Причините за создавањето и за ширењето на говорот на омраза, дезинформациите и пропагандата преку медиумите во Македонија најчесто лежат во поврзаноста на медиумите со политичките и со бизнис-центрите на моќ. Темите што ги „хранат“ овие феномени се генерираат од долгата историја на политичка и на етничка поделеност на општеството и вообичаено се засилуваат во кризни или во предизборни периоди. Говорот на омраза на политичка и на етничка, како и на сексуална и на родова основа е во пораст на социјалните мрежи.
Ова се некои од заклучоците во истражувањето „Политичка и економска основа на медиумските и на комуникациските модели што шират дезинформации и говор на омраза“, кое што го спроведе МИМ во рамки на проектот „ОТПОР: Граѓанското општество за медиуми без омраза и дезинформации“ што е поддржан од Европската Унија.