Како истражувачкото новинарство може да помогне во заштита на човековите права и како да се користат можностите што ги пружаат новите технологии за прибирање податоци и ефективна визуелизација на истражувачките приказни, беа некои од темите на тридневната обука за истражувачко новинарство што ја организираше МИМ.
Обуката ја водеа Пол Раду, долгогодишен новинар и обучувач за истражувачко новинарство и Јоана Авадани, граѓански активист за слобода на говорот, и двајцата од Центарот за независно новинарство од Романија, заедно со домашните обучувачи Зоран Бојаровски, уредник во ТВ Алфа и Назим Рашиди, уредник во Медија Диверсити.
Како резултат од практичната обука, новинарите во консултација со обучувачите, дефинираа повеќе теми за истражувачки приказни поврзани со различни аспекти на човековите права, на кои ќе работат во наредните неколку месеци. Целта на обуката беше да се поттикнат редакциите да продуцираат истражувачки приказни со фокус на човековите права, со што би се подобрила и соработката меѓу медиумите и граѓанските организации.
Обуката е дел од проектот „Зајакнување на соработката помеѓу граѓанските организации и медиумите за унапредување на човековите права и слободата на изразување“ што МИМ го имплементира со поддршка од Европската Унија преку ЕИДХР.