозможува политички влијанија.

Дезинформациите и непочитувањето на етичките стандарди, особено во онлајн просторот, ја актуeлизираат потребата од минимум регулација во овој сегмент. Во пошироки општествено-политички рамки, пак, системската корупција и нетранспарентноста ја намалуваат довербата во институциите, вклучително и во медиумите.

Анализата заклучува дека без воспоставување прецизна и ефективна регулатива и транспарентни политики во сите сегменти на медиумската индустрија, ослободени од политички влијанија, како и натамошно зајакнување на саморегулаторните механизми, не може да се развива професионалното новинарство, медиумскиот плурализам и медиумската индустрија.

Истражувањето беше спроведено во сите земји од Западен Балкан и во Турција со цел да се идентификува и да се анализира моменталната состојба и да се идентификуваат новите трендови во однос на повеќе индикатори: новинарството, медиумскиот пејзаж, сопственоста и финансирањето на медиумите, медиумското претставување и учество, употребата на медиумите и довербата во нив, како и демократијата.

Оваа активност е дел од регионалниот проект „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам за спротивставување на поларизацијата и за промовирање дијалог“, што е поддржан од Европската Унија. Проектот го спроведуваат девет медиумски организации од Западен Балкан, Турција и од Словенија во периодот од 2023 до 2026 година.

Анализата може да ја најдете во продолжение:


eu flag


Финансирано од Европската Унија


Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.