За децата овие алатки ќе бидат сосема нормален дел од нивниот живот. Но, тие треба да ги разберат пошироките општествени и етички влијанија на вештачката интелигенција, вклучувајќи ја важноста на приватноста, на пристрасноста и на транспарентноста, вели Лукаш Горог, експерт за ВИ

„Колку често разговарате со Четџипити?“ – „Секој ден!“ – громогласно одговараат стотина основци од седмо до деветто одделение од три скопски училишта.

„А што разговарате?“ – ги прашува една од предавачките на работилницата.

„Каква забава да направам за мојот роденден. Како се однесува мојата мачка. Да ми помогне за домашната работа. Да ми раскаже лектира“ – одговараат учениците еден по еден.

„Прашав да ми даде краток опис на лектирата ‘Хајди’. Тоа го направив од љубопитност, веќе ја имав прочитано целата книга. Интересно беше што добив краток опис, но не беше тоа – тоа. Беше премногу општо и немаше никакви детали. Самостојно подобро си ја завршив домашната“ – објаснува една ученичка.

Ученици од основните училиштата „Св. Кирил и Методиј“ од скопската општина Центар, „Јан Амос Коменски“ од Карпош и „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода, предводени од нивни наставнички учествуваа на работилницата за медиумска писменост што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Работилницата ја држеа Марина Димитриева-Ѓорѓиевска од Бирото за развој на образованието и Емилија Петреска-Камењарова од АВМУ.

КАДЕ ДА ВНИМАВАМЕ?

Учениците покажаа значително високи познавања од сферите на медиумската писменост. Беа одлични во изработките на вежбите со кои на практичен начин препознаваа дезинформации. Повеќето од нив се свесни што се лажни вести, како да ги проверуваат, јасно им е дека на социјалните мрежи демнат опасности, не се лековерни кога ќе добијат сомнителна покана за пријателство.

Интересни се нивните ставови за вештачката интелигенција. Сите ја користат. Дел од учениците објаснуваа како ја поимаат. Тие го коментираа кусото видео создадено со помош на ВИ и ги забележуваа нелогичните елементи, намерно направени за да ги забележат и да ги коментираат разликите со вистинската реалност.

„Вештачката интелигенција е доведена до тоа ниво што може да направи речиси реална слика или снимка. Ние намерно го направивме да биде сатирично за да се познава дека не е реално.

vi photo 5

Разликата меѓу вештачката и човечката интелигенција е што ВИ собира информација и прави статистика на најчестите информации. Може да ве насочи и да ви даде извори, но не очекувајте да мисли за вас. Ќе видиме дали вештачката ќе стане вистинска интелигенција. И да стане, тогаш ќе мисли за себе, нема да мисли за вас. Нема да ви ја реши задачата. Мора да знаете како да ја користите. ВИ може да ви биде многу добар пријател, а многу лош господар“ – им вели Петреска-Камењарова.

Таа е децидна дека користењето на вештачката интелигенција неопходно бара големо внимание и од возрасните и од децата, особено зашто комуникацијата се одвива во форма на дијалог, па човек, особено помлада личност, може да ја сфати како еквивалент на меѓучовечка интеракција – што таа дефинитивно не е. Ваквите појави се веќе и документирани особено кај децата, кога се чувствуваат осамено да комуницираат со неа како со „пријател“.

vi photo 2 Емилија Петреска-Камењарова, АВМУ

„Тоа е едната причина зошто е важно возрасните да се свесни и присутни (директно или индиректно, преку разговор) кога помладите комуницираат со ВИ. Освен ова, важно е и веќе однапред да се поразговара со децата дека ВИ може да им помогне со училишните обврски (на пример, за истражување), но никако не смеат да мислат дека таа може да ги заврши наместо нив. Ако ВИ им посочи извори на информации што можат да ги користат, тие треба да ги проверат – за да видат дали се точни, да ги проанализираат – за да видат дали се релевантни и самите да го синтетизираат финалниот одговор на задачата поставена пред нив“ – објаснува Петреска-Камењарова.

КАКО ВИ ДА СЕ ИНТЕГРИРА ВО ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ?

Технолошкиот развој на ВИ се движи со голема брзина, наспроти бавните промени во образовниот систем. Ова прашање е многу комплексно бидејќи опфаќа сè од што е сочинет образовниот систем, вклучувајќи ги наставниот кадар и учениците. На прашањето што сè планира БРО во однос на образованието на учениците за етичко и функционално користење на ВИ, Димитриева-Ѓорѓиевска вели:

„ВИ е реалност што на различен начин ќе биде присутна во нашето образование. ВИ во новите програми за гимназиско образование ќе биде поврзана со медиумската писменост и како тема ќе се развива во сите четири години. Инаку, медиумската писменост е дел од предметот Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература, Српски јазик и литература, а со новиот концепт за гимназиско образование се планираат и изборни предмети/програми со предзнак медиумска писменост и во нив ќе бидат вклучени и содржини поврзани со ВИ“ – објаснува таа.

Според Димитриева-Ѓорѓиевска, во препораките за реализација на наставата на новите програми, ќе се посочи дека ВИ може да се користи како пристап, како метод на работа на часовите што ќе се применува во согласност со научната област на која ѝ припаѓа секој предмет.

vi photo 1Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, БРО

„Што се однесува на обуки за наставниците за ВИ, тие како тема за обука се веќе дел од каталогот што Бирото за развој на образование го подготвува за професионалниот развој на наставниците, така што останува наставниците да ги изберат овие обуки доколку сметаат дека им се потребни“ – вели Димитриева-Ѓорѓиевска.

ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ ЗА ВИ?

Фактот дека учениците самостојно наголемо ја користат ВИ, го отвора прашањето какво знаење им е потребно за да ја користат функционално за да може да им биде корисна алатка во процесот на учење. Лукаш Горог е експерт за вештачка интелигенција и основач на Академијата за вештачка интелигенција и дигитализација во Виена. Тој вели дека децата не треба само да научат како ефективно да ги користат алатките за вештачка интелигенција, туку и како критички да ги проценат информациите и резултатите генерирани од таквите системи.

„Ова вклучува дигитална писменост, критичко размислување, практични вештини и етика и одговорност“ – вели Горог.

Тој е дециден дека во однос на дигиталната писменост, на едукаторите треба да им биде приоритет да ги научат учениците како функционира вештачката интелигенција во широки рамки – нејзините силни страни, ограничувања и етички импликации. Ова помага во демистифицирање на технологијата и спречува злоупотреба.

vi photo 4

„Критичкото размислување, пак, е од витално значење за да се обучат учениците критички да ги преиспитуваат и да ги анализираат информациите генерирани од вештачката интелигенција, да бидат сигурни дека можат да препознаат пристрасност, неточности или несоодветна употреба“ – вели Горог.

Тука се и практичните вештини. Обезбедувањето практични искуства со алатките за вештачка интелигенција може да придонесе учениците удобно да ги интегрираат овие алатки во нивниот процес на учење.

„Понекогаш децата се подобри во дигиталните вештини отколку возрасните. На пример, кога ја гледам внука ми, таа е многу напредна во користењето ајфон. Истото ќе се случи и со алатките за ВИ. Децата ќе совладаат некои алатки од ВИ подобро од нивните наставници. Алатките како Четџипити (ChatGPT) и Клауд (Claude) ќе бидат широко користени во училиштата и ќе се интегрираат во нашите компјутери. За децата овие алатки ќе бидат сосема нормален дел од нивниот живот. Но, тука е етиката и одговорноста. Децата треба да ги разберат пошироките општествени и етички влијанија на вештачката интелигенција, вклучувајќи ја важноста на приватноста, на пристрасноста и на транспарентноста. Тие треба да научат дека алатките за генерирање вештачка интелигенција, како Midjourney, мора да се користат многу внимателно, бидејќи може да се злоупотребат за несоодветна содржина или за врсничко насилство кон други деца“ – завршува Горог.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска



Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на регионалниот проект „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“.

eu flag

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.