Десетина новинари и уредници од Македонија, Србија и Косово беа дел од студиската посета во Прага од 13 до 16 јуни што се реализираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“ во кој Македонскиот институт за медиуми е еден од партнерите.
Целта беше преку посета на професионални и истакнати редакции во Прага, новинарите и уредниците да разменат искуства, информации и добри примери, што ќе можат да ги применат во редакциите во коишто работат.
Учесниците се запознаа со процесот на производство на вести во неколку истакнати медиуми во Чешка, како што се неделниот магазин „Respekt“, дневниот весник за политика, економија и финансии „Hospodárske noviny“, националното чешко радио „Český Rozhlas“ и редакцијата на Радио Слободна Европа „Radio Free Europe/Radio Liberty”.
На средбите се разговараше за уредувачките политики, како и за функционирањето на уредничката независност. Претставниците од медиумите зборуваа и за начините на кои медиумите се справуваат со дезинформациите и говорот на омраза, а се осврнаа и на механизмите преку кои се остварува интеракција со публиката.
Во рамките на престојот во Прага, новинарите и уредниците имаа можност да се запознаат со концептите на конструктивно новинарство и медиумска критика како комплементарни и иновативни начини за зголемување на квалитетни содржини во медиумите.