Група студенти по новинарство од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“ и „Мајка Тереза“, месецов учествуваат во четиринеделна програма за дигитална медиумска продукција, што ја организира Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Албани асошиејтс од Лондон и Медиацентар Сараево.
Програмата се состои од еднонеделна едукативна работилница, што ја водеа истакнати новинари, уредници и медиумски професионалци, како и тринеделна пракса во неколку медиуми во земјава.
За време на работилницата, преку предавања и вежби, студентите ја истражуваа медиумската сцена и современите трендови во новинарството и се запознаа со телевизијата, но, од „другата страна“ на екранот.
Исто така, научија што претставува онлајн новинарство и мултимедија и како е да се биде мобилен новинар – човек редакција.
Дека сликата може да вреди и повеќе од илјада зборови, студентите осознаа за време на предавањата за основи на фотографирање и уредување на фотографии.
Последниот ден од работилницата беше посветена на интернетот како извор на информации и на вештините за пребарување информации на интернет, препознавање дезинформации и верифицирање на информации.
Програмата се организира во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми.
Главни цели на проектот се зајакнување на капацитетите на медиумските професионалци и студентите по новинарство за верификација на информации, проверка на факти, продукција на медиумски содржини, како и унапредување на знаењата за концептот на медиумска и информациска писменост на јавните сервиси и подобрување на нивната способност за реализирање на јавни кампањи за медиумска и информациска писменост. Проектот е финансиран од Британската влада.