„Секој има право на сопствено мислење, но не и на сопствени факти“. Оваа реченица на американскиот политичар и социолог Даниел Патрик Мојнихан, кој беше дел од администрацијата на неколкумина претседатели, од Џон Кенеди до Џералд Форд, најдобро го опишува периодот кога најмногу се искривува вистината, период кога секој има свое мислење, а богами и сопствени факти. Веројатно погодувате, тоа е периодот на изборите.
2024 година е година на избори речиси насекаде во светот. Безмалку половина од жителите на планетата Земја живеат во земји каде што во 2024 година има избори. На глобално ниво, повеќе гласачи од кога било во историјата ќе се упатат на гласачките места во најмалку 64 земји (плус Европската Унија) односно околу 49 отсто од вкупната популација гласачи во светот.
Да се вратиме на она за што зборувавме претходно – фактите и мислењето. За време на избори некако се навикнавме на валкана изборна кампања. Без разлика дали станува збор за развиени земји или не, кандидатите и политичките партии што ги застапуваат, речиси и да не избираат средства за да добијат што е можно повеќе гласови со цел да победат или, популарно кажано, да дојдат до фотелја.
Се манипулира со вистината, се манипулира со фактите и се користат сите можни средства за убедување на гласачите. Медиумите секогаш биле употребувани и/или злоупотребувани во оваа валкана игра. Појавата на социјалните медиуми и глобалното користење на мобилните телефони, ги направија можноста за споделување на фактите, но и можноста за манипулација и ширење на дезинформации уште полесни и побрзи. Вистината денес патува брзо, но лагата односно дезинформацијата патува уште побрзо.
Но, 2024 година не е специфична само по глобалното одржување на изборите туку и по глобалното користење на алатките за ВИ (вештачка интелигенција) за креирање содржина – текст, аудио, фотографија или видеосодржина. Речиси секој има пробано да креира некаков текст со помош на некој четбот (виртуелен соговорник) како ChatGPT или Google Bard, да креира фотографии со алатки како Midjorney или DALL-E или, најатрактивно, да креира видеа со помош на ВИ-алатките како Sora. Некои тоа го прават од забава, некои ги користат алатките за работа, а некои ги користат за манипулација и за ширење дезинформации.
Манипулациите со видео и со фотографии не се новост и тие се присутни во политичкиот и во јавниот живот речиси откога постои технологијата за нивно креирање. Па, така, знаеме за историски примери на манипулирани фотографии на Хитлер, Мусолини, Сталин… Но, ако манипулацијата на фотографиите и на видеата некогаш можеле да ја прават само експерти, денес речиси секој може да креира дипфејк видео со алатките со ВИ ширејќи дезинформации преку синтетички генерираната содржина.
Овие синтетички креирани содржини се особено опасни во време на избори. Ако дезинформациите, односно некогаш популарно наречени лажни вести, беа главното оружје за манипулација за време на изборите во САД во 2020 година или за време на Брегзит, се смета дека синтетичката содржина ќе биде нуклеарниот арсенал со кој ќе се манипулира на изборите низ светот во 2024 година.
За опасноста од дезинформациите и мисинформациите говори и фактот што Светскиот економски форум во својот извештај за глобалните ризици за 2024 година, ги стави на врвот на листата на ризици анализирајќи ги предизвиците со кои ќе се соочат земјите во наредната деценија. Според овој извештај, дезинформациите се најголемиот краткорочен ризик (во период од 2 години) со кој се соочува светот.
„Вештачката интелигенција ги засилува манипулираните и искривени информации што би можеле да ги дестабилизираат општествата“, стои во извештајот на Светскиот економски форум.
Во него се додава дека дезинформациите и мисинформациите нагло скокнале на првото место на ризици (скок за 15 позиции), а ризикот ќе стане акутен за време не изборите.
Според овој извештај, Индија е рангирана на прво место како земја со најголем ризик во светот. Токму во оваа земја годинава речиси една милијарда гласачи ќе одат на избори. Алатките со ВИ во Индија веќе почнаа да се користат во изборните манипулации. Во февруари годинава на Х (Твитер) се појави вирален пост поврзан со алатката за ВИ „Џемини“ на Гугл.
Кога на „Џемини“ му било поставено прашањето дали индискиот премиер Нарендра Моди е фашист, алатката за ВИ го дала следниот одговор: „Моди е обвинет за спроведување политики што некои експерти ги карактеризираа како фашистички“.
Понатаму „Џемини“ објаснува и образложува на што се заснова одговорот. Ваков јасен одговор не бил даден на истото прашање за Володимир Зеленски, Доналд Трамп и за други лидери.
Ова во пресрет на изборите предизвика политички турбуленции во Индија, а Гугл се обиде да го оправда својот четбот тврдејќи дека не е релевантен извор за вакви прашања.
Но, Индија не е единствената земја во која дезинформациите се висок ризик за општата безбедност, особено во време на избори. На оваа листа се и развиените земји како САД (6), ЕУ (6) и Велика Британија (11). Во неодамна објавениот извештај на Европската опсерваторија за дигитални медиуми било констатирано масовно ширење дезинформации во 12 европски држави во кои биле спроведени избори.
„Секоја земја има уникатни трендови на дезинформации, под влијание на националните контексти и актуелните глобални настани. Клучните теми ги вклучуваат војната во Украина, економијата, климатските промени и социјалните прашања (на пример, родови теми, религија и имиграција)“, стои во извештајот на Европската опсерваторија за дигитални медиуми.
Според анализата на Светскиот економски форум, може да се забележи дека балканските земји се исто така во топ 20 земји со најголем ризик од дезинформации, особено во време на избори. Најзагрозена е БиХ, но тука се и Македонија и Србија.
А токму македонските државјани во наредните месеци ќе имаат можност да го искористат своето право на глас. Со тоа Македонија влегува во светската статистика како една од земјите во кои во 2024 година се организираат избори.
Според Државната изборна комисија, во земјава има 80 општини, 3.480 избирачки места и 1.798.110 регистрирани гласачи заклучно со 1 декември 2023 година (бројката најверојатно ќе има измени пред одржување на изборите).
За тоа колкав е потенцијалот за ширење дезинформации кај македонските граѓани, покажува и масовната употреба на интернетот во земјата.
Според DataReportal, во Македонија има 1,8 милиони корисници на интернет и заклучно со јануари годинава имало 944.600 профили на социјалната мрежа Фејсбук, 811.500 профили на Инстаграм, 754.000 профили на Тикток, 370.000 на Линкдин и 133.100 профили на Х (Твитер). Сето ова укажува дека голем број од населението што има право на глас, потенцијално може лесно да биде изложено на дезинформации.
Дипфејк видеата засега, за среќа, не се дел од политичкиот наратив во Македонија, но дезинформациите веќе се дел од политичкото секојдневие. Во други земји во светот дипфејк видеата се користат за имитирање на говорот и на изгледот на реални луѓе, најчесто познати лица од јавниот живот. Ако порано требаа многу ресурси за креирање на овие видеа, сега со помош на ВИ-алатките потребно е само време и малку вештина.
Манипулираните видеа не мора во целост да содржат фабрикувани информации туку може да станува збор само за делумна манипулација. На пример, ако замислиме дека станува збор за видео од обраќање на политичар што трае 90 секунди, доволно е само еден збор да биде променет односно една секунда во видеото да биде фабрикувана за да се смени целиот контекст на видеото.
Овие видеа потоа преку социјалните медиуми се шират со неверојатна брзина, особено доколку атакуваат на емоциите на одредена категорија граѓани, кои имаат веќе донекаде оформено мислење на некоја одредена тема.
Еден конкретен пример на целосно дипфејк видео имаше во Индонезија. Вештачката интелигенција го „воскресна“ Сухарто, некогашен воен и политички лидер на земјата. Тој „оживеа“ пред екраните (телевизиски) и екраните на мобилните телефони на милиони граѓани токму пред изборите повикувајќи ги гласачите да излезат на гласање.
Уште пострашна манипулација со користење ВИ имаше пред изборите во Словачка. Два дена пред изборите, на социјалните мрежи се појави аудиоклип во кој наводно се слуша гласот на позната новинарка од медиумот Деник Н и на претседателот на една политичка партија, а тема на разговорот било наводна изборна местенка.
Разговорот во реалноста никогаш не се случил, но оваа содржина допре и беше споделена од илјадници корисници на социјалните мрежи. Оваа манипулирана аудиосодржина не само што беше искористена за дискредитација на политичарот туку, за нас новинарите уште пострашно, дискредитација на позната и почитувана новинарка, а со тоа и на медиумот во кој работи.
Откривањето дали некоја аудиосодржина е реална или манипулирана, засега е потешко од откривањето на фабрикуваната видеосодржина. Но и за двата типа синтетички содржини реално ќе стане сè потешко да се утврди дали станува збор за реална или за фабрикувана содржина.
Голем број земји се обидуваат да го регулираат ова прашање, како, на пример, Кина која бара задолжителен воден жиг за видеата што се синтетички генерирани. Сепак, ефективноста и брзината на регулацијата не се во можност да го следат трендот и брзината на развојот на сè помоќните и подостапните алатки за креирање видео- или аудиосодржина.
Синтетичката содржина допрва ќе се користи за манипулација на поединци или групи, за нанесување штета во фрагилните демократии, но и во развиените демократски општества. Содржината можеби е креирана од вештачка интелигенција, но штетата што се нанесува е реална.
Автор: Александар Манасиев
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).