Работењето на професионалните медиуми на удар на плагијаторството

workshop 16 17 12 2020

Заштита на авторските права во медиумската сфера е еден од клучните предизвици со кој се соочуваат новинарите, фоторепортерите и медиумските работници во земјава, особено по појавувањето на современи дигитални редакции. Законските можности за справување со плагијаторството и улогата на надлежните институции беше главна тема на дводневната работилница што ја организираа Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинарите на Македонија, со цел да се поттикне дебата на засегнатите страни и да се разменат позитивни искуства за прашањата поврзани со заштита на авторските права.

Во текот на првиот ден од работилницата, 40-на новинари, фоторепортери, медиумски работници, адвокати и претставници на Министерството за култура дискутираа за Законот за авторско право и други сродни права и имплементација на истиот во насока на заштита на правата на медиумските работници.

Во своето обраќање, министерката за култура, Ирена Стефоска истакна дека министерството работи на измени на Законот за авторско право и сродни права согласно европските стандарди и дека наскоро нацрт-текстот на Законот со вклучените измени ќе биде испратен на увид и мислење до сите заинтересирани страни пред да влезе во владина процедура.

Претседателот на Европскатамфедерација на новинари Могенс Бличер Бјерегрерд, информираше за напорите на Федерацијата во насока на подобрување на европската рамка поврзана со авторските права и правата на новинарите. Тој посочи дека заштитата на авторското право е важен предуслов за подобрување на економската положба на медиумските работници и дека тие имаат право на надоместок кога нивните авторски трудови се објавуваат во медиумите.

Дополнително, учесниците ги разгледаа правните специфики на Законот за авторски права во контекст на работата на медиумите, особено од перспектива на професионалните онлајн-медиуми кои трпат најмногу штета од „копи-пејст“ новинарството. Уредниците Горан Михајловски и Александар Дамовски, кои ги водат онлајн медиумите Сдк.мк и МКД.мк го наведоа проблемот со неовластено преземање содржини од нивните медиуми, при што беше истакнато дека во имало примери од случаи на судски постапки кога некои од судовите не ги признаваат интернет порталите како медиуми.  

Неда Здравева, професорка на правниот факултет „Јустинијан Први“ посочи дека не сите медиумски производи се авторски дела. „Медиумските производи кои претставуваат обично пренесување на службени текстови од политичка, законодавна и судска природа, како и другите дневни вести кои имаат карактер на обични - медиумски информации, едноставни факти и податоци не може се сметаат за авторско дело“ – вели Здравева. Според неа, за да може медиумската информација да се смета за авторско дело неопходно е авторот т.е. новинарот да има свој интелектуален придонес во нејзиното креирање.

workshop 16 17 12 2020 2Концептот на колективно управување со авторското право и правната пракса во заштитата на авторското право на новинарите и медиумските работници беа во фокусот на вториот ден од работилниците. Учесниците го отворија прашањето за неовластено преземање авторски фотографии и колку саморегулацијата и медијацијата може да помогнат за надминување на проблемот со неовластено преземање аудиовизуелни содржини.

Арбнора Мехмети, фоторепортерка во новинската агенција Мета.мк, го истакна проблемот со преземањето на фотографии од страна на медиуми, но и политички партии, при што нагласи дека сите фотографии, дури и на интернет се создадени од некого, при што мора да се внимава на почитувањето на авторските права.  

Адвокатката Наталија Миленкова истакна дека досегашната пракса покажала дека кај фотографиите многу полесно се докажува авторството, додека кај новинарските текстови е покомплицирано да се докаже кршењето на авторското право особено кога има драстично менување на оригиналниот текст.

Генералните заклучоци од дводневниот настан упатуваат на потребата од измени и дополнувања на законот за авторски права со цел дополнително препознавање на авторските новинарски трудови што би се зел предвид како важен аспект во идни судски постапки во кои новинарите би ги барале своите права. Според досегашната практика, трошоците за судски постапки пред граѓанските судови се скапи и тоа е една од причините зошто новинарите и фоторепортерите ретко се осмелуваат да тужат, што резултира и со многу скромна судска пракса. Високите административни трошоци во судска постапка, исто така можат да придонесат кон затворање на некои онлајн медиуми кај кои се утврдило дека неовластено објавувале фотографии без претходна согласност од авторите. Во македонското судство, без разлика дали станува збор за граѓанскиот или кривичниот суд, потребни се дополнителни обуки на судиите за овие теми, имајќи предвид дека има многу мала пракса за овие дела. Ова е посебно важно на долг рок, затоа што само преку правични пресуди кои се во согласност со праксата на ЕСЧП, медиумските работници ќе имаат поголема доверба во правосудниот систем.

Настанот се организираше во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс од Лондон, заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.