Едногодишната школа за новинарство (ЕШН) е проект за создавање практично новинарско образование кое ќе придонесе за подобрување на професионалните стандарди и етички вредности во медиумите во Македонија. ЕШН промовира нов современ начин на образование, кој го практикуваат најпознатите факултети за новинарство и специјализирани новинарски школи од Европа и од Америка. Повеќе
Истражувањето кое го спроведе МИМ во 2003, кое требаше да даде одговор колкава е застапеноста на новинарите-Роми во најголемите и највлијателните медиуми, даде разочарувачки резултати. Новинари Роми, освен во ромските медиуми, речиси и да нема. Тоа е и една од причините зошто за темите врзани со ромската заедница во Македонија медиумите многу често известуваат необјективно, со предрасуди и градејќи стереотипи. Ова истражување беше поводот да започнеме да размислуваме за создавање на програма преку која не само што ќе понудиме новинарска едукација за новинари-Роми, туку овие млади луѓе и ќе ги вклучиме во најголемите и највлијателните медиуми во државата. Повеќе
Стратегијата 2005-2007 која ја изработи Вториот управен одбор на МИМ, како еден од приоритетите на МИМ за овој период го постави и развојот на цивилното или граѓанското новинарство. Учеството во Проектот за зајакнување на цивилното општество во Македонија е дел од процесот на иницирање граѓански теми во медиумите и приближување на комуникацијата меѓу новинарите и граѓанските организации. Проектот чија цел е да придонесе за развивање на посериозен и посилен невладин сектор во Македонија е финансиски поддржан од УСАИД. Во неговото спроведување, покрај Македонскиот институт за медиуми учествуваат и Европскиот центар за непрофитно право, Центарот за институционален развој и главниот координатор на активностите – Институтот за трајни заедници. Активностите во овој тригодишен проект се насочени кон институционално зајакнување на 13 граѓански организации кои беа избрани на конкурсот во 2005 година. Повеќе
Македонскиот институт за медиуми, во соработка со BBC World Trust, од 1 септември 2006 почна со реализацијата на проектот “Акција на медиумите и јавната администрација за зголемување на транспарентноста во Македонија“. Проектот ќе трае до 30 јуни 2007 и содржи неколку модули на теми за економијата, транспарентноста, организираниот криминал и др. Целта на проектот е зајакнување на националните медиуми во тој домен, како и подготовка и обучување на преставниците на јавната администрација со дополнителни вештини и техники, кои ќе им овозможат поуспешна борба со корупцијата во нашите институции, а ќе го подобрат и нивото на транспарентност и одговорност на државните органи. Учесници се 30 новинари, 20 камермани и 10 видео монтажери од главните национални и регионални телевизиски станици: А1, Сител, Канал 5, АлСат, МТВ 1, МТВ 2, ЕРА – Скопје, Кис – Тетово, Ирис – Штип и Тера – Битола. Повеќе
Доделувањето на наградата за најдобра истражувачка сторија на годината шестта година по ред ја прават една од најзначајните новинарски награди во државата. Пред точно шест години оваа награда се роди како обид за промоција на истражувачкото новинарство и поттик, особено на помладите автори, да истражуваат и да создаваат истражувачки стории. Секоја година наградата привлекува голем интерес во новинарската заедница. На конкурсот кој траеше од 13 јануари до 15 февруари 2006 година пристигнаа вкупно 58 стории кои влегоа во конкуренција за една од трите главни награди. Одлуките за најдобрите истражувачки стории во 2005 година ги донесе независната Комисија во состав: Зоран Бојаровски, заменик главен уредник на неделникот “Форум плус”, Ѓеорѓи Барбаровски, главен уредник на дневниот весник “Време”, Горица Попова одговорен уредник на Секторот Вести на МРТ, Мухамед Зекири, главен и одговорен уредник на ТВ Алсат ЕН и Сашко Голов, новинар и претседател на Центарот за развој на демократијата. Тие одлучија сторијата на Петре Димитров од неделникот Капитал “Како се трошени парите од Телекомот” да ја земе првата награда на овогодинешниот конкурс. Добитник на втората награда беше Александар Божиновски, новинар во дневниот весник “Време” за серија текстови за “Случајот Калид ел Мастри”, а третата награда комисијата ја додели на новинарката Љубица Гроздановска од дневниот весник “Дневник” за серијата текстови “Складирање на радиоактивниот отпад – Чојлија”. Трите награди се парични во вредност од 50.000, 35.000 и 20.000 денари. Поради големиот број квалитетни стории на конкурсот, Комисијата донесе одлука да додели две дипломи за Андријана Георгиев и Иван Блажевски, новинари во весникот “Време”, како признание за нивниот исклучителен труд во истражувачкото новинарство, Доделувањето на јубелејните, петти по ред награди за најдобри истражувачки стории се одржа на 28 март на Скопскиот саем. Поддршка во организацијата МИМ доби од Шведскиот хелсиншки комитет за човекови права и од Скопскиот саем. МИМ и оваа година ќе додели награда за најдобра истражувачка сторија. Уште во септември минатата година МИМ ги покани сите професионални новинари и редакции во Македонија да аплицираат со истражувачки стории, кои би ги објавиле до крајот на 2006. Институтот поддржа 8 новинари и трошоците за нивното истражување ги покри со износ од пет илјади денари. Конкурсот за најдобра истражувачка сторија за 2006 година траеше од 15 јануари до 15-ти февруари 2007 година.
Секоја година Европската комисија во Македонија ја доделува наградата Жан Моне за најдобриот текст објавен во печатените медиуми кој обработува теми поврзани со ЕУ за 2006 година и со подобрувањето на информираноста на јавноста за претпристапниот процес на Македонија кон Европската Унија.. Минатата година, на четвртиот традиционален годишен конкурс, МИМ за првпат учествуваше во организацијата на оваа манифестација. Наградата, статуетка и парична награда од 500 евра, ја доби Верица Јорданова, уредничка во неделникот Капитал.
Македонскиот институт за медиуми, во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество, минатата година за првпат иницираше доделување награда за медиум од Македонија што со своето известување во 2006 година најмногу придонесе за развојот на цивилното општество. На 12-ти септември во просториите на НВО Инфоцентарот, МИМ и ИТЗ на прес-конференција го најавија Изборот и ги презентираа деталите поврзани со гласањето. Право на глас имаа невладините организации регистрирани во еден од судовите во Македонија како: здружение на граѓани, фондација или подружница на странска организација. Гласањето траеше од 12 септември до 10 декември 2006 година. Невладините организации решија добитник на Годишната награда на цивилното општество да биде А1 Телевизија. Наградата не беше парична, а медиумот доби диплома. Освен тоа, на МТВ, Сител и Утрински весник им беа доделени посебни благодарници за следење на работата на невладините организации и за нивниот придонес во зајакнувањето на граѓанскиот сектор во земјава. Церемонијата се одржа минатиот месец.
Исфрлање на клеветата и навредата од казненото право и сместување во граѓанското е процес кој е мошне актуелен во цела Европа и се иницира со цел поголема примена на слободата на говорот. Со истите цели, Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинари на Македонија, поддржани од страна на ОБСЕ, Македонија и претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ во Виена покренаа кампања со цел да лобираат за промена на законодавството во Македонија во оваа област и негово приближување кон европските стандарди. Со цел да се слушнат мислењата и ставовите на домашните и странските експерти околу оваа тема, МИМ и ЗНМ на 9-ти и 10-ти февруари во Скопје ја организираа меѓународната конференција Декриминализација на кривичните дела за навреда и клевета – размена на позитивни искуства. На оваа конференција повеќе од стотина новинари, медиумски експерти, претставници на меѓународните организации и владините институции од Македонија и странство разменија искуства и идеи на оваа чувствителна тема. Тогашната министерката за правда, г-ѓа Мери Младеновска – Ѓорѓиевска на конференцијата ја истакна подготвеноста на Министерството за правда да одговори на ваквата иницијатива: “Министерството за правда е подготвено да одговори на барањето за бришење на затворските казни за клевета и навреда бидејќи е во интерес и на новинарите и на граѓаните. Прифаќаме да разговараме за декриминализацијата на овие дела и да иницираме законски измени”. Сличен став имаше и тогашниот Претседателот на Собранието на Р.М. г-нот Љупчо Јордановски, кој соопшти дека најмногу реформи во светот се направени токму во оваа област: “Ниту една земја-членка на Советот на Европа не применува казни за овие дела, а заштитата на угледот што мора да се почитува може да се практикува и низ граѓански парници”. На конференцијата присутните се сложија во едно, а тоа е дека декриминализацијата не смее да создава простор за злоупотреба и дека мора да постои тело кое ќе внимава на етиката и професионалноста на новинарите. Кампањата на МИМ и на ЗНМ заврши успешно со усвојувањето на предложените измени за бришење на казната затвор за навреда и клевета во Кривичниот законик од страна на Собранието на Р.М . во мај, 2006 година.
Данското здружение за истражувачко новинарство и ЛОБИ/Pressonline од Скопје, на 18 март во просториите на МИМ ја одржаа еднодневната работилница за новинари “Истражувачко новинарство – можности за финансирање на истражувачки проекти“. Тема на работилницата беше Програмата за развој на истражувачко новинарство (SCOOP) која во минатите неколку години успешно се спроведува во Украина, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Молдавија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Работилницата им овозможи на учесниците да се запознаат со проектот и со начините на користење на финансиска помош за истражувачки приказни.
Македонскиот институт за медиуми уште од основањето големо внимание им посветува на специјализираните еднонеделни обуки наменети за активните новинари. Овојпат, со поддршка на Американската амбасада, од 21 февруари до 3 март ја организираше двонеделна обука за известување за судски процеси. Новинари кои покриваат теми од судството од многу редакции во Македонија имаа можност да ги чујат американските искуства и стандардите во известувањето од судски процеси, а разменија и мислења за стандардите на нашите известувачи и начините за подобрување на известувањето за судството и судските процеси. Обуката покрај предавањата кои ги одржаа Стив Кун, консултант и предавач по меѓународни комуникации, и Зоран Бојаровски тренер на МИМ, содржеа и серија интерактивни вежби кои овозможија присуство на различни судски процеси. Гости на обуката беа претставници на судската власт, јавните обвинителства и Министерството за внатрешни работи.
МИМ се почесто организира активности кои имаат цел да ја подобрат комуникацијата на професионалците од различни сфери со медиумите и со јавноста. МИМ создаде искусен тим на предавачи чија цел е да ги подобрат комуникациските способности на учесниците во обуките, да ги научат и советуваат како да организираат сопствени прес-конференции, како да даваат интервјуа за медиумите, како да напишат соопштение за јавност, да изработат сопствена веб-страница или свој информатор. Ова беа техниките кои ги совладаа учесниците на двете обуки од овој вид организирани во периодот од јуни 2005 до јуни 2006.
Во текот на 2006 година Македонскиот институт за медиуми (МИМ) го издаде извештајот од мониторингот во 2005 година „Телевизијата во Европа: прописи, политика и независност“. Серијата извештаи, подготвени од Програмата за мониторинг и застапување во ЕУ на Институтот отворено општество (ИОО), во соработка со Мрежната медиумска програма на ИОО, претставува исклучително навремен и значаен придонес кон тековната и се` поургентна дебата околу иднината на телевизијата во Европа. Оваа серија на 277 страници вклучува регионален преглед и 20 поединечни извештаи посветени на состојбите во телевизијата – во јавниот сервис и во комерцијалната радиодифузија. Земјите опфатени со мониторингот ги вклучуваат цела Централна и Источна Европа, Југоисточна Европа, одбрани земји од Западна Европа и Турција.
Соработката на МИМ со медиумските центри и институции од регионот се одвиваше успешно во текот на целата година. Во овој период, редовни беа активностите на СЕЕНПМ-Мрежа на медиумските центри од Југоисточна Европа, во која МИМ е член од формирањето. Заедничките проекти почнати во 2005-та, продолжија и во 2006 година. Актуелни беа проектите: Етиката и новинарството во Југоисточна Европа и Медиуми: Бизнисот во етиката, етика во бизнисот. Од овие два големи истражувачки проекти се родија истоимените публикации кои ги објави МИМ при крајот на 2005, а минатата година се одржаа новинарски обуки и работилници во Софија, Нови Сад, Опатија и во Тирана, на кои МИМ делегираше новинари од медиумите кои се негови членови. Како дел од активностите во рамките на оваа мрежа на почетокот на март претставник на МИМ учествуваше и на создавањето на Мрежа на истражувачи кој во рамките на СЕЕНПМ ја иницираше организацијата „Аксес“ од Софија. Претставници од Македонија преку МИМ учествуваа и на конференцијата во Тирана посветена на дигитализацијата на телевизиите во Европа и на конференцијата во Софија посветена на создавање мрежа на медиумски истражувачи во регионот.
Македонскиот институт за медиуми на 27 јуни 2006 година го прослави својот мал, но мошне значаен јубилеј – 5 години од своето постоење. На прославата која што се одржа во Клубот на пратениците во Скопје присуствуваа над 300 гости, меѓу кои голем број новинари, дипломати и пријатели со кои Институтот соработуваше во изминатите 5 години. Во поздравното обраќање до гостите, извршната директорка Жанета Трајкоска ги презентираше резултатите од досегашната работа, при што истакна дека дека над 1000 новинари во изминатите 5 години беа дел од програмите и тренинзи во МИМ, а повеќе од 100-тина новинари беа испратени во странство на различни обуки во рамките на регионалната соработка. Таа ги посочи најважните програми реализирано досега и влијанието што тие го остварија врз професионализацијата на медиумскиот простор во Македонија. Оваа прилика беше искористена и за свечено врачување на дипломите на 24-те студенти кои успешно ја завршија ЕШН и студентите од Програмат за едукација на новинари- Роми. Колкаво е значењето и на двете програми говори фактот што над 90% од овие студенти веќе се ангажирани во највлијателните медиуми.