freepik edit candid image photography natural textures highly r21 3bc

Известувањето на медиумите во Северна Македонија за одредено општествено прашање, зависи од самата проблематика што се обработува. Често електронските медиуми го преземаат „бајракот“ за што побрзо известување, но не секогаш со проверени вести. Во нашата земја приватните национални телевизии остануваат толку класични во известувањето што не успеваат да го следат трендот на технолошкиот развој на новите медиуми.

Комфорот што си го создадоа со поседување лиценци од Агенцијата за аудиовизуелни услуги, ги направи да имаат ограничени телевизиски продукции освен информативните изданија, при што се движат на тенка законска линија. Во „прајм-тајм“ времето е најчесто исполнето со увезени готови продукции, а ретко со содржини што се едукативно-забавни и потребни.

Она во што медиумите најмногу инвестираат е информацијата. Всушност, гледаноста и рејтингот на еден медиум се мерат преку доверливи, точни и навремени вести. Во борбата за освојување на „медиумската власт“ и приматот во јавноста, силата на информацијата често ги надминува и новинарските етички граници преминувајќи во сензационализам. Оваа последна тенденција се јавува дури и кај класичните медиуми, во обид да го следат трендот први да ја пласираат веста. Но, новите електронски медиуми, какви што се видеопорталите, ослободени од правна одговорност, сензационализмот го претвораат во секојдневна специјалност.

Извештаите во нашата земја во последно време, на пример за полициската акција за уништување на наркокартелот и криминалната банда „Барон-Беланоца“, како и за гонењето на некои поранешни функционери за висока корупција кои избегаа неколку часови пред затворањето на границите, беа класични примери кога самата држава и политиката ги диктираат темите во медиумите. Од тој ден па наваму, сите медиуми известуваа за бегството на поранешниот премиер Артан Груби, додека тоа што водачите на наркокартелот сè уште се во бегство и понатаму е во медиумска сенка.

Иако некои членови на криминалната група беа во затвор за други кривични дела, последните обвиненија против нив се поврзани со откривање 8 (осум) платени убиства за расчистување пресметки меѓу банди, кои беа озлогласени и за лихварство и рекет. Но, речиси никој не се занимаваше со деталите на оваа втора акција, која речиси две децении го држеше општеството во страв, ги тероризираше бизнисите и предизвикуваше ужас во земјата.

На денот кога полициската акција сè уште не беше завршена, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го истакна спектакуларното бегство на поранешниот заменик-премиер Груби, а поголемиот дел од прашањата на новинарите на прес-конференцијата беа насочени кон таа тема. Во меѓувреме, на терен беа распоредени елитни единици за брза интервенција, детективски служби за деминирање на армијата и булдожери за пронаоѓање бункери со оружје и валкани пари. Од тој ден, медиумите во земјата продолжуваат да „копаат“ и да известуваат каде Груби го испил последното кафе. Ништо подлабоко од тоа! Како самиот државен апарат го пушти да избега? Случај што слично се повтори со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Имено, една народна поговорка во нашата земја вели „секое чудо за три дена“! Намерно или несвесно, и медиумите почнуваат да ги следат најсензационалните вести, кои ја задоволуваат жедта на онлајн публиката за генерирање кликови, кои на крајот од денот се монетизираат. Ова е само еден од последните примери кога, додека на хоризонтот се појавува непријатен настан, одредени политички или бизнис групи наметнуваат друга случка за да го дефокусираат вниманието на граѓаните. Но, каде е тука интересот на јавноста? Колку се внимателни гледачите и читателите за да ја откријат вистината одделувајќи го „житото од плевелот“?

Ги прашавме и медиумските експерти и комуниколозите за начинот на известување на медиумите во нашата земја, дали тие доволно навлегуваат во суштината за да осветлат некој проблем, да фрлат светлина врз информацискиот мрак што одредени служби се обидуваат да го скријат за реалната состојба на некоја ситуација, настан, убиство, криумчарење, финансиски криминал или дури и висока јавна корупција.

Комуникологот Бојан Кордалов изјави дека институциите често го вперуваат прстот кон медиумите, но самите се виновни за сокривање информации, а новинарите се принудени да се повикуваат на неофицијални извори бидејќи љубопитноста на јавноста е бурна во оваа ера на нови електронски медиуми.

Бојан Кордалов, комуниколог: „Не би сакал да генерализирам дека има некои медиуми и поединци што не ги почитуваат правилата, но главно висока е довербата кон медиумите токму од причината што граѓаните најмногу очекуваат да ги добијат релевантните информации од традиционалните медиуми. Главниот акцент дали нешто ќе се извести во рамките на законите, дали ќе биде во рамките на стандардите, или, пак, ќе ги надмине, би го оставиле кај институциите што ги спроведуваат нив. Доколку тие институции самите поттикнуваат сензационализам, поттикнуваат таков начин на известување, тоа ќе биде евидентно и ќе се прошири во медиумите. Од другата страна, такви институции што не се транспарентни и не постапуваат набрзина на доставување на информациите или ‘ќе ве известиме утре за подетални информации’, логично е дека медиумите сакаат да добијат повеќе информации, бидејќи граѓаните ги чекаат тие вести. Во секоја земја зависи од степенот на демократијата и од степенот на слободата на медиумите како ќе ги пренесуваат информациите и колку ќе се сосредоточат врз публиката, односно нема да бидат под влијание на властите и на политичките партии или на сопствениците. Инаку, главно на Балканот, во земјите кандидати за членство во ЕУ, за жал сè уште се поставуваат и медиумските и демократските стандарди, и мислам дека тоа е процес што треба побрзо да се заокружи за да имаме навистина стандарди кога известуваме.“

Регионалните медиуми имаат поинаков пристап кон најсензационалните настани во моментот. За да направиме споредба со земјите од регионот како се известува таму за сензационални случувања, ја земавме Албанија како пример. Во соседната држава известувањата за настани поврзани со висок криминал ги исполнуваат таблоидите и главните наслови на вестите. Како се известува за слични настани, на пример во Албанија, за акциите на Специјалното обвинителство СПАК против организираниот криминал и корупцијата, за оваа тема зборуваше медиумскиот експерт од Тирана, универзитетскиот професор Адри Нурелари.

Адри Нурелари, медиумски експерт

„Медиумите, како актери што ја следат работата на државните институции, не треба да бидат зависни, но во Албанија известувањето е селективно, во зависност од медиумската сопственост и фактот што медиумите се финансираат од владата. Тие се користат како инструмент на моќ од сопствениците за да обезбедат привилегии и да се вклучат во коруптивни афери, тендери и други форми на злоупотреба, што направи истражувачкото новинарство речиси да не постои. Во тие ретки случаи кога постои истражувачко новинарство, тоа се занимава со периферни актери и често се користи како инструмент за уцена за остварување приходи. Во случаите на СПАК нема ниту еден случај што излегол во јавност како резултат на скандали објавени од медиумите. Сите случаи се обвиненија што опозициските партии ги упатуваат против клучни државни фигури, односно тоа не се информации објавени од медиумите. Пријавите за коруптивни афери обично треба да доаѓаат од медиумите и од граѓанското општество. Разликата ја прават одредени медиуми, кои се финансирани од меѓународни донаторски проекти. Со социјалните мрежи многу се разви „граѓанското новинарство“ во Албанија, каде што секој пријавува случаи на разни прекршувања и станува известувач од местото на настанот. Свесноста на граѓаните да реагираат на секоја неправда би го зголемила притисокот оддолу-нагоре врз институциите за да направат промени во позитивна насока. Јавноста треба да биде будна за да ја разликува пропагандата од информацијата и да ги бојкотира сите конвенционални, но и нови медиуми што поттикнуваат сензација.“

Развојот на медиумите во регионот се одвива со брзи чекори. Како во Албанија и во Косово, така и во Бугарија, Грција и во Србија. Но, според статистичките податоци, состојбата на медиумите во Западен Балкан се влошува како резултат на повторените напади врз слободата на медиумите и систематското поткопување на професијата. Во Светскиот индекс за слобода на печатот (медиумите) и на „Репортери без граници“, земјите од Западен Балкан сега се рангирани меѓу најниските од сите европски земји. Од 180-те земји на овој список, Босна и Херцеговина е на 58. место, по неа следуваат Косово на 70. место, Албанија на 84. место, Северна Македонија на 92. место, Србија на 93. место, како и Црна Гора на 105. место.

Автор: Аднан Ќаили


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.

Напишете коментар