Примената на вештачката интелигенција во редакциите и предизвиците што таа ги носи за саморегулацијата и за медиумската писменост на публиката, беше тема на панел-дискусијата што Македонскиот институт за медиуми ја организираше во рамки на годинешното издание на Деновите на медиумската писменост 2025. Панелот беше дел од заедничкиот настан организиран во соработка со Советот за етика во медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.  

Целта на средбата беше да се поттикне дискусија и размена на искуства за тоа како новите технологии влијаат врз работата на новинарите, новинарските практики и функционирање на редакциите, при што се отвораат нови прашања за етичките стандарди, одговорноста, транспарентноста и квалитетот на содржините што стигнуваат до публиката.

На панелот зборуваа четворица новинари и медиумски експерти, кои ги споделија своите искуства со примената на вештачката интелигенција при продуцирање на медиумски содржини. Тоше Огњанов, новинар и обучувач за мултимедијално новинарство, преку практични примери презентираше некои од можностите што ги пружаат алатките за ВИ за новинарите и за редакциите.

5n3a0171

Уредникот во ТВ Сител, Иван Кузмановски, врз основа на кратка анкета што ја направил со своите колеги во редакцијата, посочи дека новинарите ги користат алатките за ВИ, но повеќе на сопствена иницијатива, отколку како редакциска политика. Тој наведе дека на најголем дел од новинарите им се потребни дополнителни обуки за користење и примена на овие алатки.

5n3a0234

Зборувајќи за различните начини на примена на ВИ, Стефан Јањиќ од Катедрата за медиумски студии во Нови Сад ја истакна важноста од автентичност на медиумските содржини, како и ефектот што ВИ може да го има врз публиката.

5n3a0247

Укажувајќи на позитивните и на негативните страни на примената на ВИ во новинарството, експертот за медиумска писменост Михајло Лахтов, ја истакна важноста од вклученоста на новинарот во процесот на создавање содржини. Како негативни аспекти од примената на ВИ, тој ги посочи опасноста од губење работни места, манипулација со содржините, нетранспарентноста и униформноста.

5n3a0269

Овој настан беше организиран во рамки на регионалниот проект „Нашите  медиуми“, што се спроведува во земјите од Западен Балкан и Турција, со поддршка од Европската Унија.

Во продолжение на настанот беше презентирана анализата „Вештачката интелигенција во медиумите на Северна Македонија“ подготвена од експертките Снежана Трпевска и Марина Тунева, која се фокусира на поврзаноста на новите технологии со постоечките правни, етички и професионални стандарди.

Настанот заврши со јавна седница на Комисијата за жалби при СЕММ, на која членовите дискутираа за тековните претставки доставени до Советот.