Критичкото размислување е основа на демократските општества, но и на научното истражување и на интелектуалната слобода и независност. Во рамките на една функционална демократија критичкото размислување им помага на граѓаните да ги оневозможуваат злоупотребите на власта и да им се спротивстават на манипулациите. Тоа е и вештина што филозофите, од Сократ до Џон Стјуарт Мил, ја сметале за неопходна за човечкиот напредок, која ја развива способноста да се преиспитуваат информациите, да се доведуваат во прашање главните претпоставки, наративи и политики што влијаат врз нашата реалност, со цел да се унапреди знаењето и науката.
Сепак, во денешно време, постои сѐ поголема загриженост дека критичкото размислување е во постојано опаѓање. Причините за тоа најчесто се лоцираат кај брзите промени што ги носи новото дигитално време и проблемите во нашето приспособување кон овие длабински трансформации во општествата.
Причини за падот на критичкото размислување

Нил Постман (Neil Postman) во својата книга „Забавувајќи се до смрт“ (1985)предупреди дека нашите слободи и права можат да пропаднат не поради цензура, туку преку „поплава од забавни содржини што го блокираат поединецот да мисли критички и да прави сопствена процена за реалноста во која живее“. Како што наведува Постман: „Медиумите што ги користиме, ги трансформираат начините на кои размислуваме. Секој медиум креира говор што ни дава ориентација во размислувањето, во изразувањето и во сензибилноста“ (1985, стр. 11). Денешните медиуми, од информативните до целосно забавните програми, се сосредоточени на креирање содржини што имаат силен ефект врз нашите емоции, какви што се страв, огорченост, вознемиреност, или пак чудење, воодушевеност и еуфорија. Ваквите содржини доминираат во јавната комуникација и тие редовно се најгледани, најпосетувани, најкоментирани и највирални. Поради својата ефикасност во привлекување внимание, медиумите, од инфлуенсерите, јутјуберите, до големите медиумски конгломерати, се во постојана трка за привлекување внимание токму на ваков начин, афективно, емотивно, но често и ирационално.
Филозофот Херберт Маркузе предупреди во својата книга „Еднодимензионалниот човек“ (1964) дека напредните општества создаваат пасивност и конформизам преку заситување на граѓаните со потрошувачки потреби и навики. Нудејќи бесконечна забава и лажни избори, „системите на моќ ја спречуваат вистинската критика“. Неговата дијагноза загрижувачки резонира со денешната култура на „doomscrolling“ (англ.), каде што консумираме огромни количини информации без фокус, лично ангажирање или критичко размислување.
Па, така, медиумите денес доминантно користат алармантни наслови и драматични визуелни елементи за да привлечат внимание. За време на пандемијата на КОВИД-19 многу медиуми често користеа наслови како: „НОВ БРАН НА СМРТОНОСЕН ВИРУС!“, или „БОЛНИЦИТЕ СЕ ПРЕД КОЛАПС!“. Овие методи се користат континуирано, за нови теми, какви што се воените конфликти и честата евокација на поими како „ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА“, „КРАЈ НА СВЕТОТ“, „ЕКОНОМСКИ КОЛАПС“ и слично. Начинот на презентација на вестите е силно емоционализиран, со драматична музика, колоритна графика и со постојано броење жртви и штети. Целта е да се задржи вниманието на јавноста преку страв и вознемиреност.
Алгоритмите на платформите како Тикток, Јутјуб и Инстаграм најчесто промовираат содржини што предизвикуваат силна реакција (видеа со наслови: „НЕ МОЖЕТЕ ДА ВЕРУВАТЕ ШТО СЕ СЛУЧИ!“, или пак реакциски видеа во кои инфлуенсерите претерано се смеат, плачат или се шокирани). Ваквите содржини се најгледани затоа што силната емоција го поттикнува споделувањето и коментирањето.

Сите овие примери покажуваат дека современата медиумска екосфера функционира според логиката на економија на внимание. Содржините што најмногу се наградуваат од алгоритмите и публиката се оние што предизвикуваат силни емоции, додека бавната, аналитичка и критичка комуникација многу потешко се практикува.
Падот на критичкото размислување е очигледно и во политиката, каде што наративите сè повеќе ги надминуваат фактите. Денешниот пејзаж од лажни вести, скандали, теории на заговор и поларизирани медиуми го илустрира овој колапс. Популистичките движења низ целиот свет ги користат емоциите и идентитетот како оружје, наместо аргументите и фактите, повторувајќи го предупредувањето на Платон дека демократиите се ранливи на демагози што манипулираат со желбата наместо да се повикуваат на разумот.
Образованието, некогаш сметано за основа на критичката мисла, сè повеќе се структурира врз стандардизирано тестирање и површна метрика. Пауло Фреире во книгата „Педагогија на угнетените“ тврди дека образованието честопати ги сведува учениците на „човечки контејнери во кои се депонира знаењето, наместо да поттикнува дијалог и размислување“. Овој модел на образование наградува меморирање и послушност наместо внимателност и размислување. Во современите училници критичкото размислување е често користен збор, но, за жал, не и редовна практика. Стандардизираните испити ретко ја тестираат способноста на учениците да проценуваат аргументи или да препознаваат пропаганда. Како резултат на тоа, учениците го напуштаат училиштето без вештини критички да ги преиспитуваат содржините во медиумите, и често паѓаат во стапицата на зависност од технологијата.
Улогата на алгоритмите во падот на критичкото мислење
Дигиталната доба донесе невиден пристап до информации, но не го зајакна критичкото размислување. Напротив. Алгоритмите на платформи како Тикток, Јутјуб и Икс, се дизајнирани да го максимизираат ангажманот (engagement, англ.), а не разбирањето. Во книгата „Филтрирачки меур“(2011), Ели Паризе објаснува како корисниците се заробени во комуникациски системи за персонализирани содржини што ги зајакнуваат постојните верувања, создавајќи идеолошки ехо-комори. Ова ја блокира можноста да прифаќаме нови информации и знаења, а со тоа и подобро да се приспособуваме на средината во која живееме.

Обемноста на информациите влијае нив површно да ги восприемаме и да не ги преиспитуваме критички. Информациите, вестите и најпопуларните содржини стануваат потрошувачка стока, која рутински ја консумираме некритички. Со тоа информирањето престанува да биде поткрепено со размислување и логичко расудување, станувајќи жртва на неконтролираното ширење на потрошувачката култура во комуникацијата. Ова ги трансформира информациите и идеите во производи што ги преземаме готови и ги користиме, нешто како продуктите во супермаркетите. Зошто би анализирале некој проблем критички и би се мачеле да оформиме свој став кога медиумите, од инфлуенсери, сѐ до експерти, ни нудат готови ставови, коментари и мислења? Доволно е само да ги собереме од медиумите така како што ни се допаѓа и ни одговара.
Скорешни студии ја поврзуваат зависноста од вештачка интелигенција со намалени вештини за критичко размислување, особено кај младите поради т.н. когнитивно растоварување (cognitive offloading, англ.) и прекумерна зависност од технологијата. Наместо критички да креираат свои ставови и мислења, вештачката интелигенција може да го обесмисли тој процес со едноставно нудење готови ставови и идеи, непроверени, неприспособени и неизвесни за примена.
Кои се ефектите на медиумите врз критичкото мислење?
Критичкото размислување се чини дека исчезнува под ваквите притисоци од преоптоварување со информации, емоционализација, политичка пропаганда и потрошувачка култура, кои шират конформизам и пасивност. Нашето внимание се фрагментира на стотици различни теми и канали што ги преоптоваруваат нашите мислечки капацитети. Така се креира и новата „brainrot-култура“ што вклучува, сликовито кажано, „гниење на мозокот“, односно ширење идеи дека мозокот, мислењето и критичката свест се непотребни или невозможни.

Дали критичкото размислување е целосно исчезнато? Сè уште не, но е во голема опасност. Критичката мисла преживува во помали медиуми и комуникациски сфери, честопати отфрлени како неважни или непрактични. Денешната технологија го раситнува вниманието, политиката ги фаворизира спектаклот и шоуто, а потрошувачката култура прави од мислењето производ што може да се купи и да се собере од многуте медиуми што ни се достапни. Предупредувањата на критичарите одекнуваат одново и одново: без критичко размислување, граѓаните стануваат гледачи, а не учесници, потрошувачи, а не мислечки поединци што треба да учествуваат во одлуките за сопствената иднина. Недостигот од критичко мислење ги маргинализира и ги подредува кон оние што ја контролираат комуникацијата и општествената реалност.
Неопходно е да се ревидираат образовните методи и политики што ќе го зајакнат критичкото мислење и ќе создадат услови тоа да се развива, особено кај помладите. Медиумската писменост станува критички важна алатка, која може да ни помогне полесно да преживееме во ерата на неограничени, но и непроверени, информации, и да останеме активни субјекти и граѓани, кои самостојно мислат и ја креираат својата подобра иднина.
Критичкото размислување се подобрува преку сопоставување различни аргументи, проверка на извори на информации, препознавање емоционална манипулација, детектирање логички грешки, дебата со аргументи и факти, свесност за влијанието на алгоритмите, проверка на податоци и статистика, и ред други. Зајакнувањето на одредени научни дисциплини во образовниот систем, како логика, дебатирање и слично, помагаат и треба заедно со другите алатки за критичко размислување да бидат во фокусот на политиките, образованието и граѓанскиот активизам.
Автор: Сеад Џигал
Подготовката на текстот е поддржана преку регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“, ко-финансирана од Европската Унија, и преку проектот „Fostering Improved Media Standards”, финансиран од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Содржината е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на НЕД.