Како да ги научиш учениците да размислуваат критички и да знаат да изградат сопствено мислење засновано врз неколку делумни, често контрадикторни информации? Најдобрите професори го прават ова користејќи го сопственото искуство и повикувајќи се на сопствените ментори – вели проф. д-р Никола Стиков.


Интернетот ветуваше непречена комуникација, но цената што ја плативме е преплавеност со информации. За жал, човечкиот мозок не е способен да плива во вакво море од информации, без разлика дали тие се точни или неточни. Лично, повеќе би сакал да добијам една неточна информација отколку сто точни, затоа што првото stikov2 1Никола Стикове лесно да се провери, а второто може да ме преплави и да ме парализира. Што ако сто и првата информација е онаа клучната? Треба ли да соберам уште сто нови информации пред да го применам тоа што сум го научил? – вели проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал, Канада. Со него и со професорот по географија од битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ поразговаравме за тоа како да им помогнеме на младите кога учат нешто да ги избегнат дезинформациите.

Поважно е да научиме да се справиме со приливот на информации, па дури потоа да се концентрираме на нивната точност. Затоа е важно да се има искусен ментор што ќе ги дозира информациите, додава Стиков.

– Менторите се како мускули (од оние на дување) што ве држат на површина и не ви дозволуваат да се изгубите во длабокото. Дури откако ќе научите да пливате, можете да почнете да се нурнувате под површината и да ловите информации во матно – објаснува нашиот ценет професор во Канада.

Поголем проблем се делумните информации

Со него поразговаравме за тоа каков предизвик е кога младите учат, да научат да ги разликуваат неточните информации, лажните во однос на вистинските информации.

Неточната информација лесно се побива, особено ако станува збор за нешто што е доволно старо за да се најде во учебник. За формули и за дефиниции е доволно да проверите на „Википедија“ и ќе знаете дали станува збор за грешка. Поголем проблем се делумните информации, оние што технички не се неточни, но кажуваат само една страна од „лекцијата“. Овие делумни информации се вистинскиот предизвик за професорите. Како да ги научиш учениците да размислуваат критички и да знаат да изградат сопствено мислење засновано врз неколку делумни, често контрадикторни информации? Најдобрите професори го прават ова користејќи го сопственото искуство и повикувајќи се на сопствените ментори. Ако сте имале добар ментор, тогаш големи се шансите дека и вие ќе им бидете добар ментор на идните генерации – вели Стиков.

Задолжително да се пребарува од официјални веб-страници

Според Мите Ристов, професор по географија од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, наставниците треба да ги насочат и да ги посочат официјалните веб-страници од каде ученици да почнат со своите истражувања, а потоа кога ќе ги осознаат тие информации, да продолжат со истражување и преку други извори ќе можат да ги надградат стекнатите знаења.

Во новото дигитално време имаме широкодостапни информации, кои, за жал, голем дел од учениците и од студентите не знаат соодветно да ги искористат. Всушност, секој ученик при учењето одредена материја, задолжително треба да започне со пребарување од официјални веб-страници. Така, на пример, доколку сакате да истражувате за одредени параметри на светското население, задолжително се започнува од официјалната страница на Организацијата на Обединетите нации https://population.un.org/ или во Македонија од Државниот завод за статистика www.stat.gov.mk – посочува Ристов.

Стиков: Ако некоја информација многу ви се допадне, тогаш бидете уште посомничави

Стиков признава дека секојдневно се среќава со предизвикот дали нешто е веродостојно или не и вели дека „науката е полна со дезинформации и полувистини“.

Оваа неизвесност е и нејзината најголема убавина: изразувате сомневање (хипотеза) и потоа барате докази што ќе ја потврдат или ќе ја одбијат хипотезата. Кога читам некој научен труд, првиот инстинкт ми е да не му верувам на напишаното. Понекогаш авторот на трудот успева да ме убеди дека е во право, и кога тоа ќе се случи, тогаш се чувствувам како да сум имал просветление. Впрочем, секое револуционерно научно откритие некогаш било окарактеризирано како лажна вест, затоа што без сомнеж нема добра наука – вели тој.

Никој не е имун на дезинформации, а јазичните модели како ChatGPT успеваат да ме излажат речиси секојдневно, споделува Стиков.

Еве еден рецепт за справување со овој проблем: ако некоја информација многу ве изнервира, оладете ја главата и побарајте ја истата информација од друг независен извор. Ако некоја информација многу ви се допадне, тогаш бидете уште посомничави. Проверете ја барем од уште два извора пред да ѝ се израдувате. Сите информации се делумни и секогаш постои аспект што не сте го земале предвид. Наместо да собирате информации како компјутер, собирајте искуства како човечко суштество, бидејќи само искусниот човек е добро информиран човек.

mite ristov2Мите РистовУчебникарството во Македонија во последните 20 години доста уназадуваше. Наместо современи учебници што ќе бидат илустрирани со соодветни карти, графикони, слики и прашања што ќе го подигнат логичкото и критичкото размислување на учениците, во нашите учебници сè уште преовладува фактографија и готово знаење, кое учениците треба само да го репродуцираат. Кога на оваа состојба ќе ги додадете многубројните грешки и нелогичности во учебниците, тогаш можеме да сфатиме зошто нашите ученици постигнуваат слаби резултати на меѓународните тестирања – категоричен е Ристов.

Повторно професорите се клучната алка во дополнување на материјалот, негово дообјаснување и исправање на неточните информации. Професорите се тие што без двоумење мора да ги исправат работите, бидејќи е жално учениците да ги учиме на неточни информации. Од друга страна, потценувањето на улогата на наставникот од страна на општеството и институциите, особено ставањето во ист кош на наставниците што вистински се трудат да го подобрат образовниот процес со оние што не придонесуваат со ништо за тоа, влијае демотивирачки врз наставниците, што придонесува за сè почеста појава на игнорирање на грешките во учебниците и уназадување на наставниот процес. Соодветното коригирање на недостатоците од учебниците бара доста истражување, споредување релевантни информации, што од друга страна значи потрошено време и интелектуален труд, за кој наставникот не е платен – вели професорот.

Новиот концепт е целосно погрешен

Не само наставниците, туку и учениците, кога усвојуваат нови знаења, треба да размислуваат за тоа што го учат, да извлекуваат логичка поврзаност на знаењата, и доколку кај некои содржини е видлив некој недостаток, да ја искористат достапноста на информации и нелогичностите да ги истражат и да ги споредат. Само користењето повеќе извори, може да ги пополни празнините и да нè увери дека она што го учиме е точно, објаснува Ристов.

fejk

Генерално добро подготвениот наставник, во однос на предметот што го предава, не би требало да дојде во ситуација да размислува за веродостојноста на информациите. Но, секако, од денешна перспектива и грешките низ учебниците, наставниците често се ставаат во ситуација на „прашалници“ по одредени содржини, па затоа тие мораат да вложат значителен напор за пронаоѓање на точните информации. Со новата Концепција за основно образование оваа ситуација ќе биде уште повеќе изразена, бидејќи според нормативот, предметот Природни науки во VI одделение ќе го предаваат наставници по географија, биологија, хемија, физика и др., а наставните содржини се целосно измешани. Така, наставник по географија ќе треба да предава и за органи на човечкото тело, за супстанции и за електрицитет. Замислете во каква ситуација ќе се најдат таквите наставници, кога ќе треба да излезат пред учениците и да предаваат за нешто што никогаш не го учеле на факултет, и замислете како тие наставници ќе можат да се справат со неверодостојните информации по предметот! Концептот е целосно грешен и наместо поврзување на знаењата од различни науки, ќе придонесе до уназадување на образовниот процес и до уште послаби знаења на учениците.

Како еден професор се снаоѓа со вистините и со невистините на мрежата? Според Ристов, искуството е тоа што нè учи дека не треба слепо да веруваме во сè што ќе прочитаме и видиме.

Секоја информација што ни изгледа сомнителна, мораме да ја провериме од повеќе страни. Сум дошол во ситуација да се подразмислам за тоа што го читам, бидејќи информацијата била многу интересна или битна за мене, но секогаш практикувам нејзино потврдување од повеќе извори. Токму тоа искуство во селекцијата на информации го немаат младите и сметам дека тие се најподложни на паѓање на дезинформации. Повторно наставниците, но и родителите, треба да бидат столбот против дезинформациите, со тоа што ќе разговараат со нив, ќе им посочат практични примери и ќе ги посоветуваат како да постапат во различни ситуации. Улогата на наставникот не е само во образовната, туку и во воспитната компонента. Работиме со деца што треба да се оспособат да можат да се изборат со предизвиците на новото време, но, за жал, сите овие напори паѓаат во вода, кога гледате како општеството гледа потценувачки на оваа улога на наставникот. Затоа државата, час поскоро, мора да вложи големи напори и средства во образованието и во враќање на достоинството на наставниците! – категоричен е Ристов.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

 

Pastel Retro Computer Reminder Instagram Post by Slavco Milenkovski

Напишете коментар