МИМ го промовираше проектот за унапредување на медиумската писменост во образованието
Проектот за унапредување на медиумската писменост во образованието претставува новина, која е во насока на модернизација на едукативниот процес во Македонија во согласност со светските глобализациски трендови. Медиумската писменост ќе им овозможи на младите генерации критички да ги анализираат содржините во традиционалните и во новите медиуми, да направат разлика меѓу квалитетна и неквалитетна информација, но и полесно да пристапат до релевантни и авторитетни извори на информација, што придонесува кон натамошен развој на демократијата во Македонија. Ова се некои од клучните моменти на кои се осврна министерот за образование и наука, Перо Стојановски, во своето обраќање по повод презентацијата на проектот „Унапредување на медиумската писменост во образованието во Македонија“, што беше промовиран на прес-конференцијата, која ја организираше МИМ на 17 јуни 2009 година.
Овој проект ќе се имплементира во основните и во средните училишта во Македонија од страна на Македонскиот институт за медиуми и на Институтот за демократија во соработка со Европскиот новинарски центар од Холандија и Министерството за образование и наука на Република Македонија, чии претставници беа присутни на пресот.
За значењето на медиумската писменост во образованието на младите, на настанот зборуваше и амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија, г-ѓата Симоне Филипини, според која овој проект придонесува кон подобрување на квалитетот на наставните програми, образување на млади луѓе кои ќе имаат свој став и ќе дебатираат за проблемите, но и кон „креирање“ медиумски писмени, ангажирани и одговорни граѓани кои ќе можат да одговорат на новите предизвици.
Претставникот на Европскиот новинарски центар, г-нот Џош Лапорт, се осврна на значењето што медиумската писменост го има за младите генерации и граѓаните воопшто, во европски контекст. Тој истакна дека медиумската писменост во Холандија претставува интегрален дел од повеќе предмети, како што се социологија и граѓанско општество, додека, пак, во Белгија, надлежното министерство за образование, ја вовело медиумската писменост како дел од редовните наставни програми.
Повеќе информации околу активностите на самиот проект беа презентирани од страна на директорката на МИМ, г-ѓа Билјана Петковска и медиумскиот експерт од Институтот за демократија, г-н Марко Трошановски. Беше наведено дека во рамки на проектот ќе се спроведат 55 обуки за 1100 наставници и професори кои ќе предаваат медиумска писменост, како дел од предметите Социологија, што се изучува во средното образование, и Граѓанско образование, што се учи во основните училишта. Проектот предвидува и креирање на веб-страница која ќе го популаризира концептот на медиумска писменост, организирање тркалезна маса за експерти од регионот кои работат во оваа област, како и издавање литература за медиумска писменост.
Целта на овој проект е младите луѓе да ги унапредат познавањата за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, за да можат критички да им пристапат, да ги анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораки кај различни видови медиуми – печат, електронски медиуми, Интернет – што би им овозможило поангажирано учество во демократските процеси.
Финансиската поддршка за проектот ќе биде обезбедена од програмата МАТРА на Холандското Министерство за надворешни работи.
Одржана трибина „Како медиумите информираа за изборите 2009“
Неопходноста од измени во изборното законодавство што ја регулира работата на медиумите во предизборниот период, како и потребата од организирање почести дебати помеѓу медиумите и политичарите, но и во програмската понуда на редакциите, се меѓу поважните заклучоци упатени од трибината „Како медиумите информираа за изборите 2009,“ што се одржа на 30 април 2009 во организација на Македонскиот институт за медиуми, а по повод одбележувањето на 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на печатот.
На настанот присуствуваа 50-тина претставници од влијателните национални и локални медиуми, од политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ЛДП и НД, како и претставници од Советот за радиодифузија и од Државната изборна комисија.
Во рамките на настанот, проф. Др. Весна Шопар го презентираше финалниот Извештај на МИМ во кој се анализира содржината на информативната програма кај 16 национални и локални телевизии и дневни весници во последните две недели од кампањата пред првиот круг на претседателските и локалните избори.
Во извештајот се нагласува дека од програмско-содржински аспект, информирајќи за изборните случувања, улогата на слободен и критичен инструмент на демократската дебата, која подразбира преиспитување на партиските и идеолошките ставови, анализа на програмските приоритети и анализа на можностите за реализација, како и социјалните последици на предложената политика, наместо самите да ја одиграат, медиумите им ја препуштија на политичките актери во кампањата (и кандидатите, и политичките партии и нивните лидери).
Наспроти задоволството на политичките партии од начинот на кој медиумите информираа за изборните активности, најголемиот дел присутни уредници и новинари ја посочија некооперативноста на дел од претседателските и градоначалничките кандидати и нивното одбивање да се соочат на јавна дебата во медиумите, што значително влијаеше врз можноста медиумите сеопфатно да ги претстават и да ги дебатираат и анализираат нивните ставови и размислувања.
Од страна на СРД беше истакнато дека поради слабостите кои произлегле од имплементацијата на последните измени во Изборниот законик во делот на медиумското покривање на изборите, ова регулаторно тело веќе подготвува предлози за идни поефикасни законски решенија.
МИМ организира дебата и тркалезна маса по повод Меѓународниот ден на слободата на печатот
По повод 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на печатот, Македонскиот институт за медиуми организира два настани, чија цел е да се поттикне медиумската дебата за неколку аспекти на слободата на информирањето во земјава.
Првиот настан, дебатата со наслов “Како известуваа медиумите за изборите”, ќе се одржи на 30 април 2009, во салата “Дипломатик” на управната зграда на Скопски саем, со почеток во 10 часот. На овој настан ќе биде претставен финалниот Извештај од мониторингот на МИМ за медиумското претставување на изборната кампања за претседателските и локалните избори 2009, подготвен од страна на проф. д-р Весна Шопар, со кој беа опфатени поголем дел од влијателните национални и локални медиуми во Македонија. Учесници во дебатата ќе бидат главни уредници и новинари од највлијателните национални и локални електронски и печатени медиуми, пратеници и други претставници на најрелевантните политички партии, претставници на регулаторните тела (Совет за радиодифузија, Државна изборна комисија), медиумски експерти и универзитетски професори со експертиза од областа на комуниколошките науки и изборната регулатива.
Вториот настан, тркалезната маса со наслов “Пристапот на медиумите до информации од јавен карактер”, ќе се одржи на 7 мај 2009 во хотел “Холидеј ин” Скопје, со почеток во 10 часот.
На оваа тркалезна маса ќе учествуваат новинари, претставници на институциите- иматели на информации од јавен карактер, членови на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и домашни и меѓународни експерти од областа на слободниот пристап до информациите од јавен карактер. Целта на оваа тркалезна маса е да се разменат искуствата помеѓу претставниците на медиумите и на имателите на информациите од јавен карактер за досегашната практика во функционирањето на Законот, како и да се дискутираат можните проблеми со кои медиумите и јавноста се соочуваат во пристапот до овој вид на информации.
Одржана дебатата за медиумите и изборната регулатива
Како регулативата за покривање на изборните активности се одразува на работата на медиумите беше главна тема на која дискутираа претставници на медиумите, Државната изборна комисија, Советот за радиодифузија, политичките партии и меѓународните организации на дебатата која се одржа во организација на МИМ и на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста на 10 февруари 2009.
Најголемиот дел од дискутантите како проблематични ги истакнаа нејаснотиите во Изборниот законик во делот кој се однесува на периодот од распишувањето на изборите до официјалниот почеток на кампањата, како и насоките донесени од СРД со кои се регулираат формите на медиумското претставување во период пред почеток на изборната кампања. Претставници од медиумите укажаа на опасноста од ограничување на слободата на медиумите, но и на наводна некоординираност меѓу државните институции задолжени за спроведување на изборната регулатива во однос на медиумите.
На дебатата беше заклучено дека главниот проблем за оваа ситуација лежи во нејаснотиите и недореченостите во Изборниот законик, поради што беше препорачано, по завршувањето на изборите, да се пристапи кон негова промена преку отворање јавна дебата меѓу сите релевантни фактори.
Воведничари на дебатата беа професор Весна Шопар, Бедредин Ибраими од ДИК, Фарук Омерагиќ од СРД, Роберт Поповски од ЗНМ и Младен Чадиковски од ТВ А1.
Обуки за имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер
Детаљно запознавање со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и со уставно загарантираното право на слободен пристап до јавните информации е целта на обуките што МИМ и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер (КОМСПИ) ги спроведуваат во рамки на заеднички проект што се имплементира во периодот септември 2007-септември 2009 година. Во овој периодот континуирано се организираат дводневни обуки за околу 1000 службени лица од институциите задолжени за спроведувањето на Законот, а кон крајот на минатата година беше издаден и прирачник за службените лица и други материјали со информативна содржина.
Проектот се спроведува во соработка со Британската амбасада во Македонија.
За повеќе детаљи посетете jа веб страницата на КОМСПИ www.komspi.mk