Прирачник за обучувачи „Учиме да распознаваме“

Прирачник за обучувачи „Учиме да распознаваме“

Овој Прирачник за обучувачи е изработен како практичен водич за секој што ја завршил обуката за медиумска и информациска писменост „Учиме да распознаваме“ (Learn to Discern – L2D) во рамките на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ (YouThink), за да може самиот понатаму да спроведува обуки за луѓето од својата заедница. Како обучувач за „Учиме да распознаваме“, ќе им помогнете на учесниците да ги разберат причините за ранливост на манипулации со коишто сите се соочуваме, да научат како пристрасноста и емоциите влијаат врз нашите одлуки, како изгледа денешниот медиумски пејзаж, кои се различните видови медиумски содржини и многу друго.

Прирачникот ги опфаќа најчестите стратегии за дезинформација и манипулација во медиумите и ги презентира основните алатки за проверка на информации и евалуација на различните медиумски пораки. Овој процес вклучува и градење емоционална отпорност на содржини што содржат елементи на медиумска манипулација. Програмата содржи многу глобални и локални медиумски примери, но притоа не ги означува медиумите како „добри“ или „лоши“, ниту им препорачува на учесниците кои медиуми да ги следат. Фокусот е врз способноста да се одолее на влијанието на сите форми на дезинформации што може да доведат до неинформирани одлуки, паника или страв.

Преку оваа обука, ќе им помогнете на учесниците да научат покритички да ги користат медиумските содржини, да стекнат вештини за идентификување на манипулацијата во сите нејзини форми и да користат алатки за проверка на информации и извори, со што ќе се зголеми барањето за поодговорно новинарство и за транспарентен проток на информациите. Ова е значаен потфат; затоа Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ го адаптираше овој Прирачник за обучувачи да биде што е можно попрактичен и корисен. Секоја лекција започнува со листа на потребни материјали и проценка за тоа колку време ќе ви треба да ја завршите. Секоја активност вклучува точки за разговор, совети за дискусија и детални инструкции, дури и ви кажува како да им ги разделите материјалите и како да ги поделите учесниците во групи. Сè што ви треба имате тука.