Почитувани медиумски работници и сите чинители во медиумскиот сектор, во продолжение го споделуваме нацрт-текстoт од новиот Кодекс на новинарите составен од осумнаесет членови. Ве покануваме да ги споделите Вашите коментари и мислења, со што ќе дадете значаен придонес за подобрување на тековната работна верзија.


Коментарите можете да ги испратите на е-пошта: contact@znm.org.mk до 18 мај, со назнака „КОМЕНТАРИ И МИСЛЕЊА ЗА КОДЕКС“

Процесот на изработка сè уште е во тек, со планирани дополнителни консултации со цел финално усогласување на текстот на Кодексот.

Истовремено известуваме дека на оваа тема ќе следи јавен настан на 11 мај во 11:00ч во Europe House.

Процесот на измена и дополнување на Кодексот на новинарите се спроведува како инклузивна и повеќефазна иницијатива, чија цел е унапредување на етичките стандарди во новинарството и нивно усогласување со современите медиумски предизвици. Измената опфаќа два дела: ревизија на постојните одредби и воведување нови правила кои одговараат на дигиталната ера и новите форми на известување.

Во рамки на досегашната работа се направени значајни измени во повеќе делови од Кодексот. Изменета е Преамбулата, а корекции се направени во членовите 1, 4, 6, 8, 10, 12, 14 и 17, со цел појаснување и зајакнување на професионалните и етичките стандарди. Дополнително, направени се измени и во завршните одредби. Како значаен чекор во модернизацијата, воведени се и три нови членови кои се однесуваат на користењето на алатките за вештачка интелигенција во новинарството, на прашањата поврзани со тајно прибирање на податоци и на известување за случаи на самоубиства и обиди за самоубиства. Во моменталната работна верзија етичкиот кодекс брои осумнаесет членови.

Процесот не се ограничува само на текстуални измени, туку се базира и на поширока консултација со новинарската заедница. Во таа насока се одржани повеќе работилници и консултативни средби со новинари, уредници и медиумски работници од различни делови на државата, при што се собрани практични предлози и искуства од терен.

Како дел од аналитичката поддршка за реформата, изработени се и два значајни документа кои ги адресираат актуелните етички предизвици и нудат насоки за модернизација на новинарските стандарди. Тие се фокусираат на справување со дезинформации, говор на омраза, заштита на ранливи групи, проверка на факти и влијанието на новите технологии врз новинарската професија.

Очекувањата од овој процес се создавање на појасен, поразбирлив и применлив Кодекс кој ќе им помогне на новинарите во секојдневната работа. Се очекува зајакнување на професионалноста и етичноста во известувањето, подобро справување со дигиталните предизвици и новите технологии, како и зголемување на довербата на јавноста во медиумите преку поквалитетно и проверено информирање. Во таа насока, поддршката од Цивика Мобилитас е клучна за успешно завршување на процесот и за создавање на современ и функционален Кодекс кој ќе претставува основна алатка во новинарската практика.

Работната група составена од претставници на Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите за време на процесот одржуваше средби на кои се земаа и примери од други етички кодекси од регионот и од Европа. Изработката започна во јули 2024 година, а новиот кодекс се очекува да биде промовиран во втората половина на 2026 година.

Активноста е дел од проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“ поддржан од Владата на Швајацарија преку проектот Цивика Мобилитас.

Содржината на оваа објава е единствена одговорност на ЗНМ и МИМ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.