Медиумската сфера во Северна Македонија и понатаму се соочува со бавен напредок и сериозни предизвици, и покрај позитивните трендови на меѓународните индекси за слободата на медиумите. Одржливото финансирање, примената на професионалните стандарди и подобрувањето на статусот на новинарите остануваат отворени прашања, додека медиумската сфера се соочува со брзи технолошки промени што влијаат врз формата, содржината и улогата на медиумите, како и врз комуникациските навики на публиката.
Истражувањето „Етиката, довербата и јавниот интерес клучни и во дигиталната доба“ ги анализира перцепциите на граѓаните и на медиумските професионалци за новинарството, медиумската индустрија, употребата на медиумите и довербата во нив, барањата на граѓаните од медиумите и нивните потреби, како и за состојбата со демократијата во државава. Наодите покажуваат дека граѓаните имаат ниска доверба во медиумите бидејќи ги перципираат како зависни од политичките центри на моќ, а информациската анксиозност расте поради сензационалистичкиот пристап и дезинформациите.
Заклучоците упатуваат дека иднината на медиумите ќе ја обликуваат технолошките и дигиталните иновации, но новинарите остануваат клучни за обезбедување автентичност, кредибилност и проверка на содржините.