2023 - (Без)надежна година за новинарството

Се чита за 4 мин.

Институтот Ројтерс за новинарски студии неодамна ги објави резултатите од своето глобално истражување на тема Новинарството, медиумите и технолошките трендови и предвидувања за 2023 година. Во истражувањето учествувале 303 лица на раководни позиции во медиуми, од 53 држави во светот.

Кои се главните трендови што (ќе) ја карактеризираат новинската индустрија и каков е хоризонтот на можности?  Ова е, всушност, клучното прашање во центарот на годишниот извештај, чијшто автор е истражувачот Ник Њуман

Изненадувачки, а можеби и не, е сознанието дека меѓу раководството на голем број медиуми на глобално ниво не постои голема надеж или оптимизам околу состојбите во индустријата. Резултатите упатуваат на тоа дека следува година на сè поголема загриженост околу одржливоста на медиумите во услови на неконтролирана инфлација и голем притисок врз потрошувачката во домаќинствата. Руската инвазија на Украина, сè подеструктивното влијание на глобалното затоплување и последиците од пандемијата на ковид, предизвикаа страв и неизвесност кај многу луѓе. Сè  почестото присуство на „мрачни“ и депресивни вести на медиумската агенда продолжи да ја оддалечува публиката.

Дали ова ќе биде година кога издавачите ќе треба да ја преиспитаат својата понуда, со надеж дека ќе се справат со губењето на публиката?

Технологија, социјални мрежи, виртуелни реалности – има ли простор за новинарството?

Медиумите кои што сè уште не ја прифатиле дигитализацијата во целост ќе се најдат во сериозно неповолна положба. Очекувањата на публиката постојано се менуваат. Токму тоа е една од причините редакциите да размислуваат околу начинот на трансформација на дигиталните содржини за да одговорат соодветно на побарувачката.

journ 3Фото: freepik.com

Но, тоа нема да биде предизвик само за медиумите. Со притисок ќе се соочат и големите технолошки компании, и тоа не само поради економскиот пад. Фејсбук и Твитер веќе се борат за да ја задржат публиката, особено имајќи предвид дека помладите генерации веќе се селат кон нови мрежи, како што е ТикТок.

Медиумскиот аналитичар Томас Баекдал смета дека медиумите сега многу повеќе треба да се фокусираат на своето функционирање во околности кога социјалните мрежи не се она што беа и сè повеќе се дистанцираат од новинарите. Но, има и еден позитивен аспект во тоа. Според Баекдал социјалните мрежи никогаш не ни донеле некоја вистинска корист за медиумите, со исклучок на поголемиот „сообраќај“, но по цена на ерозијата на лојалноста и намалување на квалитетот на содржините.

Во меѓувреме, следниот бран на технички иновации веќе пристигна. Извонредниот напредок на вештачката интелигенција во 2022 година создаде непосредни можности и предизвици за новинарството. Како резултат на тоа издавачите имаат можност да „испорачуваат“ поголем обем на лични информации и да нудат повеќе формати, за да (си) помогнат во адресирањето на фрагментацијата на различните канали.

Виртуелната реалност со себе, пак, донесе една нова форма на новинарство што го менува начинот на кој ги консумираме вестите. Таквото новинарството се покажа како особено корисно за покривање теми кои се премногу опасни за лично снимање или, пак, за да се обезбеди нова перспектива за некој настан.

Но, и ваквите технологии со себе носат етички прашања. Освен тоа, новинарите неретко се загрижени дека публиката недоволно верува на она што го гледа.

Во ера на големи ограничувања за информативната индустрија, според професорот по медиуми и комуникации на Лондонската школа за економија Чарли Бекет, тешко е да се најде време, вештини и ресурси за истражување и имплементација на решенија за вештачка интелигенција. Но, тие сè повеќе земаат замав и барем не мора да се почнува од нула. Сè повеќе редакции користат вештачка интелигенција за борба против лажните вести и говорот на омраза, но и за персонализирање на уредувачките услуги. И покрај релативната сложеност на пишувањето текстови или уредувањето видео и аудио-прилози, напредокот во управувањето со метаподатоците, како и во генерирањето текст и слики упатува на тоа дека алгоритмите стануваат покреативни, поточни и посигурни. Бекет смета дека 2023 година со себе носи огромни промени во обемот на „синтетичка“ медиумска продукција. Според неговите прогнози, поголемите медиуми значително ќе креираат содржини создадени од машини.

Доцент доктор Роб Лејтон од Универзитетот Бонд во Австралија смета дека во 2023 камерите на ‘смарт’ телефоните ќе продолжат да ги надминуваат традиционалните камери преку различни иновации, а сè повеќе новинари ќе се потпираат на нив за видео - раскажување.

Како да се „врати“ публиката?

Според професорот Ортен Сковсгард од Универзитетот во Јужна Данска избегнувањето на вести е проблем за медиумите, но и за демократијата во целост. За него некои од можните решенија се конструктивните, аргументираните и транспарентните вести.

Конструктивното новинарство се здоби со актуелност во последниве години. На пример, во Данска неколку медиуми воведоа т.н. конструктивни вести во одредени програми. Идејата зад таквите вести е да се адресираат не само проблемите и недостатоците, туку и решенијата и позитивните примери, кои можат да дадат поттик околу справувањето со проблемите во секојдневието.

Некои медиуми, пак, почнуваат да го „компензираат“ растечкото незадоволство од вестите со кратки, објаснувачки содржини (на пример, видеа), формати од типот „прашање, одговор“ и инспиративни стории. За голем број издавачи иновативноста е во продукцијата на што повеќе подкасти и дигитално аудио, електронски билтени, итн.

journ 2Фото: freepik.com

Глобалните трендови покажуваат дека успешните медиуми нудат силна поврзаност и вклученост на публиката. Меѓу моделите за коишто се размислува се и оние според коишто новинарството треба да е во „служба“ на граѓаните, наместо редакциите да се тие што ќе одлучуваат во нивно име. Второ, вистинско да се запоознае публиката онаму каде што се наоѓа во моментот, односно на платформите каде што избира да ги добива своите вести. Трето, и можеби од критично значење, е медиумите да се фокусираат на широкиот спектар на различни публики, признавајќи ги историските недоследности во однос на недоволното ‘служење’ во интерес на сите заедници. Впрочем, медиумите, а не граѓаните, се тие коишто се одговорни да ги создадат таквите врски и да се појават пред публиката, претставувајќи ги нивните  приказни и искуства.

На тој начин новинарските продукти „се освежуваат“ со размислувања на публиката, а така и се придобива нејзината лојалност. Ова е особено важно во контекст на локалното новинарство. Факт е дека локалните медиуми се најнарушениот медиумски сектор, на кој најитно му е потребна помош, но е и сектор со најголем потенцијал да ја формира основата за нов, посилен, медиумски екосистем. Дигиталната транзиција сè повеќе обезбедува солидни можности за градење одржливи медиуми кои подобро ќе им служат на локалните заедници.

Со или без акцент врз технологијата, несомнена е потребата да се размислува за излез од кризата, која што не само што ги подели медиумите, туку и нивната публика.

И, што е најважно, клучот за управување со трансформацијата е максимално зголемување на бројот на млади луѓе коишто ќе бидат „опремени“ со веродостојни извори на вести и информации. Голем број проекти и програми на глобално ниво покажаа што сè е потребно за да им се  помогне на луѓето, а особено на помладите генерации, за да се справат со „мочуриштето од дезинформации и манипулативни информации“. Целта е таквите напори да се зголемат, со што ќе се подготват генерации кои ќе размислуваат низ призма на факти, наука, основни истражувачки вештини и, пред сè, со фундаментален отпор кон тоа да бидат измамени.

Автор: д-р Марина Тунева


Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.