Дигитализацијата е неодминлива за електронските медиуми во Македонија
Зошто Македонија треба да се дигитализира и што добива македонскиот гледач/слушател со овој задолжителен процес, беше дел од излагањето на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески пред студентите на Едногодишната школа за новинарство. Тој им ги предочи тековните активности на ресорното министерство, Советот за радиодифузија и Агенцијата за електронски комуникации за спроведување на дигитализацијата која што се очекува во Македонија да заврши до 2012 година.
Стана збор и за очекуваното зголемување на медиумскиот пазар, па оттука и можноста за специјализација во различни сфери во новинарството.
На крајот од средбата, студентите и министерот Јанакиевски отворено дискутираа за актуелната состојба во медиумите во земјата, предизвиците со кои се соочуваат новинарите во секојдневните обврски, како и неопходноста за подигнување на нивото на професионалност и објективност.
Објавен почетокот на гласањето за годишната медиумска награда на граѓанското општество 2008
МИМ го објави почетокот на изборот за Годишната медиумска награда на граѓанското општество 2008.Како и изминатите години, во текот на наредните два месеци, до 15 декември 2008 година, ќе се спроведе гласање, во кое право на учество имаат сите регистрирани невладини организации од МакедониjaОваа иницијатива се спроведува во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество, финансиран од УСАИД, а имплементиран од страна на конзорциумот предводен од Институтот за трајни заедници (ИТЗ). Годинава наградата се доделува по третпат. Досегашни добитници на Годишната медиумска награда на граѓанското општество се Канал 5 и и А1 телевизија.
Обуки за комуникација со медиуми за државните службеници
Во периодот од 20 ноември до 17 декември годинава, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во соработка со Секретаријатот за европски прашања(СЕП) и Регионалниот тренинг центар за комуникација при Министерството за одбрана реализираат серија обуки за лицата одговорни за односи со јавноста и комуникација во министерствата и во другите органи на државната управа.
Темите на обуките произлегуваат од анализата на СЕП за потребите на институциите и имаат цел да придонесат кон подобрување на капацитетите на одделенијата и на лицата одговорни за комуникација и односи со јавноста, создавање одржливи ресурси за континуирана доедукација во оваа област и механизми за воспоставување на унифициран пристап во третирање на прашањата поврзани со комуникацијата и евроинтегративните процеси. Обуките ги испорачуваат предавачи од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, а се реализираат со поддршка од Амбасадата на Велика Британија.
Обука “Истражувачко новинарство и користење на компјутери во новинарството”
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Европскиот центар за новинарство од 9 до 11 мај во просториите на МИМ организираа обука на тема „Истражувачкото новинарство и користењето на компјутери во новинарството”.
На тридневната обука 15 новинари следеа предавања и работеа вежби за тоа што претставува истражувачкото новинарство и зошто е битно, како да ги најдат изворите и кои се техниките на интервју, како да креираат сопствена база на податоци и архива, како се известува со помош на компјутер и зошто е тоа важно во новинарството.
Обуката ја водеа двајца долгогодишни новинари од Норвешка со големо искуство во користењето на техниките на Известувањето со помош на компјутер – Јан Гунар Фурули (Jan Gunnar Furuly), новинар од најголемиот норвешки дневен весник „Афтерпостен”(Afterposten, и Пер Андерс Јохансен (Per Anders Johansen), главен уредник во вестите во Норвешкиот РТВ сервис.
Одржана тркалезна маса (не)регуларноста на работните односи во медиумите
На 10 април, 2008, со почеток во 10 часот, Македонскиот институт за медиуми ја организираше тркалезната маса „(Нe)регулираноста на работните односи во медиумите”
На средбата во хотелот Холидеј ин во Скопје учествуваа сопственици на медиумите, уредници, новинари и други медиумски професионалци, кои дебатираа за состојбите и слабостите во регулирањето на работните односи во медиумите во земјава, како и можностите за подобрување на ситуацијата.
Дискусиите уште еднаш ја потврдија потребата за потпишување колективен работен договор од страна на работодавачите и медиумските работници со кој ќе се регулира најниската плата, работните односи, ќе се утврдат нормативи за определување на должината на работното време имајќи ја предвид специфичноста на новинарската професија, авторските права, можностите за до-обуки, со цел за професионализација на новинарите.Како една од опциите беше и донесување Закон за медиуми и спроведување на процесот на само-регулација во медиумите.
На тркалезната маса беа презентирани резултатите од истражувањето: „Работните односи и медиумите во Македонија”, што МИМ го реализираше како дел од регионалните истражувачки активности на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ).
МИМ ја организираше меѓународната медиумска конференција “Известувањето на медиумите за состојбата на Косово”
Околу четириесет странски и бројни домашни гости, новинари, уредници, медиумски експерти, универзитетски професори, на 16ти и 17 ти мај учествуваа на Меѓународната конференција „Известувањето на медиумите за состојбата во Косово” која се одржа во хотелот Холидеј Ин во Скопје. Конференцијата организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Мрежата на југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ) беше одлична можност медиумските професионалци од регионот да дебатираат и да ги разменат своите ставови како медиумите во различни земји известуваа за косовската ситуација.
На 16ти мај конференцијата ја отвори Министерот за образование и наука на Владата на Р.М. г-н Сулејман Рушити, кој им посака добредојде на странските и домашни учесници. Конференцијата започна со презентациите на Вилем Хоувен, директор на Косовскиот институт за новинарство и комуникации (Косово); Дубравка Валиќ – Недељковиќ, претседател на Новосадската школа за новинарство (Србија); Бошко Јакшиќ, колумнист на дневниот весник Политика (Србија) и Агрон Бајрами, главен уредник на Коха Диторе (Косово) на сесијата насловена Медиумите во Србија и Косово – Еден конфликт, две реалности.
Првиот ден од конференцијата продолжи со втората сесија Соседите и Косово – Влијанието на локалните политички ставови врз медиумското известување. Истражувачите од Црна Гора, Албанија и Македонија, Даниела Сеферовиќ, Илда Лондо и Марко Трошановски ги презентираа заклучоците од анализите на дневните весници во сопствените земји на теми поврзани со косовската ситуација. Овие истражувања заедно со уште осум други од земјите на југоисточна Европа ќе бидат објавени во книга како дел од проектот кој МИМ го спроведува зедно со СЕЕНПМ.
Вториот ден започна со сесијата Косово видено од регионалните и меѓународни медиуми. Во дебатата учествуваа голем број странски дописници, новинари, медиумски експерти од дваесетина европски земји. Габриел Партос, аналитичар за централна и југоисточна Европа (Велика Британија); Агњешка Скјетерска, новинар во дневниот весник Газета Виборча (Полска); Џузепе Закариа, известувач за Балкан за дневниот весник Ла Стампа (Италија); Горазд Ковачич од Универзитетот во Љубљана (Словенија) и Теодора – Оливиа Василеску, автор на романското истражување (Романија) говореа на сесијата.
Конференцијата ја поддржаа: Балкан траст фонд; Конрад Аденауер штифтунг, Софија;
Амбасадата на Швајцарија, Скопје и ОБСЕ, Приштина.
Доделување на новинарските награди “Најдобра истражувачка сторија – 2007”
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на 25 март на Скопскиот саем во Скопје, ги додели новинарските награди од конкурсот „Најдобра истражувачка сторија – 2007″. Првата награда ја доби Борис Георгиевски, новинар од дневниот весник Утрински весник со темата „Случајот Ибраим Сулејмани”. Сторијата ни открива едно судење кое се одвивало во тајност, судење во кое пресудата е донесена врз сомнително толкување на законите. Тое е случајот на Ибрахим Сулејмани, првиот осуден за воени злосторства во Македонија, кој веќе пет години е во затвор иако за експертите и од највисоките судски органи е се уште мистерија како е тоа можно, имајќи го предвид законот за амнестија од 2002 година.
Втората награда и припадна на Маја Блажевска од телевизија А1, за сторијата „Бездомник наместо милионер – приказна за Идриз Идризи од Мала Речица” додека третата награда им беше доделена на Џелал Незири и Марјан Николовски за сторијата објавена во дневните весници Факти и Вечер „По трагите на корупцијата во верските институции во Македонија”.
Одлуката за овогодинешните награди ја донесе независната комисија во состав:
Александар Чомовски, уредник во телевизија А1; Љупчо Поповски, главен и одговорен уредник на дневниот весник Утрински весник; Назим Рашиди, радиодописник на БиБиСи; Фатос Муслиу, извршен уредник во МТВ на програмата на албански јазик и Зоран Андоновски; одговорен уредник на дневниот весник Нова Македонија.
Оваа година на конкурсот кој беше отворен од 15-ти јануари до 15-ти февруари 2008 година, се пријавија вкупно 38 новинари и редакции со вкупно 64 стории објавени во медумите во Македонија во текот на минатата година.
Наградата се доделува веќе седма година по ред со цел да го поттикне и промовира истражувачкото новинарство во земјава. Доделувањето на наградите годинава во целост го финансира Македонскиот институт за медиуми. Медиумската промоција беше помогната од Време, Дневник, Утрински весник, Вест, Шпиц, Факти, Радио Слободна Европа и ТВ Тера, Битола. Реализацијата на манифестацијата ја помогна Скопски саем.
Едногодишна школа за новинарство
Студентите на четвртата генерација на Едногодишната школа за новинарство (ЕШН) во мај започнаа да ги подготвуваат дипломските работи за печат, радио и телевизија.
Дипломските задачи воедно се и нивните завршни испити низ кои треба да го покажат знаењето стекнато за време на наставната програма.
Оценувањето ќе го врши посебна комисија, составена од предавачи на ЕШН, уредници од медиуми и членови на МИМ.
Во вториот семестар, кој заврши во средината на април, студентите ја поминаа специјализацијата за новинарство во печатените и електронските медиуми. Во овој семестар тие ги следеа модулите Новинарско изразување во печатот, Радионовинарство, Телевизиско новинарство, Мултимедиа 2, Фотоновинарство, Новинарска етика, Истражувачко новинарство и Македонски јазик. На крајот од секој модул студентите изработија завршни вежби и беа соодветно оценети.
Тематски семинари
Во рамките на наставата се организираа и два тематски семинари. На првиот Новинарско известување за полиција и судство темата беше организациската поставеност на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и судовите. Гостите-предавачи Горан Павловски, шеф на кабинетот во МВР и д-р Драган Тумановски, претседател на Здружението на судии на РМ зборуваа за тоа што треба да знаат новинарите кога МВР и судовите се извори на информации
На вториот темтски семинар Уредувачката политика на медиумите во земјава гости беа Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник во А1 Телевизија и Катерина Блажевска, уредник и колумнист во весникот „Дневник”.
Пракса
Во средината на април МИМ обезбеди тринеделна пракса на студентите во медиумските куќи во земјава. Студентите стажираа во телевизиите А1, Канал 5, МТВ, Сител и Алсат М, во ТВ емисијата „Еврозум”, во Радио Слободна Европа и радио Вати, во дневните весници „Шпиц” и „Дневник”, во магазинот „Авангарда”, во новинската агенција „Асошиетед прес” – албанска редакција и во интернет страницата „Кирилица”.
Стажирањето им овозможи на студентите да ја почувствуваат динамиката на редакциската работа во медиумите.