Младите во Македонија многу полесно препознаваат дезинформации пласирани на социјалните медиуми

Се чита за 3 мин.

Создавањето и ширењето дезинформации, предизвикуваат огромни ризици за целото општество, загрозувајќи ги основните човекови права – од личната безбедност и здравје, до сите видови слободи. Според експертите за комуникација кај нас, сериозен предизвик во борбата со ширењето на лажните вести е невклученоста во општествените текови.

Според Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми, младите луѓе многу полесно препознаваат дезинформации отколку повозрасните бидејќи тие се родени и функционираат во ерата на дигитализацијата и природно „пливаат“ подобро во интернет-просторот каде што почесто се шират дезинформациите.

b.kordalov 2„Но, она што е сериозен предизвик за младите луѓе според сите релевантни истражувања, е незаинтересираноста за вклучување во општествените текови. Тоа дополнително ги прави ранливи и подложни на дезинформации и на штетни наративи, особено што според извештаите на ЕУ, штетните наративи денес сѐ подоминантно се шират во комбинација на офлајн и онлајн каналите за информирање и комуникација“, вели Кордалов.

Најчестите дезинформации преку социјалните медиуми на кои граѓаните „наседнуваат“, како што вели Кордалов, е секоја актуелна тема на која креаторите на ваквите дезинформации сметаат дека ќе можат да нанесат штета на одреден демократски процес, како доверба во јавни институции или слично.

„Особено кога ќе настане синергија помеѓу креаторите и оние што од ширењето на лажните вести гледаат свој бизнис-модел за заработувачка, комбинацијата станува уште посилна и повлијателна“, дополнува тој.

Но, Кордалов дополнува дека дали граѓаните во голем број ќе наседнат или не, зависи од личната отпорност, од едукацијата, како и од тоа дали јавните институции се транспарентни, даваат одлични јавни услуги и директен друг придонес во борбата со дезинформациите, но и од степенот на регулација на социјалните мрежи како платформи од страна на овластените институции во ЕУ и во САД.

На прашањето дали коментарите и мислењата на граѓаните пласирани на социјалните мрежи ја намалуваат или ја засилуваат борбата со лажни вести, Кордалов посочува дека слободата на мислата и изразувањето се едни од најголемите цивилизациски демократски придобивки и како такви смета дека треба да се основата на сѐ, вклучително и на борбата против лажните вести и штетните наративи.

„Меѓутоа, слободата на изразувањето, од една страна, и водењето лична или поширока пропаганда, од друга страна, се две различни работи. Да се приклучите на луѓе или на сојузи што ја негираат науката, шират информации што го загрозуваат здравјето на луѓето, националната безбедност или се закануваат да ја загрозат демократијата, веќе не сте во зоната на слобода на изразување, туку на сосема другата страна“, завршува Кордалов.

m.lahtovМихајло Лахтов, експерт за медиуми и комуникација со долгогодишно работно искуство, смета дека дезинформациите се само еден сегмент од медиумската писменост или само еден предизвик во денешниот свет во кој медиумите имаат главна улога.

„Денешната медиумска средина е мошне комплексна. Новите медиуми не подложат на регулативни рамки како традиционалните и тој недостаток на одговорност околу тоа што се креира, што се споделува и на кој начин се прави тоа, ги прави работите мошне сложени. Во таквиот медиумски пејзаж, граѓанинот е целосно изгубен во океанот различни информации и тешко успева да го одвои тоа што е важно, релевантно, професионално, објективно и точно“, вели Лахтов.

Огромна е улогата на професионалното новинарство во борбата против ширење лажни вести

Според Михајло Лахтов, многу е важно да се разбере начинот на кој функционираат медиумите, особено моделот на новите медиуми што се потпираат на алгоритмите како уредници на 21 век.

med.mladi web3

„Важно е да разбереме на кој начин се злоупотребуваат медиумите, новите техники на пропаганда, трол-лабораториите, начинот на кој се користи и се злоупотребува вештачката интелигенција. Но, поважно од сево ова е повторно да ја отвориме дебатата зошто ни е потребно новинарството. Која е разликата меѓу професионалното новинарство и мислењата на луѓето, инфлуенсерите, политичарите што сè повеќе го преплавуваат просторот на сметка на новинарските содржини“, додава Лахтов.

Како што вели, мора да се сфати дека новинарството е столб на демократијата, па новинарите понекогаш и ризикувајќи го животот, се обидуваат да ги држат одговорни и отчетни оние што ја имаат власта и кои располагаат со парите на граѓаните.

„Кога ќе сфатиме дека без професионално новинарство не може да има ниту демократско општество, може да почнеме да зборуваме за детали какви што се дезинформациите или лажните вести“, изјави Лахтов.

Потребно е нужно развивање медиумска писменост

Користењето на социјалните мрежи има и свои предности и свои недостатоци. Додека ги прифаќаме нивните добри страни, треба да се обидеме да ги избегнеме негативните. Затоа е нужно развивање медиумска писменост.

med.mladi web2

„Медиумската писменост е дисциплина што се занимава со сите овие прашања, односно со тоа како медиумите влијаат врз човекот и врз општеството. Вклучувањето теми (не предмет) поврзани со медиумската писменост, во сите нивоа на образованието, почнувајќи од градинка, па сè до високото образование, е клучно за да развиваме вештини и знаења што ќе ни помогнат на вистински начин да ги користиме медиумите и да не дозволиме тие да нè користат нас.

Во тој процес, критичкото размислување, аналитичкиот пристап кон медиумските содржини, проверката од повеќе извори, свесност за сопствените предрасуди и емоции што често се причина за нашата пристрасност, се само некои од елементите на кои мора да работиме и да ги развиваме“, нагласува Лахтов, експерт за медиуми и комуникација.

Автор: Маја Терзиева


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.