Средношколци од Куманово и Скопје денеска учествуваа на интерактивна работилница на тема „Во ерата на ВИ: Веќе ништо не е така како што изгледа“, каде преку вежби, квизови и дискусија разговараа за влијанието на вештачката интелигенција врз образованието, медиумите и секојдневниот живот.

Работилницата им овозможи на младите подобро да ги разберат можностите што ги нуди вештачката интелигенција, но и предизвиците што доаѓаат со нејзината сè поголема употреба. Преку практични примери и интерактивни активности, тие препознаваа содржини создадени со ВИ, дискутираа за нивната веродостојност и за влијанието што ваквите технологии го имаат врз начинот на кој информираме и се информираме.

Учениците се запознаа со можностите за користење ВИ во учењето, истражувањето и секојдневните обврски, но и со ризиците што произлегуваат од некритичка употреба на ВИ алатки. Посебен акцент беше ставен на препознавањето дезинформации, проверката на факти и важноста на критичкото размислување во дигиталната средина.

img 0113 scaled

Во отворена дискусија, учениците споделија и сопствени искуства со користење алатки за вештачка интелигенција, разговарајќи за тоа кога тие можат да бидат корисни, а кога е неопходна дополнителна проверка на информациите што ги нудат.

Работилницата беше организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во рамки на Деновите на медиумската писменост, што ги организираат Мрежата за медиумска писменост и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Под мотото „Сите имаме своја улога“, овогодинешното издание на Деновите на медиумската писменост ја истакнува важноста на активното и одговорно учество на секој поединец во создавањето безбедна и информирана медиумска средина. Токму затоа, преку вакви активности, младите се охрабруваат критички да ги анализираат информациите што ги добиваат и одговорно да ги користат дигиталните технологии и алатките за вештачка интелигенција.