Денот ни започнува со ‘нотификации’, сензационалистички наслови нè повикуваат да кликнеме, видеa со стотици илјади прегледи го задржуваaт нашето внимание и за миг сме дел од огромниот информациски лавиринт. Не станува збор за изолиран случај. Таква е глобалната реалност.

Социјалните мрежи, кои ги користат повеќе од 4,9 милијарди луѓе глобално, се моќни алатки за информирање, но и за дезинформирање. Во Република Северна Македонија, речиси 49% од граѓаните изразуваат сомнеж во точноста на сите информации што ги читаат или ги гледаат, покажува неодамнешно истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Најмладите од 18 до 24 години (54%) и оние на возраст од 35 до 44 години (56%) најмногу се сомневаат во точноста на објавените информации.

Алгоритмите што ги управуваат овие платформи го фаворизираат сензационализмот, потиснувајќи ги точноста и веродостојноста во втор план. Младите, како најактивни корисници, се особено изложени на ризик, станувајќи цел за манипулативни содржини и дезинформации. Ова нè води до клучното прашање: Како можеме да поттикнеме информираност и критичко размислување кај граѓаните за успешно справување со овие предизвици во дигиталната ера?

Саморегулацијата и медиумската писменост – патокази во информативниот хаос

Во свет во кој информациите се шират со незапирлива брзина, саморегулацијата и медиумската писменост функционираат како комплементарни механизми. Заедно, тие создаваат мост меѓу етичкото известување и информираната и активна публика, воспоставувајќи силен механизам за заштита од дезинформации и манипулации.

mt text 3

Медиумската саморегулација не е само формален или технички процес. Таа претставува суштинско ветување дека медиумите ќе бидат одговорни и отчетни пред јавноста, штитејќи го правото на слобода на изразување. Ова ветување е основата на етичкото новинарство, механизам што ги балансира правата на медиумите со нивните обврски кон јавниот интерес.

На глобално ниво, саморегулаторните тела играат клучна улога во поставувањето и одржувањето високи стандарди во новинарството. Тони Калвин, уредник за стандарди и практики во американската радиомрежа NPR, вели: „Стандардите се она што ни помага да ја задржиме довербата на нашата публика, а довербата е нешто што не можеме да си дозволиме да го изгубиме“. Неговите зборови совршено ја истакнуваат клучната врска меѓу довербата и јасно дефинираните стандарди, нагласувајќи ја нивната неопходност за создавање и одржување новинарство со кредибилитет.

Но, како овие стандарди преминуваат од теорија во практика? Тука настапуваат саморегулаторните тела, кои не се само пасивни набљудувачи на професионалната етика. Тие активно учествуваат во обликувањето на довербата меѓу медиумите и публиката. Преку јасно дефинирани етички кодекси и јавни одлуки за случаи на неетичко известување, овие тела праќаат силна порака: јавноста не е оставена сама во лавиринтот на дезинформации. Тие претставуваат чувар на етичките принципи, поттикнувајќи го новинарството да биде транспарентно, професионално и насочено кон јавниот интерес.

Едукацијата како „продолжена рака“ на саморегулацијата

Саморегулацијата не е само чувар на етиката, таа е двигател на промени што ја обликуваат иднината на медиумите и јавната свест. Советите за етика во медиумите не треба да се гледаат само како набљудувачи, нивната вистинска моќ лежи во создавањето генерации граѓани со остар критички ум и напредни медиумски вештини.

Кога етичките кодекси поставуваат високи стандарди, едукацијата станува силата што ги оживува овие принципи, претворајќи ги во практика во медиумскиот екосистем. Саморегулаторните тела, како мост меѓу медиумите и јавноста, нè потсетуваат дека вистината и одговорноста не се задача на поединецот – тие се колективна мисија. Едукацијата ја има таа трансформативна моќ: да ги претвори правилата во вистинска одговорност и активна практика.

mt text 5

Пример за ова е Алатката за медиумска писменост, развиена од австрискиот и германскиот совет за етика во медиумите. Овој иновативен ресурс вклучува интерактивни студии на случаи и симулации, кои ги учат младите како да препознаат манипулации, да ја анализираат содржината и да ги разберат принципите на етичкото новинарство. Овие алатки не само што ги зајакнуваат способностите за критичко размислување на младите, туку и на пошироката јавност.

Во заложбите за јакнење на медиумската писменост во земјата, учествува и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Како членка на Мрежата за медиумска писменост СЕММ учествува во поттикнувањето критичко размислување и во градењето отпорност кон дезинформациите. Активностите на саморегулаторното тело, какви што се работилниците, отворените седници на Комисијата за жалби и јавните дебати создаваат простор за дијалог и учење. Уште поважно, одлуките на Комисијата за жалби на СЕММ играат значајна улога во напорите за медиумска писменост. Овие одлуки не само што утврдуваат прекршувања на професионалните стандарди, туку и нудат јасно објаснување за тоа како и зошто се случуваат таквите нарушувања. Преку нив, јавноста може да научи како да ги препознае неправилностите во известувањето, паралелно разбирајќи ги етичките норми што ги предводат медиумите во нивната работа.

Медиумската писменост како клуч за отпорност кон дезинформациите

Медиумската писменост не е само индивидуална способност – тоа е основа за градење информирано, критичко свесно и активно општество. Европската аудиовизуелна опсерваторија ја дефинира медиумската писменост како „вештина на 21 век“, неопходна за граѓаните да ја разберат сложеноста на информациите што ги примаат и да ја препознаат разликата меѓу факти, полувистини и манипулации.

Финска е глобално признаена како лидер во медиумската писменост и едукација. Нивниот пристап се темели на принципот дека критичкото размислување не треба да биде привилегија, туку основна вештина што се учи од најрана возраст. Финскиот образовен систем активно промовира медиумска писменост на сите нивоа. Уште од основно училиште, учениците учат како да анализираат медиумски содржини, да ги препознаваат пристрасностите во известувањето и да поставуваат прашања за изворите на информациите. Наставните програми вклучуваат интерактивни методи, какви што се анализа на вести и практични задачи за проверка на факти. Инаку, Финска ја зазема првата позиција на Европскиот индекс за медиумска писменост за 2023 година, што ја потврдува нејзината водечка улога шеста година по ред, започнувајќи од 2017 година. Индексот, кој опфаќа 41 држава, ја мери потенцијалната ранливост на општествата на дезинформации, при што повисоките рангирања и поени укажуваат на поголема отпорност кон дезинформации и сродни феномени. Данска се позиционира на второ, Норвешка на трето, a Естонија и Шведска ги заземаат четвртото и петтото место.

mt text 6

Овие примери го покажуваат патот што можат да го следат многу други земји. Комбинацијата на образовни стратегии, активна поддршка од институциите и континуирано поттикнување на критичкото размислување, служи како инспирација за глобалните заложби за борба против манипулациите во дигиталната ера.

Синергија меѓу медиумската писменост и саморегулацијата

Во ерата на дезинформации, саморегулацијата и медиумската писменост претставуваат неопходен тандем што обезбедува јасни стандарди и критички освестена јавност. Овие механизми не се изолирани – тие се интегрирани процеси што се надополнуваат, создавајќи отпорност кон манипулациите и градејќи доверба во медиумите.

Советите за медиумска етика, преку своите етички кодекси и јавни одлуки, поставуваат стандарди што овозможуваат новинарството да биде транспарентно, одговорно и насочено кон јавниот интерес. Истовремено, медиумската писменост не е само вештина, туку столб на демократските вредности, зајакнувајќи ја способноста на јавноста да препознава, да анализира и да вреднува информации што се засноваат на факти.

Оваа синергија не е само теоретски концепт, туку претставува практична алатка за справување со глобалните предизвици што ги носат дезинформациите. Како што истакнува американскиот теоретичар и автор Томас Соул, „ако луѓето во медиумите не можат да решат дали се во бизнисот на известување вести или на создавање пропаганда, тогаш уште поважно е јавноста да ја разбере таа разлика и соодветно да ги избере своите извори на вести“.

Автор: д-р Марина Тунева


Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на регионалниот проект „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“.

eu flag Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.