Македонскиот институт за медиуми (MИM) по 25-ти пат, јубилејно, го објавува Конкурсот за најдобра истражувачка сторија на годината.

На конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2025“ може да се пријават сите новинари кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.

Пријавените стории треба да бидат објавени во текот на 2025 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во Република С. Македонија.

Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози.

На конкурсот ќе бидат доделени прва, втора и трета награда за Најдобра истражувачка сторија.

Како и досега, пријавените стории ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера.

Наградите за најдобра истражувачка сторија ги поддржуваат и ги промовираат сториите што:

  • се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа;
  • откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на организиран криминал, корупција, злоупотреба на моќта и прекршување на човековите права;
  • демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници;
  • ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување;
  • настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции;
  • успешно вклучуваат мултимедијални формати и/или креативни начини на раскажување/изразување;
  • користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.).

На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари за првонаградената, 40.000 денари за второнаградената и 30.000 денари за третонаградената истражувачка сторија.

Конкурсот е отворен до 17 февруари 2025.

За пријавување на конкурсот потребно е да се пополни формуларот прикачен во прилог и да се испрати на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2025“.

За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk