Ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија активно учествуваа на еднодневната работилница за медиумска писменост и изработка на медиумски содржини, каде преку интерактивна работа и практични вежби ги унапредија своите знаења за критичко следење на медиумите, препознавање дезинформации и создавање квалитетни медиумски содржини.
Како продолжение на работилницата, учениците работеа на развој на сопствени медиумски продукти на теми што ги засегаат младите и нивните заедници. Со поддршка од ментори, тие создадоа три медиумски продукти во различни формати, преку кои ги истражуваа и претставуваа своите ставови, идеи и пораки за општествени прашања кои ги сметаат за важни.
Активностите беа реализирани во рамки на проектот „Media Education for Youth Advocacy / Медиумска едукација за младинско застапување“, спроведуван од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а финансиран од Австралиската амбасада.
Во продолжение ги објавуваме медиумските продукти на учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, кои се резултат на нивната креативност, ангажман и желба преку медиумите да го споделат својот глас и своите гледишта со пошироката јавност.
Видео: Од училница до светот – нашето Песталоци искуство
Видео: Што му недостига на мојот град?
ВО СРЦЕТО Е ВИСТИНСКАТА ПОБЕДА: Интервју со ТИЈАНА ГОЦКОВА, ученичка во IV година во СОУ „Јосиф Јосифовски“

Интервјуто го подготви: Матеј Аврамов
Кога првпат го облече кимоното и кои беа мотивите да започнеш со карате?
Започнав да тренирам карате на 13 години. Можеби најдобро е да се започне со спорт уште од најмала возраст, но мислам дека и 13 години сепак е добра возраст за сериозно да се посветиш на спортот. Го одбрав каратето бидејќи за мене тоа беше нешто ново и сакав да пробам нешто поразлично. Во мојата средина многумина мислат дека можеби ова не е спорт за девојки, но јас го мислам сосема спротивното. Во секој спорт потребана е одговорност и дисциплина, а каратето дава можност и за почит, самоконтрола, истрајност, но и ја јакне самодовербата.
Кој момент од твојата карате-кариера го паметиш како пресвртница и зошто?
Тоа беше моментот кога почнав да вежбам во ката-тим со девојките од карате клубот, кои воедно се и мои другарки Јована и Симона. Кога вежбаш тимски е многу важно да внимаваш и да се согласуваш со другите. Каратето те учи дека напредокот не се постигнува само со личен труд, туку и преку поддршка, доверба и почит кон партнерот. Во тимското вежбање имате чувство на припадност што од друга страна значи зацврстување на карактерот, но и поука и насока дека во животот постојано ќе бидете „играч’ кој знае како и колку вреди заедничкото работење.

Со Јована и Симона заедно настапивме за првпат на државно првенство и успеавме да се пласираме на Балканско првенство.
Имаш настапувано и на натпревари во земјава и надвор од неа. Кој успех ти значи најмногу – иако можеби не е најголемиот медал?
Најмногу ќе го паметам настапот на Европското првенство во Полска како тим. Иако можеби не зедовме медал, успеавме да се избориме за седмото место, покрај огромната конкуренција. Никој најпрво не веруваше дека ќе стигнеме до таму, бидејќи немавме доволно искуство. Најмногу овој натпревар ќе го паметам по сите луѓе што ги запознав и новите другарства. Исто така тоа е еден многу посериозен натпревар, овде ја претставуваш државата.
Колку каратето помага во психофизичкиот развој на личноста?
Веќе кажав дека каратето е еден прекрасен спорт за сила, кондиција, координација, исто така и за концентрација, самодоверба и самоконтрола. Мене најмногу ми помогна да стекнам самодоверба и да се изградам како личност, ме направи подисциплинирана и поистрајна.
Во каратето ќе сфатите дека успехот не доаѓа веднаш, туку преку трпение, повторување и постепено надминување на сопствените граници. Тренингот не го обликува само телото, туку и начинот на кој човекот се соочува со предизвиците во животот.
Колку од твоите успеси се резултат на талент, а колку на дисциплина, тренинг и одрекување?
Талентот е важен, но сам по себе не е доволен. Успесите доаѓаат од редовни тренинзи, дисциплина и желба. Многу повторувања, грешки и враќање на тренинг и кога не ти се тренира.
Како изгледаше еден твој обичен ден во периодот кога активно тренираше карате, паралелно со училишните обврски?
Станував рано за на училиште и се враќав дома подоцна, затоа што сум ученик од населено место кое е триесеттина километри оддалечено од Гевгелија. Веднаш после училиште одев на тренинг. Тренингот траеше два час, а често и повеќе, особено кога се спремав за поважни натпревари. Кога се враќав дома имав време да се средам и да учам. Кога имав повеќе за учење останував будна и до подоцна, но некако секогаш успевав да балансирам сè.

Од што сè мораше да се откажеш како тинејџерка за да можеш сериозно да се занимаваш со спорт?
На многу излегувања и дружби со другарите и поминато време со семејството. Но, не би кажала дека се било жртва, многу од најубавите спомени и дружби ми се токму од каратето.
Во април годинава стави крај на активното занимавање со карате. Што беше најтешко во одлуката да престанеш?
Најтешко беше да се збогувам со нешто што беше дел од моето секојдневие долго време. Не само со тренинзите, туку со цел тим, натпреварите и целата рутина.
Дали човек престанува да биде каратист кога ќе престане да се натпреварува?
Не мора. Каратист не е само човек кој оди на натпревари. Тоа останува како дел од карактерот, навиките и начинот на размислување. Натпреварувањето е само еден дел од каратето, додека суштината останува во дисциплината, самоконтролата, но и начинот на кој човекот ги применува како вредности во животот.
Пред сè, каратето помага како да се бориме со предизвиците на животот. Каратист не се станува само со медали туку со карактер.
Кога денес ќе ги погледнеш медалите и признанијата, дали прво гледаш на успехот или на сите часови тренинг што стојат зад нив?
Медалот е само резултат. Зад него стојат безброј тренинзи, натпревари, радост и разочарувања. Тие за мене значат повеќе отколку само освоено место. И веќе реков, преку каратето научив многу животни лекции, но и тој ми даде насоки како да бидам истрајна и да не се откажувам кога доаѓаат тешки мигови или проблеми кои навидум прво ти изгледаат нерешливи. Но, како и во каратето кога мислите дека противникот не може да се совлада, наоѓате мисла, вложувате труд и упорност за да ја постигнете целта.
Како твоите родители и најблиските ја доживуваа твојата спортска приказна?
Тие секогаш ми беа најголемата подршка и инспирација. И семејството и другарите, секогаш беа до мене за разговор и мотивација.
Дали имаш чувство дека по завршувањето на средното училиште започнува едно ново „натпреварување“ – овојпат животно?
Да, дефинитивно. Овој натпревар ќе биде многу поважен за мојата иднина. Мислам дека животот станува многу посериозен кога ќе го напуштиме училиштето.
Која е најважната лекција што ја носиш со себе од сите овие години?
Најважна лекција е упорноста. Научив дека вложениот труд секогаш се исплаќа и дека не треба да се откажувам пред првата препрека и да се разочарувам.
Дали планираш некогаш повторно да му се вратиш на каратето – можеби не како натпреварувачка, туку како тренерка или на друг начин?
Засега не планирам повторно да продолжам со карате, ниту како натпреварувач, ниту како тренер. Мислам дека тоа беше еден важен период од мојот живот во кој научив многу и стекнав многу искуства. Тој период е завршен и сакам да се посветам на нешто ново и поинакво, надвор од спортот.
Ова интервју е подготвено од Медиумскиот клуб „Јоска“ со поддршка од Австралиската амбасада во Србија, С.Македонија и Црна Гора. Содржината на видеото е единствена одговорност на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и не ги изразува ставовите на Австралиската амбасада.
