Првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс „Никола Младенов 2025“ ja добија Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата „КОД“, за серијалот истражувања за пожарот во дискотеката „Пулс“ и новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка, за сторијата за тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“.
Наградата се доделува како признание за исклучителната професионална посветеност, истражувачка упорност и високоразвиено чувство за јавен интерес што овие редакции и новинари го покажаа преку своите истражувања, придонесувајќи за разоткривање на причините, пропустите и одговорноста поврзани со еден од најтрагичните настани во поновата историја на земјата – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со своите истражувања тие не само што отворија суштински прашања за институционалната одговорност, незаконските постапувања и системската корупцијата, туку и придонесоа јавноста да добие поцелосна, документирана и аргументирана слика за околностите што доведоа до трагедијата.
Втората награда ја делат тимот на БИРН Македонија за истражувањето и дата-базата за верските имоти на МПЦ-ОА и ИВЗ, и новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“.
Новинарите Фисник Џелили, за сторијата за злоупотребите на средства за третман на кучињата-скитници во Тетово, објавена на порталот Порталб и Александар Димитриевски, за сторијата „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“, објавена на „360 степени“, ја делат третата награда.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман им беа доделени на Мирослава Симоновска и Фросина Факова Серафиновиќ, Бјанка Станковиќ, Славица Филиповска Иванова и Михаил Милошевски.
На годинешниот конкурс што беше објавен на 27 јануари и траеше до 17 февруари 2026 година, пристигнаа 42 стории обработени во 122 текстови и видеоприлози.
Генерална оценка на комисијата е дека најдобрите стории оваа година се одликуваат со темелна проверка на факти, користење разновидни извори, серијален или долгорочен истражувачки пристап, јасна структура и способност комплексните теми да се преточат во разбирливи и влијателни новинарски производи. Токму овие вредности ја потврдуваат суштинската улога на истражувачкото новинарство како коректив на институциите и како важен столб на демократското општество.
Комисијата особено го нагласува фактот дека и во услови на ограничени редакциски ресурси, силни политички и економски притисоци и зголемена динамика на дневно информирање, истражувачкото новинарство во земјата продолжува да продуцира релевантни, храбри и општествено значајни содржини.
Комисијата им оддава признание на сите новинари и редакции во земјата, особено на локалните дописници од Кочани, Штип и од околните места, кои професионално и во согласност со етичките стандарди на новинарската професија, континуирано ги информираат граѓаните и влијаат врз подигнување на јавната свест, барајќи одговорност од институциите за причините и околностите кои доведоа до трагичниот настан во Кочани. Нивниот придонес има особена вредност затоа што станува збор за новинарска работа извршувана во исклучително тешки, чувствителни и емотивно оптоварени околности, при што професионалноста, етичноста и одговорноста кон јавноста останаа во прв план.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар Никола Младенов.
Во продолжение може да го преземете целосниот извештај на комисијата во кој детално се опишани вреднуваните аспекти на наградените стории.