Улогата на Полска, како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, во процесот на проширување, координирањето на европските одговори кон дезинформациите и зајакнувањето на медиумската отпорност беа во фокусот на студиската посета на новинари и граѓански активисти од Северна Македонија, што МИМ ја организираше од 2 до 5 јуни во Варшава.
Учесниците се сретнаа со претставници на полски институции, тинк-тенк организации и медиумски професионалци, како дел од иницијативата „Градење синергии против дезинформации, вклучувајќи ги и политиките и акциите на ЕУ“, поддржана од Делегацијата на Европската Унија.

На состаноците во Полскиот институт за меѓународни односи (PISM) и Центарот за Источни студии „Марек Карп“, се дискутираше за улогата на Полска во справувањето со заканите од манипулација со информации и поддршката на стабилноста во регионот. Средбата во Одделот за стратешки комуникација при Министерството за надворешни работи беше посветена на институционалните напори за справување со странски влијанија и информативни закани, особено во контекст на меѓународните кризи.
Во рамки на посетата, учесниците се сретнаа со полски новинари и уредници, со кои разговараа за искуствата за мониторинг на дезинформации, проверка на факти и одржување на уредничкиот интегритет. Во тинк-тенк организацијата „Polityka INSIGHT“ беа презентирани анализи за актуелните трендови во справување со манипулациите и улогата на независната аналитика во заштитата на јавниот интерес.