Информатор број 32
 
МИМ активно работи на подобрување на медиумскиот амбиент и слободата на медиумите

Во насока на поддршка на слободата на изразувањето и развојот на независни, слободни и демократски медиуми, МИМ активно ги следи случувањата на македонскиот медиумски простор, и учествува со свои предлози и понудени решенија во дебатата што се развива за актуелните медиумски прашања.

МИМ го поддржа новинарскиот протест организиран на 4 јули 2011, и реагираше заедно со  ЗНМ во однос на брзите измени на Законот за радиодифузна дејност кои се донесоа во Собранието на РМ во тој месец. Исто така, МИМ апелираше за почитување на законите во случајот со стечајната постапка за А1 телевизија и одземањето на дозволата за радиодифузна дејност на овој медиум од страна на АЕК. На 14 септември 2011, МИМ со свои предлози и дискусии учествуваше и на конференцијата која што ја организираа ЗНМ и Секретаријатот за европски прашања на Владата на РМ, што треба да го означи почетокот на еден поконструктивен процес на средување на медиумските состојби во Македонија.

 
Спроведен мониторинг на медиумите за вонредните Парламентарни избори 2011

Водејќи се од базичните принципи за добивање точна, непристрасна и балансирана информација, МИМ спроведе мониторинг на 13 национални медиуми (седум телевизии на државно ниво и шест национални дневни весници) две недели пред одржувањето на вонредните парламентарни избори, кои се спроведоа на 5 јуни годинава. Целта на мониторингот беше да се утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди при известувањето во текот на кампањата. Истражувањето, дополнително ги утврди и темите на кои новинарите критички се осврнуваа во известувањето во изборната кампања и во дебатните емисии или интервјуа со кандидатите и со експертите.

Медиумскиот мониторинг беше дел од интегрираната платформа за набљудување на изборите “Мојот избор 2011“, што ја реализираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), МИМ и Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС).

Резултатите и заклучоците од спроведениот мониторинг беа претставени во Финалниот извештај од мониторингот на медиумите за вонредните парламентарни избори 2011

 
Одбележана десетгодишнината од основањето на МИМ

На 26 мај 2011 година, Македонскиот институт за медиуми ја прослави десетгодишнината од основањето. По тој повод, Институтот подготви публикација со информации за сите позначајни активности и резултати реализирани во изминатите 10 години. Повеќе

 
Објавена Анализата за состојбата со медиумите на јазиците на заедниците во Република Македонија

Обезбедување на културен плурализам во македонската медиумска сфера, можностите за активен пристап на припадниците на етничките заедници до медиумските содржини, како и проблемите со кои се соочуваат медиумите на етничките заедници, беа дел од прашањата опфатени во Анализата за состојбата со медиумите на јазиците на заедниците во Република Македонија, што ја подготвија Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Оваа Анализа е трета во циклусот анализи што МИМ и ВШ ги реализираа како дел од заедничкиот проект со Фондацијата Фридрих Еберт, почнувајќи од 2010 година. Проектот се состои од изработка на четири сеопфатни анализи, фокусирани на различни актуелни прашања во медиумскиот сектор во земјава. Повеќе

 
Одржана завршната конференција на проектот “Унапредување на медиумската писменост во образованието во Република Македонија“

На 2-ри септември 2011, Македонскиот институт за медиуми ја организираше завршната конференција од тригодишниот Проект “Унапредување на медиумската писменост во образованието во Република Македонија, што го спроведоа МИМ, Институтот за демократија Социетас Цивилис“ и Европскиот центар за новинарство, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија и Бирото за развој на образованието, а со финансиска поддршка од програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

Проектот имаше за цел да им помогне на младите луѓе да ги унапредат своите знаења за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, да научат критички да им пристапуваат, анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораките што се пренесуваат преку различни медиуми – печат, електронски медиуми, Интернет, реклами, и на тој начин, поангажирано да партиципираат во демократските процеси. Повеќе

 
Заврши емитувањето на квиз-серијалот “Одиме во ЕУ“ – продукција на МИМ и Канал 5 ТВ

На 11 јули 2011, заврши емитувањето на циклусот квиз емисии “Одиме во ЕУ“, кој го реализираа Македонскиот институт за медиуми и Канал 5 телевизија. Во 21 епизода од ова квиз-шоу, учествуваа 64 натпреварувачи кои беа селектирани од над 200 пријавени кандидати. Најуспешен беше Зоран Јорданов, победник во финалната емисија и добитник на главната награда во износ од 120.000 денари.

Емисиите се емитуваа во период од февруари до јули 2011г, секој понеделник од 22 часот, на Канал 5 телевизија. Според направените мерења на гледаноста, емисиите ги гледале приближно 1.000.000 гледачи.

Овој проект се реализираше со поддршка на Европската унија, со цел, преку игра, забава и дружење, да се споделат интересни информации за ЕУ, нејзините институции, историја и знаменитости.

 
Новинари од Македонија учествуваат во регионалниот проект “Ромите во јавноста“

Група новинари од неколку медиуми од земјава, од 27 мај до 3 јуни 2011 година, во Сараево, заедно со свои колеги од Босна и Србија учествуваа на регионална обука за користење на мултимедијални технологии во известувањето за маргинализираните групи. Стекнатите знаења и вештини, обучените новинари имаа можност да ги практицираат за време на еднонеделната работилница, која беше реализирана на крајот од месец јуни 2011 на повеќе локации ширум Македонија. За време на работилницата, под водство на Дин ЦК Кокс (Dean CK Cox), реномиран меѓународен тренер од областа на мултимедија, беа продуцирани неколку мултимедијални стории поврзани со прашања значајни за  ромската заедница, кои ќе се објават на новосоздадениот регионален портал посветен на ромските прашања, www.tocak.org. Овој портал и понатаму ќе соработува со овие новинари на регионално ниво.

Овие обуки се дел од регионалниот проект Ромитe во јавностa, што го спроведува Transitions, во соработка со Македонскиот институт за медиуми, Кали Сара – Ромскиот информативен центар од Сараево, Mедиа центар – Сараево и Школата за новинарство – Нови Сад, со финансиска поддршка од ИПА фондовите на ЕУ.

 
Средношколци дискутираа за подобрување на меѓуетничката комуникација кај младите

Mеѓуетничката комуникација меѓу младите, проблемите кои ги оптоваруваат, како и заедничките вредности кон кои се стремат, беа тема на работилницата на која учествуваа триесеттина средношколци од различна етничка припадност од цела Македонија, во рамки на проектот “Мулти виа медиа“, што го спроведоа Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Во рамки на проектот е креирана и првата средношколска веб платформа www.multiviamedia.edu.mk, на која, средношколците поставуваат свои текстови, фотографии и видео приказни кои го отсликуваат мултикултурализмот од различни аспекти на човековото живеење. Повеќе

Напишете коментар