„Порталите конечно ќе се препознаат како медиуми“. „Конечно и порталите влегуваат во закон“. „Владата со измени на закон ќе ги професионализира онлајн медиумите“.
Ова се дел од новинарските наслови со кои се најавија измените на Законот за медиуми, со кои требаше да се регулира медиумскиот простор во Северна Македонија кога се во прашање онлајн медиумите. Една од покрупните промени, која предизвика најмногу дебата во новинарската фела, е и запишувањето во т.н. Регистар на портали.
Но и по повеќе од половина година откако законските измени стапија на сила, во практика состојбата не се промени драстично.
Ефектот од законските измени засега, вели извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Драган Секуловски, е ограничен. И според директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АААВМУ) Зоран Трајчевски, целите досега се само делумно исполнети.
Според констатациите на соговорниците, причините се повеќеслојни – немање интерес кај голем дел од порталите да се регистрираат како медиум, неисполнување на најавите за усогласување со други законски акти, потребата од дополнителни измени на регулативите…
„Сепак, станува збор за релативно кратка примена на овие одредби, а за попрецизна анализа врз чија основа ќе се утврди дали и колку овие измени ги исполнуваат целите на Законот, потребно е подолг временски период на примена. Секогаш кога пазарот е регулиран и со јасно дефинирани правила, корист имаат сите учесници на пазарот“, велат од кабинетот на Трајчевски.
Што се промени на хартија?
Со измени на Законот за медиуми, кои стапија на сила на 29 април, во описот за тоа што се медиуми беа додадени и „онлајн медиумите – интернет-порталите“. Така, во основните услови за издавање, беше наведено дека портал може да публикува како медиум доколку физичкото или правното лице ја впише дејноста во Централниот регистар, има седиште и уредништво во Северна Македонија и на свое име има регистрирано македонски „мк“ или „мкд“ домен.
Тука е и Регистарот на портали, кој најмногу дилеми отвори околу тоа кои ќе бидат условите некој да се запише во него. Според решението што беше договорено, за да „влезе“ некој на оваа листа, како услов се пропиша да има најмалку двајца вработени со полно работно време. За специјализираните или за портали со мал опфат, потребно е еден вработен и едно лице со договор на дело.
Покрај податоците за вработените, за Регистарот се бараат и основни податоци како: назив на фирмата и седиштето, име и презиме на одговорното лице, адреса.

Само 57 портали во Регистарот, а 257 бараа пари од за политички реклами
Надлежна да го води Регистарот е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АААВМУ). Според податоците објавени на 3 ноември на веб-страницата на АААВМУ, во него се запишани вкупно 57 – од нив 42 онлајн медиуми и 15 со мал или со специјализиран опфат, кои во најголем број се регионални односно покриваат локални теми.
„Во Регистарот се запишани најмногу една третина од препознатливите онлајн медиуми. Дел од нив или не ги исполнуваат условите или не сакаат да бидат потранспарентни во својата работа“, вели извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски.
Причините, според него, се комбинација од повеќе фактори: барањето построги услови – фирма, импресум, податоци за сопствеништвото, приходи, вработени. Но, и недовербата кон поврзување со институција како што е АААВМУ или едноставно „немањето интерес“.
Евидентирањето во Регистарот е доброволно – секој самостојно одлучува дали ќе се запише или не, каде што Трајчевски од АААВМУ ја гледа и една од причините за делумно исполнетите цели на Законот.
Дека има мал интерес кај порталите да се евидентираат, покажаа и последните локални избори во Северна Македонија што се одржаа во октомври и ноември 2025 година. Додека само 57 се запишани во Регистарот, за платено политичко рекламирање за изборите се пријавиле повеќе од 330 медиуми, од кои најголемиот дел односно 257 се портали.
Неусогласеност со Изборниот законик
Платеното политичко рекламирање со пари од државниот буџет е регулирано со Изборниот законик. Иако имаше најави дека заедно со измените на Законот за медиуми, ќе се овозможи пари од реклами за избори да земат само порталите што се запишале во Регистарот, тоа не се случи.
Ваквата најавена предност, која не се оствари, Секуловски ја посочува како уште една причина за делумниот ефект на законските измени и слабиот интерес за запишување на порталите во Регистарот на онлајн медиуми.
„Изборниот законик и понатаму им дозволува и на ‘фантомски’ портали да влезат во игра – дел без функционален сајт, без сопствеништво, со странски домени, па дури и новоформирани портали пред избори. Ова отвора простор за клиентелизам и злоупотреба на јавни пари, наместо Регистарот да биде филтер за професионални медиуми“, вели извршниот директор на ЗНМ.
На бенефит од изборното рекламирање се надеваа и најголем дел од порталите што решија да се запишат во Регистарот.
Александар Самарџиев, сопственик и уредник на локалниот портал „Тетово инфо“, вели дека со продолжување на практиката да се даваат пари за изборно рекламирање и на оние што всушност не вршат новинарска дејност наместо на оние што се во Регистарот, тие како професионални онлајн медиуми немаат корист од Законот. Напротив, имаат дополнителни трошоци.
„Ние немаме некоја корист како портал и како фирма. Како локален медиум што информира за Тетово и регионот, само јас бев вработен, а сега има потреба од повеќе давачки со оглед на потребата да се ангажира лице на хонорарна основа. Можеби е и рано за некаков позитивен ефект. Суштината на која треба да се фокусираат институциите е со Регистарот да се оневозможи функционирањето на порталите што не се занимаваат со новинарска дејност или само копираат вести од други“, вели Самарџиев.
Како што додава тој, неопходно е да се најде начин „да се валоризира работата на новинарите и на порталите што создаваат вести и содржини“.
Закон според европските директиви
Освен усогласување со Изборниот законик, дека се неопходни дополнителни чекори за регулација на онлајн медиумите, согласни се и од АААВМУ и од ЗНМ.
Секуловски нагласува дека е потребно подобро уредување на регулативите околу авторските права – за фотографии, видеа и за други медиумски производи.
„Почитувањето на авторските права треба да биде еден од условите да учествуваат онлајн медиумите во формите на финансиска поддршка во и надвор од политичка кампања. Ова ќе помогне да се намали „copy-paste“ новинарството и ќе поттикне култура на почитување на трудот на фоторепортерите, на снимателите и на новинарите“, вели Секуловски.
Но, и тој и Трајчевски се согласни дека се потребни и сеопфатни измени или сосема нов закон за медиуми, кој ќе биде во согласност со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA).
Законот, нагласуваат од ЗНМ, треба да предвиди обврски и за онлајн и за традиционалните медиуми да имаат интерни прирачници за етички стандарди и јасни процедури за безбедноста на новинарите во редакциите и на терен.
Европскиот акт стапи на сила во ЕУ во август 2025, а меѓу најважните негови цели се уредничката независност, заштита на изворите на информации, медиумскиот плурализам и транспарентност на сопствеништвото.
Автор: Пелагија Младеновска
Подготовката на текстот е поддржана преку регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“, ко-финансирана од Европската Унија, и преку проектот „Fostering Improved Media Standards”, финансиран од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Содржината е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на НЕД.