Времетраење: 2018 – 2020
Донатор: Европска Унија
Опис: Целта на проектот е преку унапредување на писменоста за вести и на дигиталната писменост, да се подобри ефективноста, одговорноста и етиката меѓу припадниците на граѓанското општество и на новинарите при користењето на правото на слобода на мислење и изразување.
Проектот ќе придонесе кон зголемување на знаењето на граѓанските организации со цел да можат ефективно да се справуваат со лажните вести и неетичкото известување во медиумите, ќе им помогне на корисниците на социјалните медиуми да станат информирани консументи на онлајн вести и информации и активни граѓани кои одговорно се однесуваат онлајн. Исто така, проектот ќе поттикнува дебата за писменоста за вести и дигиталната писменост меѓу новинарите, со акцент на економските и социјалните услови за унапредување на слободата на изразување.
Активностите се дизајнирани во насока на зајакнување на знаењата и капацитетите на целните групи, за тие да можат понатаму да ја промовираат писменоста за вести и дигиталната писменост, како во медиумската индустрија, така и меѓу пошироката публика. Дел од нив предвидуваат обуки, менторирање и регрантирање на граѓански организации, подготовка на стратегија за социјалните медиуми, како и истражување за мотивациите на корисниците на социјалните медиуми и разновидни едукативни ресурси (видеа, туторијали, блог-постови, онлајн квизови). Дополнително, ќе се спроведуваат кампањи и медиумски настани наменети за корисниците на социјалните медиуми, новинарите и граѓанските организации, ќе се организира годишна награда за медиуми кои го промовираат новинарството во јавен интерес и ќе се објавуваат месечни публикации за медиумските професионалци.