Во новинарската секција во Дебрца основците го учат новинарскиот занает

od vesnikot3 1

Додека истражував за моето село, за неговата историја и формирање, посетив многумина, но најинтересно ми беше со баба Љупка. Бабата ми раскажуваше за нејзиниот живот во Волино со многу шеги, но и солзи во очите. Кажуваше за тешкиот живот, но со мене сподели и убави моменти. Никогаш нема да ги заборавам нејзините зборови – вели осмоодделенката Викторија Печоска, која посакува да се занимава со политичко новинарство

Свесна сум дека новинарството бара доста одговорност и напорна работа, но кога размислувам за тоа со што да се занимавам во иднина, оваа професија секогаш ми е на прво место, бидејќи ме исполнува и ме прави среќна. Ѝ благодарам на нашата наставничка, која несебично нѐ воведе во тајните на новинарството – вели средношколката Јана Дуклеска, која основното образование го заврши во ООУ „Дебрца“ во нејзиното родно Требеништа, каде ја посетуваше новинарската секција. Јана заедно со своите врсници во последната учебна година научи како да направи интервју, како да напише вест, да сними репортажа, да обработи информации...Таа беше дел од една од ретките новинарски секции во основните училишта во Македонија, кои денес се бројат на прсти.

Низ занаетот и тајните на новинарството, веќе 12 години децата ги води наставничката по македонски јазик, Милена Јолакоска-Спасиќ од Охрид. Пред 17 години кога почнала да предава македонски јазик во ООУ „Дебрца“, прво ја водела литературната секција, но водена од своите афинитети кон новинарството и љубовта кон оваа професија, одлучила да ѝ се посвети на новинарската секција. Секцијата ја реализира со деветтоодделенците од Требеништа, а на секои четири години добива и една генерација  во с. Лешани и таму ја реализира секцијата.

Кај децата гледам многу жар за професијата

Растена малтене во студиото на Радио Струга, каде нејзината мајка била радиоводител и новинарка, Јолакоска-Спасиќ од мала ги засакала медиумите, особено радиото. Вели дека негува посебна љубов кон оваа професија.

milena jolakoska 1И при самиот избор на студиите, сакав да ги спојам моите афинитети, љубовта кон македонскиот јазик и кон радиото. Мојата научна група на УКИМ, во која со години се изучуваше и новинарството, ми го овозможи токму тоа. И неколку години пред да работам во образование, јас работев како новинар, спикер и водител во Радио Охрид, Радио Струга, Ди Џеј радио и во уште неколку приватни радио и ТВ-станици. Работата со децата, пак, особено на новинарската секција? Е, тоа треба да се доживее. Нивниот ентузијазам и жар во очите, кога започнувам со она што ќе го работиме, не може да се опише, треба да се доживее – вели наставничката.

Училиштето „Дебрца“ е распространето на поголема територија, односно има повеќе подрачни училишта. Секцијата ја работи претежно со деветтоодделенците, кои и според програма и според возраст, се прилично „потковани“ за да одговорат на зададените задачи.

Предавам во две од подрачните училишта и секоја можност ја користиме за тимска работа. Децата тоа посебно го обожаваат. Едноставно уживаат во работата, кога можат материјалот да го спојат со пракса и кога сите оние лекции стануваат нивна реалност и на крај, нивна реализација, плод на нивниот ангажман. Кога нешто посебно сакате, тоа ве носи напред. Нема откажување. Тоа е љубов. Посебно ми е драго, што кај децата ја гледам истата таа љубов и жар во очите – вели наставничката.

Преку изучување на медиумите се создава општо-свесна и квалитетно писмена личност

Медиумите треба особено да се изучуваат во осмо и во деветто одделение, кога се формираат свесни личности, кога децата созреваат и создаваат критичко мислење, смета Јолакоска-Спасиќ.

Медиумската култура може врз себе да го износи товарот на еден квалитетен предмет, кој моделира луѓе не само во делот од познавањата на медиумите, туку и во креирањето на една општо-свесна, квалитетно писмена личност во секој поглед – додава таа.

Електронските и интернет-медиуми им се најинтересни на денешните деца. Во програмата на секцијата години наназад работат на сите области од новинарството - изработуваат репортажи, патеписи, анкети, написи, колумни, интервјуа, часови за важноста на илустрирањето, односно фотографијата, разни топ листи и модни написи, итн.

intervju3 1И сето тоа сами со сопствен ангажман, работа на терен, работа во тимови, фотографирања, пишувања. Е, да, единствено што овде децата не сакаат е да имаат крајни рокови. Но, мора да се навикнат и на тоа, доколку сакаат иден позив да им биде баш новинарството. Во текот на нашата работа, како претставник на старата школа, носејќи куп весници на часовите, се обидувам децата да го почувствуваат мирисот на тазе печатена хартија или нова книга, бидејќи и книгата е медиум, да го почувствуваат тоа задоволство од шушкањето на отворен весник, со чај и колачи или пак на ново неотворено модно списание кое мириса на магија. Децата го сакаат и тоа. Но, сепак електронските медиуми се нивната ера објаснува наставничката.

Години наназад, почнувајќи од ѕиден весник, го издаваме весникот на секцијата „Училиштен ѕвон“. Минатата учебна година, а и оваа, поради пандемијата од ковид-19, тоа го прават веќе на фејсбук-профилот „Млади новинари – секција на деветтоодделенци на ООУ Дебрца“.

Во сѐ што правиме, треба да има љубов. Интересна активност на учениците од секцијата им е и посетата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Секој септември, во изминатите пет години, јас како креатор на тој проект, заедно со моите деветтоодделенци и како единствено училиште кое е надвор од рамките на Општина Битола, учествуваме во кино-презентациите наменети за младата публика, посета на изложбата во Центарот за култура, како и во дел од активностите, предвидени за таа година. Искуството и чувствата се незаменливи – вели Јолакоска-Спасиќ.  

na manaki 1

Многу е важно да сме медиумски писмени

Како да се биде успешен новинар, собирање, потврдување, прикажување, анализирање податоци, како и тимската работа и поттикнувањето на соработката со нејзините соученици и претставувале најголем предизвик на Јана Дуклеска.

Подготовката на задачите секогаш беше проткаена со смеа и шеги. При снимањето на едно видео ни беше потребно доста време да се заврши, бидејќи постојано бевме попречувани од звуците кои доаѓаа од околината (бучава од автомобили, разни звуци од природата...), а кога ќе наидевме на тивок момент, секој од нас ќе направеше најмалку по една грешка. Со повеќето од моите врсници делиме исто мислење и сметаме дека е доста важно да сме медиумски писмени и да знаеме што треба, а што не треба да следиме на интернет, па често тоа е наша тема на разговор – вели Дуклеска.

За Викторија Печоска од с. Волино, која учи осмо одделение во Требеништа, многу и значеле тимската работа и времето што го поминувале заедно со своите пријатели. Многу се забавувала додека истражувала и пишувала на зададените задачи.

intervju1 1Додека истражував за моето село, за неговата историја и формирање, посетив многумина, но најинтересно ми беше со баба Љупка. Бабата ми раскажуваше за нејзиниот живот во Волино со многу шеги, но и солзи во очите. Кажуваше за тешкиот живот, но со мене сподели и убави моменти. Никогаш нема да ги заборавам нејзините зборови – вели Викторија, која посакува да се занимава со политичко новинарство и смета декаа треба големо внимание да посвети на тоа.

Најголемиот дел од новинарските задачи учениците ги добиваат во второто полугодие. Нестрплива да се препушти на практичните работи е и Николина Бутеска од Требеништа.

Првиот дел, преку предавањата на нашата наставничка ни е посветен на конкретното подобрување на нашата медиумска писменост, знаењата од областа на филмот, телевизијата, радиото, фестивалите, манифестациите, на кои заедно посветуваме големо внимание, како Струшките вечери на поезијата и Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Постојано ги следиме дадените задачи од нашата наставничка. Иако сега навлегувам во тајните на новинарскиот занает, чувствувам дека би сакала новинарството да биде и понатаму дел од моето образование. Често со моите врсници разговараме за работите што се објавуваат на интернет и за тоа колку е важно да се знае како треба да се однесуваме при тоа – додава таа.

Учениците се радувале на можноста и покрај пандемијата да работат заедно, со оглед на тоа дека во ова училиште наставата се одвива со физичко присуство. За Александар Дуклески, кој веќе е средношколец, можеби најпровокативниот дел од работата во секцијата бил допирот со минатото и историјата на неговиот регион околу с. Требеништа.

Целата работа на новинарската секција, следејќи ги насоките на нашата наставничка, беше исполнета со интересни и забавни случки како резултат од нашето дружење и работење на сите области од новинарството. Со големо задоволство би учествувал на разни новинарски проекти, иако не ја избирам како професија. Денес, не само на интернет туку и сите медиуми за информирање се исполнети со лажни информации и, според мене, треба да се знае што треба да се следи, а што не, затоа многу разговараме со врсниците – вели Александар.

Истражувавме за нашето родно место

Најголемиот предизвик за Тамара Паункоска од с. Оровник како дел од секцијата, било како да се соочи со голем број информации за одредена тема.

Бевме во постојан контакт до нашата наставничка, која ни ги даваше сите задачи, насоки и помош. Покрај дружењето, кое само по себе носи посебни случки, интересно беше постојаното истражување и можноста да ги пронајдеме податоците за нашето потекло, да ги слушнеме легендите и приказните за родното место и да имаме допир со минатото. Секоја нова авантура креира нови желби во детското срце, така и оваа. Среќна сум што можам да се замислам во светлото на оваа професија – вели Тамара.

Работејќи во новинарската секција покрај авантурите, дружбата и откривање на нови нешта, во мене се роди голема љубов кон оваа професија, вели Христина Николоска од с. Лешани.

patopis 1 1Најголем предизвик, а со неизмерната и несебична помош и насоки дадени од нашата наставничка, ми беше откривањето на тајните како да бидам успешен новинар. Додека снимав видео во манастирот „Сите светии“ во с. Лешани, жената која што служи во манастирот цело време беше околу нас заедно со неколку мачиња, кои ни се плеткаа низ нозете. Имаше многу смеа, беше навистина забавно – вели Христина.

За Ивана Скоклеска од с. Горенци, која е ученичка од 9 одделение, новинар е лице кое професионално се занимава со собирање вести и неговата улога е да истражува, пишува и да известува.

Веста секогаш треба да ја објави навремено и да биде точна. Во иднина би сакала да се занимавам со оваа професија, затоа што ми е многу интересна и ми претставува задоволство да истражувам, анкетирам, пишувам и пренесувам вести. Денес речиси сите информации ги добиваме преку медиумите и луѓето се сметаат за писмени доколку знаат како да ги користат и знаат критички да ги читаат и разбираат медиумските содржини. Секојдневно сме опкружени со различни информации. Треба посебно да се обрне внимание на тоа што е вистинито, а што не – категорична е Ивана.

Наставничката Милена Јолакоска-Спасиќ ја завршува приказната со една убава порака:

Топло препорачувам, не пропуштајте ги сите можности кои ни се нудат, а се дел од медиумската култура. Фестивали, концерти, претстави, кино-презентации, сето тоа е непроценливо богатство и како ништо друго, ја има моќта да ве изгради како прекрасно описменети и паметни личности. Чувајте го и надградувајте го сето тоа!

 

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

 

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.