Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, на медиумските професионалци и активисти, како и на граѓаните со цел подобро да ги разберат трендовите и предизвиците поврзани со слободата и интегритетот на медиумите на Западен Балкан и Турција, се меѓу главните цели на регионалниот проект „Нашите медиуми“ што ќе се спроведува во следните три години (2023-2025).
Проектот ќе се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција, од страна на партнерските организации коишто се дел од Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ), Медиацентар (Сараево), Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), а со финансиска поддршка од Европската Унија.