Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Се чита за 1 мин.

Сторијата „Пандемско профитерство: Другата страна на приказната за КОВИД-19“ на редакцијата на ИРЛ ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2020“. Истражувањето на тимот од Истражувачката репортерска лабораторија обелоденува скандал со лажно декларирани тестови за ковид-19 и несигурни заштитни маски, од кои профитираа приватните болници и веледрогериите, а за жал беа изгубени и човечки животи. 

Сознанијата на авторите откриваат дека државата, на почетокот на пандемијата минатата година, немаше воспоставено доволно ефикасен систем за контрола на квалитетот на лековите и медицинските средства што се увезуваа од странство. Истражувањето е темелно, сеопфатно, при што се употребени мноштво релевантни факти, докази и изјави од релевантни соговорници, а дополнително се презентирани и валидни документи кои ги поддржуваат сознанијата на авторите. 

Наградата за Најиновативен новинарски производ ја доби новинарот Алексанар Манасиев за мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“, објавена на интернет-платформата „Види Вака“. Станува збор за извонреден спој на традиционална истражувачка приказна раскажана со мултимедијална поддршка, што обработува важно прашање од интерес на граѓаните во земјава, но и пошироко во регионот. Авторот направил темелна обработка на темата, поткрепена со факти, докази и изјави од релевантни извори. Успешно се употребени креативни алатки за мултимедијална, креативна презентација на содржината, користејќи комбинација на текст, видео, фотографии и анимации, при што големо внимание е посветено на тоа секој од елементите да биде приказна за себе, односно секој елемент дополнително да ја раскажува приказната и да може да функционира самостојно.

Наградата на Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети, за фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин за време на полициски час“, објавена во дневниот весник „Слободен печат“. Фотографијата демонстрира исклучителен фотографски сензибилитет и естетски израз кој ни ја пренесува длабоката симболика на оваа извонредна глетка - постојаното превирање помеѓу природата и човекот, цивилизацијата и нејзината средина, во обид да се најде кревкиот баланс на соживот со природата во овој турбулентен и непредвидлив 21 век.

На годинешниот конкурс пристигнаа:

  • 19 апликации во категоријата Најдобра истражувачка сторијата (29 стории, обработени во 66 текстови/видео прилози);
  • 11 апликации во категоријата Најиновативен новинарски производ (18 теми, обработени во 31 текстови/видео прилози);
  • 9 апликации во категоријата Најдобра репортерска фотографија (со 26 фотографии).

Комисијата изразува задоволство од квалитетот на пристигнатите трудови и истакнува дека и покрај проблемите предизвикани од тековната пандемија, изминатата година новинарите посветено и квалитетно истражуваа и известуваа за многу значајни прашања од интерес на граѓаните.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог.

pdfИзвештај на жири-комисијата445.09 KB