Добрата истражувачка сторија подразбира:
1. Обработка на тема која е значајна за пошироката јавност и која открива нешто ново;
2. Темелна истрага од страна на новинарот;
3. Одговор на основните новинарски прашања: кој, што, кога, каде, како и зошто?
4. Употреба на докази и факти од повеќе извори;

Истражувачкото новинарство ги штити демократските процеси и јавниот интерес
Истражувачките стории обелоденуваат нешто што некои поединци, институции или други центри на моќ сакале да го сокријат од јавноста, или пак откриваат корупција, несоодветно дејствување, злоупотреба на власта итн. Откритијата треба да иницираат институционално разрешување на незаконските дејства и злоупотребите. Тоа е во интерес не само на новинарот и на редакцијата, туку, пред сè, на граѓаните.

Новинарите истражувачи секогаш се гледаат себеси како чувари на јавниот интерес. Преку разоткривање на злоупотребите и неправилното работење, тие имаат цел да поттикнат поодговорно однесување на институциите (јавни и приватни) како и на поединците кои се дел од нив.

Истражувачките приказни најчесто разоткриваат прекршувања на правилата и на законската регулатива
Новинарите прават споредба на тоа како работат организациите, со начинот на кој тие би требало да работат. Успешните истражувачки стории ги разоткриваат не само индивидуалните пропусти и злоупотреби, туку и системските недоследности. Овие истражувања најчесто покажуваат дека незаконското однесување на одредени индивидуи е дел од поголема шема на злоупотреби на системот.

Истражувачкото новинарство може да биде фокусирано на:
– откривање скандали или прекршувања на законската регулатива и на морално – етичките стандарди од страна на поединци или институции;
– истражување на политиката или работата на владините институции, компаниите или на други организации;
– истражување на социјални, економски, политички и културни трендови;

Кај истражувачкото новинарство:
– информацијата не може да биде објавена се додека новинарот не се увери дека таа е комплетна и кохерентна;
– истражувањето трае се додека не се потврди приказната, но, понекогаш продолжува и по нејзиното објавување;
– сторијата се повикува на максимално расположливи информации и може да биде прилично долга;
– приказната бара консултирање исцрпна документација, со која ќе се потврдат или негираат изјавите на изворите;
– без личен ангажман на новинарот приказната никогаш не може да биде комплетирана;
– драматичната структура на приказната е од суштинско значење за нејзиното влијание во општеството;
– приказната треба да се разгледува од сите можни агли;
– евентуалните грешки во откритијата на новинарот, освен што можат да доведат до формални и неформални санкции, може негативно да влијаат врз кредибилитетот на самиот новинар, но и на медиумот.

Новинарското известување базирано врз еден извор не може да се смета за истражувачко
Истражувачкото новинарство вклучува користење повеќе извори, човечки, но и документирани. Тие заедно креираат јасна слика за одредени злоупотреби или неправилно работење од страна на одредени институции или поединци.

Известувањето кое се базира само на протекување на доверливи информации од одредени институции („Leak journalism“) нe e истражувачко
Протекувањето на доверливи информации може да биде добра основа за истражувачко новинарство. Но, притоа, новинарот треба длабински да ги истражи и потврди тие информации и да им даде смисла. Во спротивно, таквото известување може да биде искривено и нецелосно.

Истражувачкото новинарство наспроти дневното известување
Известувањето за секојдневните настани вообичаено нема истражувачка компонента, бидејќи се базира на информации кои произлегуваат од официјалните институции или пак, како реакција на официјалните соопштенија. Дневното известување главно се однесува на настани за кои сведочат самите новинари или пак интервјуираните сведоци, а новинарите ретко прибегнуваат кон подетално истражување на она што е кажано и она што се гледа. Текстовите најчесто се базираат на еден извор или пак на анонимни извори, и нема одговор на прашањата зошто и како, туку само на кој, што, каде и кога. Истражувачкото новинарство не подразбира само известување за она што го соопштуваат другите (владините институции, политичките партии, компаниите или итн). Тоа бара потемелен и суштински ангажман на новинарот, кој на сопствена иницијатива оди подалеку од она што е кажано и видено, со цел да разоткрие повеќе факти и да открие нешто ново, претходно непознато за јавноста. Истражувачката приказна има цел да иницира одредена акција, да предизвика промени, да обелодени нешто што е направено на несоодветен начин, а за што јавноста не била запознаена.

Напишете коментар