Невистина. Измама. Мавтање. Фрлање магла. Бајка. Правење филм.

Ова се варијантите (синоними и жаргони) на зборот „ЛАГА“, кој е крајно политички некоректен. За да бидеме „фенси“ и во согласност со сè понежните очи и уши на читателите, во текстов ќе го користам терминот неточности, чисто за да ја оставиме можноста дека пласираните информации во јавноста можеби се резултат на недоволна посветеност на ПР-тимовите околу одреденото прашање и ненамерното непосветување внимание на детали, кои во суштина ја формираат крајната слика во јавноста.

Секако, овој пат, аголот, погледот, аспектот на текстов ќе биде преку очите на новинар, кој по три децении работа и повеќе од 20-25 години уреднички позиции во национални медиуми, се врати на најубавото во новинарството – да се биде репортер. Да известува од терен, од местото каде што се раѓа веста.

Новинарската нервоза што се преточи во овој текст беше предизвикана од два настана во јавноста каде што учествуваа владејачката ВМРО-ДПМНЕ, опозициската СДСМ и Сојузот на синдикати на Македонија.

Нервозата е хронолошка, а не според тоа кој повеќе сакал да си игра со чувствата на јавноста.

Па, да почнеме.

Во август, лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов побара средба со премиерот Христијан Мицкоски за да разговараат за барањето минималната плата да биде 450 евра. Мицкоски го сврте барањето на политика и обвини за координација на ССМ со СДСМ. Сепак, ставот на Синдикатот дека нема да ѝ се даде мир на владата во првите 100 дена од владеењето и веднаш ќе се испорача барањето за минималец од 450 евра, беше познат и пред изборите на 8 мај 2024 и веднаш по нив.

gt photo 1Каде се парите? #S02E13 | Слободан Трендафилов | Синдикатот не дава 100 дена мир на владата

Втората уште поголема причина за новинарска нервоза беше ставот на СДСМ дека додека тие биле на власт, седум години постојано растела просечната нето-плата, а кога дошло ВМРО-ДПМНЕ, таа паднала. Го обвинија Мицкоски дека лаже во својата изјава за растот на платите.

gt photo 2 https://sdsm.org.mk/soopstenija/87130

И каде сме ние новинарите тука? За жал, само неми пренесувачи на политички ставови. Огромен број текстови на двеве теми.

gt photo 3Извор: линк

И спорно е што никаде не е оспорено кажаното. Никој од колегите не го прашал премиерот Мицкоски како тоа гледа политичка заднина кога ставот на ССМ е познат уште пред изборите и беше јасно упатен и до двете партии. Неоспорувањето на изјавата на Мицкоски за наводна поврзаност на ССМ и СДСМ, иако има јасни контрааргументи на таа теза, остава простор политиката да го диктира наративот, а ние новинарите да сме само пренесувачи и на ставовите на политиката.

Во вториот случај, пак, кога СДСМ изнесува став и повикува дека Мицкоски лаже, или што би се рекло со политички коректен јазик изнесено мислење со неточности на опозицијата, никој не проверил дали тврдењето е точно или не. Проверката многу лесно се прави ако се посети веб-страницата на Државниот завод за статистика. И таму, со неколку кликови може да се открие дека нето-платата јули 2024 – јули 2023 расте, дека расте и платата споредено од I – VII 2024 со I – VII 2023 година, а дека е точно дека се намалила ако се спореди јули 2024 со јуни 2024. Но, и истите споредби јули – јуни за 2023, 2022 и 2021 година покажуваат дека нето-платата се намалувала. Не колку во 2024 година, но се намалувала. За проверка на ставот на СДСМ, требаше околу три минути.tabela
ИЗВОР: ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА

Доаѓаме до централниот проблем. А тоа е дали ваквите пропусти се поради т.н. мрзливо новинарство или нестручноста на новинарите да дадат контекст и да постават релевантни прашања.

Најлесно е вината за површно завршената работа да се префрли на нас, новинарите, репортерите. До пред извесно време и јас ќе бев строг оценувач на колегите. Но, една цртичка, еден настан ми го разбистри одговорот на проблемот.

Како што напишав, околу два месеца со скратено работно време работам како репортер, односно кога не го снимам и подготвувам поткастот, известувам од терен.

По консултации со уредникот на денот, беше прифатен мојот предлог да се следи брифингот на Уставниот суд (20.11.2024 г.) каде што тема беше дали да се укине или да се поништи Законот за солидарен данок. Ако се поништи Законот, државата ќе треба да им врати 49 милиони евра на фирмите. Бидејќи знаев што ќе работам, а имав неколку часови до брифингот, имав време точно, институционално да проверам колку фирми го платиле данокот и која е точната сума.

На брифингот дојдоа само неколку новинари, со кои почнав да разговарам на темата. Увидов дека не ја имаат прецизната бројка за платен данок и на фирмите и почнав да им солам памет како можеле да дојдат на настан неподготвени. Колешката што солидно си ја работи својата работа, веројатно од култура и поради моите години ме трпеше, додека колегата, освен што ми е пријател и другар, е и одличен новинар што од ден во ден сè повеќе расте во фелата, знае дека моето „мрчење“ е поради новинарската нервоза и состојбите во фелата, а не е лично. Но, кога пукнаа од моето „напинање“, ми овозможија да сфатам дека и двајцата во последен момент дознале дека ќе го следат брифингот. Едноставно, немале време да се подготват за настанот, иако си имаа солидно предзнаење, но она што се вели, оставено во некој фолдер во меморијата.

И токму сознанието дека во последен момент се на настанот, а требало да работат нешто друго, го дава одговорот на сè што пишував досега.

Ние, новинарите, репортерите, поради „сиромашните“ (не поради пари) медиуми, каде што сериозно недостасуваат луѓе, сектори, редакции, се претворивме во неми набљудувачи на пласираните ставови и тези на партиите, политичарите, бизнисмените, коморите, граѓаните. Едноставно, немаме време ниту ресурси да си ја вршиме својата работа како што треба.

Колку и да се добри новинарите, за да се сработи нешто квалитетно, потребно е да се потроши време на тоа и да се има план што се сака да се постигне.

gt photo 6

Првиот проблем, со времето, се постигнува ако некако се успее човечки, пред сè бројчано да се зајакнат редакциите. Второ, да се има план е исто така сериозен предизвик, бидејќи новинарството се сведе на чиста конфекција. Односно, ако го немаш истото како и другиот медиум или уште полошо, дури и ако не го имаш и истиот агол и главни поенти, сметаат дека си ја утнал работата. Ова е исклучително опасно, затоа што не дава можност на различни аспекти на една тема или на различни теми да бидат дел од медиумите.

На вака поставените проблеми, веројатно во догледно време нема решение.

Најдоброто би било влез на сериозни странски медиуми што ќе ги подигнат стандардите, но тоа е тешко да се очекува поради тоа што сме мал пазар.

Второ решение би можело да биде неколку невладини и медиумски организации да се здружат, да обезбедат големи фондови што ќе бидат доволни за неколку години и да таргетираат два-три клучни медиума, со нив да постигнат договор за соработка каде што обврската на медиумот ќе биде да вработи поголем број новинари во информативниот сектор, при што на месечно ниво би се следела нивната ангажираност и бројот на теми, со образложение зошто биле од јавен интерес. Ако се исполнуваат овие услови, односно новинарите ги постигнуваат зададените цели за јавен интерес, освен трошоците за нивен ангажман, медиумите да добиваат дополнителна парична помош за развој.

Можеби ова е утописки и пресложено, но тешките состојби бараат инвентивни решенија и поголема посветеност за излез од кризата во новинарството.

Автор: Горан Теменугов


 Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).