За МИМ

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е невладина, непартиска и непрофитна организација основана во 2001 година од Данската школа за новинарство, УСАИД/Ирекс Про Медија и Македонскиот прес – центар. Во своето понатамошно дејствување, Институтот се разви во една од најмасовните медиумски платформи во Македонија. Речиси и да не постои медиум во земјава со кој МИМ досега не остварил професионална соработка. МИМ им овозможува на медиумите и на новинарите лесен и бесплатен пристап до медиумска литература, медиумски истражувања и анализи, најмодерни ресурси за професионална надградба и едукација поддршка за нивните истражувања, како и можности за заеднички продукциски или истражувачки зафати.

Визија:

МИМ се залага за градење демократско општество во кое доминираат професионални медиуми, транспарентни и отчетни институции и граѓански сектор, кои им овозможуваат на граѓаните доволно веродостојни информации, за тие да можат да направат информиран избор за сите прашања важни за нивниот живот и за општеството.

Мисија:

Мисијата на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е да го поттикнува и континуирано да помага во процесот на унапредување на професионални стандарди во новинарството, медиумите и во јавната комуникација со цел да влијае врз подобрување на демократските процеси во Р. Македонија.