Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“ е петгодишен проект, кој ќе работи на воведување на концептот на медиумската писменост во формалното и неформалното образование за да им помогне на младите да се стекнат со вештини и знаења со кои полесно ќе се снајдат во медиумскиот и дигиталниот свет и ќе се заштитат од манипулации и злоупотреби. Програмата ја спроведува ИРЕКС, американска организација со своја локална канцеларија во Скопје и големо искуство во работата со медиумски и граѓански организации од Балканот, заедно со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.  Сите овие организации носат долгогодишно искуство во полето на медиумската писменост и работата со млади. Активностите на програмата Младите размислуваат се овозможени благодарение на финансиската поддршка од Американската агенција за меѓународен развој.

Проектот “Младите размислуваат“ се надоврзува на веќе постоечкиот пристап на ИРЕКС за обука за медиумска писменост – Учиме да распознаваме. Од 2015 година, Учиме да распознаваме работи со луѓе од најразлични возрасти во повеќе од 20 земји, на создавање вештини и навики кои ќе им помогнат да изградат отпорност против манипулациите со кои секојдневно се соочуваат. За разлика од традиционалните пристапи, Учиме да распознаваме ги приспособува обуките, наставните програми, ресурсите за наставници, игрите и онлајн курсевите на потребите и навиките на луѓето во различни средини и општества. Овој концепт е многу повеќе од проверка на факти, бидејќи користи примери од локални медиуми и им помага на луѓето да ги препознаат предрасудите и емоционалната ранливост на манипулации, како и да разберат како функционираат медиумите, вклучувајќи ги и социјалните мрежи.

Медиумската писменост им помага на учениците да станат помудри конзументи на медиумски содржини, но исто така и да станат подобри креатори на нивните сопствени содржини. Медиумската писменост им помага на учениците да научат како критички да размислуваат. Анализирајќи ги медиумските содржини, низ дискусија на часовите, тие доааѓаат до заклучоци за типот на содржините кои ги гледаат, слушаат или читаат, кој ги правел и со каква цел, какви идеи и ставови тие медиумски содржини им пренесуваат, што е вклучено, а што не, во информацииите кои ги добиваат.  Сите анализи покажуваат дека најдобар одговор на дезинформациитe и пропагандата се образовани млади луѓе кои развиваат критички пристап кон информациите. 

Напишете коментар