Реши креативно задача и освој „Тоблероне“ - инвентивни методи на наставникот Слаѓан Станковиќ за учениците да ја засакаат математиката

Се чита за 5 мин.

sladgjan stankovikj 3 1

Дигиталните медиуми ги користи на секој можен начин за да ја приближи математиката до учениците во време на пандемијата од ковид-19, кога најголем дел од наставниот процес се одвива онлајн

Чоколада „Тоблероне“, „Милка” или „Најлепше жеље“ за тој што на најинтересен начин ќе ја реши задачата. Покрај математичкиот доказ, следува и фотографија како доказ дека победникот навистина ја добил слатката награда. А добитниците се ученици, основци или средношколци, предизвикани од нивниот креативен професор.

sladgjan stankovikj 10Има многу добри наставници во земјава, но на прсти се бројат оние кои живеат за својата професија. Еден од нив е Слаѓан Станковиќ кој е „хиперактивен“ на социјалните мрежи. Целта е единствена – да ја подигне математиката на повисоко ниво на заинтересираност меѓу учениците. Начинот е оригинален – преку интерактивност, забава и натпреварување. Отвора дискусии, прави анкети, решава задачи, постира видеа, прави предизвици... Ги користи дигиталните медиуми на секој можен начин за да ја приближи математиката до учениците во време на пандемија од ковид-19, кога најголем дел од наставниот процес се одвива онлајн.

„Поставувам наградни задачи за симболични подароци. Сакам да ги инспирирам, за уште повеќе да ја засакаат математиката. Најчесто тоа се чоколади. А, од учениците го очекувам најдоброто или најквалитетното решение, кое ќе биде наградено. Така го промовирам и секое дете, секој талентиран математичар во Македонија“, вели Станковиќ.

Тој веќе 30 години предава математика во средното училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, потоа во приватното School of the future (SOTF) во Скопје, а од годинава и во новата Математичко-информатичка гимназија во главниот град. На Јутјуб каналот „Bitrak“ има постирано повеќе од 70 видеа со решавање на математички проблеми за средношколци, активен е на Фејсбук групите „Математика во срцето“ и „Математика за основно и средно образование во Република Македонија“. Член е на Сојузот на математичари на Македонија, ги подготвува младите таленти за државни натпревари, домашни и меѓународни олимпијади по математика. А, најзадоволен е кога тимот ќе успее и ќе се врати со медали.

Помош за учениците во овие тешки времиња на пандемија

Кога се зачленил во Фејсбук групата „Математика за основно и средно образование во Република Македонија“, таа броела околу 1000 членови. Во првите години малкумина коментирале на неговите постови.

„Од ден на ден, од недела во недела, луѓето почнаа да гледаат дека е за доброто на децата, на математиката во Македонија, на сите колеги, на родителите на децата. Почна да им се допаѓа тој мој пристап и начин на комуникација на социјалните мрежи. Дури почнав да правам и анкети поврзани со актуелни прашања – во врска со онлајн наставата, со оценувањето, со прашања што ги засегаат учениците, родителите, колегите. Поставувам анкети, разговараме за натпреварите, како сѐ да се подобри“, вели Станковиќ.

Смета дека преку социјалните групи може одеднаш да се чуе гласот на голем дел од граѓаните. Често во комуникација во живо, луѓето имаат задршка, се повлекуваат, внимаваат дали да одговорат на прашање или да се вклучат во дискусија.

„Вака прашањата ги поставувам со една мала доза на позитивна провокација. И мало дете и возрасен пензионер се вклучуваат без да се грижат дека ќе им контрирам зашто не се согласувам со нив. Напротив, го слушам и го почитувам мислењето на секого, зашто секој има право на тоа, без разлика дали е исправно“, објаснува Станковиќ.

sladgjan stankovikj 2

Главна мотивација му е да им помогне на учениците во овие тешки времиња на пандемија, кога сите мора да останат и да учат од дома, седнати пред мониторите кои пречат на очите, на вратот, на ‘рбетниот столб, болат мускулите на целото тело...

„Тоа е тешко за сите, особено за младиот организам кој бара физичка активност. Затоа ги снимам видео-лекциите за втора и четврта година, во согласност со програмата на Министерството за образование и наука. Учениците можат да ги прегледаат кога сакаат, во кој дел од денот им одговара. Секако има ограничувања, но во најголем дел сами си го организираат времето“, вели Станковиќ.

Во средно образование, учениците се веќе на возраст кога треба да имаат дисциплина и одговорност кон учењето, а наставникот има улога да им помогне и да ги насочи во процесот на стекнување знаења. Со последните измени за Законот за средно образование поради пандемијата, во средните училишта часот од 45 минути е скратен на 35 минути бидејќи се одвива онлајн.  

„Пет минути додека да влезат учениците на час, и уште 5 да прашам дали е напишана домашната задача, кој и зошто нема напишано. Се јавува некој ученик и објаснува дека не му се јасни задачите (уште 5 минути). 15 минути за да го почнам предавањето, стигнуваме до четвртата задача од мојата видео-лекција. Никој не може да постави прашање што-каде-како, оти ако го постави, ќе стигнеме до третата задача од лекцијата. Уште 5 минути задавање домашна работа и ситни упатства. Сето тоа испреплетено со паѓање на интернетот, снемување струја, блокирање на старите компјутери, „мјутирање“ на едни ученици со други, па и на некои професори итн. На ваков час ќе успееме да реализираме само 30% од планираните цели и задачи“, објаснува Станковиќ.

Во вакви услови, кога живееме во поинакво секојдневие, а скоро сите средношколци учат од далечина, неопходна е ангажираност и кративност на наставникот, потребно е тој да се адаптира на новата ситуација со цел да може да го организира часот и да им го задржи вниманието на учениците, заклучува Станковиќ.

video chasЗа подобро да ги искористи своите 35 минути, ги прашал учениците како им е поедноставно. Најголем дел од нив се изјасниле дека видео-лекциите им помагаат многу во совладување на материјалот. Така им задава задача на учениците да ја изгледаат дома видео-лекцијата што претходно ја снимил, а на час дискутираат и ги разјаснуваат нејасните делови од задачата.

„Откако почнав да снимам видео-предавања (лекции), заклучив дека за 30 години како професор по математика, никогаш не сум успеал во 45 минути, една наставна единица да ја објаснам комплетно со дури 13 решени задачи. Со овој начин на предавање кај учениците се постигнува троен ефект. Целосно реализирана и темелно објаснета наставна единица, можност на ученикот да го стопира предавањето и да се обиде самостојно да ја реши поставената задача. Може да избере кога сака, кога е слободен и расположен да ја прегледува видео-лекцијата по неколку пати. Има поволности и за мене како професор. За наредните години оваа наставна единица е подготвена. Учениците кои биле болни или отсутни од часот има каде да ја слушаат, гледаат и научат лекцијата и не мора да објаснувам од почеток. На вонредните ученици кои бараат материјал за учење им го посочувам мојот Јутјуб канал од кој може да учат. Но, мора да потенцирам дека не може ништо да го замени присуството на професорот на часот“, објаснува Станковиќ.

Зад секој поединечен успех секогаш стојат многу луѓе

Станковиќ денес е ментор и активен тренер на многу ученици кои освојуваат медали и признанија на натпревари по математика. Дециден е дека успехот никогаш не е исклучиво индивидуален, не бил ни неговиот. Секогаш успехот на поединецот е резултат на трудот на многу луѓе - родителите, кои ги даваат основните чекори за етиката, моралот, културата, однесувањето, учителот кој ве учи на првите букви, бројки и зборови, наставниците во погорните одделенија кои ги учат децата на посложени математички операции и уште повеќе им ја внесуваат математиката во крвните жили.

sladgjan stankovikj 8„Многу е битно да имаш добар тренер, наставник. Така е во спортот, така е и во математиката. Нема да имаме успех ако зад напредните ученици не стојат сиве овие луѓе. Успехот на сите нив не зависи само од поединецот“, вели тој.

Според Станковиќ важно навреме да се забележи талентот на еден ученик, веќе во 3-4 одделение, и да се вложи во неговиот развој,Учителот треба да разговара со родителите.

„Мора на време да се реагира за потенцијалното знаење да се претвори во кинетичко, да се шири, да добие брзина. Инаку ученикот постепено ќе го изгуби интересот за математика и ќе се насочи кон друга област. Понекогаш се чувствувам како ловец на таленти. Ги следам учениците уште од 5-6 одделение, преку сите математички натпревари. Понекогаш и лично контактирам со родителот за да му укажам дека детето му е генијалец и во него треба да се вложи“, објаснува Станковиќ.

Среќен е што во последните години нашите млади математичари постигнуваат огромни успеси на меѓународните натпревари. Им се восхитува на секој успех на децата и вистинско задоволство му е да работи со нив.

„Ако не се пренесува знаењето, вештините и стручноста на помладите, нацијата ќе се изгуби. Ако не им го пренесеме она што го знаеме и заминеме од ова тло, ништо не сме направиле. Повторно, успехот ќе биде индивидуален и тука сѐ ќе заврши. Но, ако своето знаење го пренесеме без скржавост, со љубов, срце и душа на децата, на младите, така се одржува традицијата и еден народ“, завршува Станковиќ.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска

 

--------------------------------

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.