Неопходноста од почитување на Кодексот на новинарите и најчестите прекршувања на етичките стандарди од страна на медиумите во предизборни периоди беа во фокусот на двете дебати што Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите заеднички ги организираа на 14 и 15 октомври во Битола и во Скопје.  

Новинари, уредници и медиумски експерти дискутираа за клучните аспекти на професионалното известување во контекст на изборите, а претставниците на Советот за етика, Билјана Георгиевска, Мирче Адамчевски и Тамара Чаусидис презентираа одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ за да укажат на најчестите прекршувања на Кодексот кои се релевантни во предизборниот период.

Учесниците се согласија дека етиката и професионализмот во работењето на медиумите и на новинарите се важни секогаш, во секое известување, во секоја вест, извештај или истражувачка сторија. Но, известувањето на медиумите во предизборни периоди има специфична тежина, бидејќи директно влијание врз квалитетното информирање на граѓаните за изборната понуда и со тоа врз крајниот исход од изборниот процес. Пропустите при објавување точни и проверени информации, сензационализмот, мешањето факти и мислења, ширењето говор на омраза и злоупотребите при објавување исправки и деманти беа истакнати како најчести прекршувања не само за време на избори, туку и во редовното работење на медиумите.

deb sk1

Голем дел од медиумите денес живеат од политичките пари, смета Тамара Чаудисис.

„Платеното рекламирање и задолжителните изборни извештаи ги полнат информативните блокови до таа мера што речиси и да нема простор за „обични“ теми. А, дури и кога ќе ги има, тие често се обоени од логиката на кампањата. Така новинарството живее во постојан судир меѓу професионалниот идеал и економската реалност и тешко ја задржува професионалната дистанца – не затоа што не знае како, туку затоа што сè помалку има простор за него. Навивањето, механичкото пренесување и преобликувањето на фактите односно манипулирање – се трите најчести нарушувања на професионалната етика во изборно време. Кога станува збор за навивање – проблемот не е само во пропагандата, туку во тоа што се изгуби срамот од неа. Повеќе не се симулира неутралност. Партиските материјали се објавуваат како вести, портпаролите се претставуваат како новинари, а блискоста со политичари е јавна тајна“, истакна Чаусидис.

Низ динамични дискусии беа споделени размислувања за натамошно зајакнување на медиумската саморегулација, неопходноста од усогласување на домашното законодавство со европското и континуираната едукација со цел да се поттикнува одговорно новинарство и да се зголеми довербата во медиумите.


eu flag

Ко-финансирано од Европската Унија

Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.