Новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината

Времетраење: 2011 -

Донатор: МИМ

Опис:

Македонскиот институт за медиуми секоја година ја доделува наградата за најдобра истражувачка сторија на годината.

Оваа традиционална награда, која започна да се доделува од 2001 година, претставува најпрестижна награда во македонската медиумска заедница.

Покрај тоа, МИМ создаде фонд за поддршка на истражувачки стории и секоја година поддржува околу 10 новинарски идеи за истражувачки стории.

ReForMedia – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера

Времетреање: 2016-2018

Донатор: Европска Унија

Опис: Целта на проектот е да придонесе кон зголемување на влијанието на граѓанското општество во развојот и спроведувањето на медиумските реформи во земјата. Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Европската Унија. Во активностите ќе бидат вклучени претставници на сите клучни актери во медиумската сфера, како новинари, уредници, сопственици на медиуми и други медиумски професионалци, Парламентот, Владата, регулаторните институции, саморегулаторните тела и претставници на граѓанското општество, кои заедно ќе работат на унапредување на јавните политики за подобрување на законската и институционална средина која ќе овозможи слободни и професионални медиуми. Во таа насока ќе бидат спроведени повеќе истражувања и ќе се организираат дебати на различни релевантни теми од медиумската сфера. Дополнително, ќе бидат обезбедени и мали грантови за граѓански организации кои ќе спроведуваат активности за зајакнување на медиумскиот интегритет.

Продукција на неделно интервју на Радио Слободна Европа

Времетрање: 2006 -

Донатор: Радио Слободна Европа, Прага

Опис: МИМ го продуцира неделното ТВ интервју за Радио Слободна Европа, и го организира емитувањето на една национална и 10 локални ТВ станици. Интервјуата се прават со политичари, бизнисмени, како и со експерти од областа на политиката, економијата итн.

Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажните вести

Времетраење: 2018 - 2020

Донатор: Европска Унија

Опис: Целта на проектот е преку унапредување на писменоста за вести и на дигиталната писменост, да се подобри ефективноста, одговорноста и етиката меѓу припадниците на граѓанското општество и на новинарите при користењето на правото на слобода на мислење и изразување.

Проектот ќе придонесе кон зголемување на знаењето на граѓанските организации со цел да можат ефективно да се справуваат со лажните вести и неетичкото известување во медиумите, ќе им помогне на корисниците на социјалните медиуми да станат информирани консументи на онлајн вести и информации и активни граѓани кои одговорно се однесуваат онлајн. Исто така, проектот ќе поттикнува дебата за писменоста за вести и дигиталната писменост меѓу новинарите, со акцент на економските и социјалните услови за унапредување на слободата на изразување.

Активностите се дизајнирани во насока на зајакнување на знаењата и капацитетите на целните групи, за тие да можат понатаму да ја промовираат писменоста за вести и дигиталната писменост, како во медиумската индустрија, така и меѓу пошироката публика. Дел од нив предвидуваат обуки, менторирање и регрантирање на граѓански организации, подготовка на стратегија за социјалните медиуми, како и истражување за мотивациите на корисниците на социјалните медиуми и разновидни едукативни ресурси (видеа, туторијали, блог-постови, онлајн квизови). Дополнително, ќе се спроведуваат кампањи и медиумски настани наменети за корисниците на социјалните медиуми, новинарите и граѓанските организации, ќе се организира годишна награда за медиуми кои го промовираат новинарството во јавен интерес и ќе се објавуваат месечни публикации за медиумските професионалци.

 

Попреченоста е само прашање на перцепција

Времетраење: 2018 - 2019

Донатор: Европска Унија

Главна цел на проектот е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите. Специфични цели на проектот:

(1) Да се зголеми ефективноста на граѓанските организации на лицата со попреченост преку преземање ангажиран пристап во комуникацијата со медиумите;

(2) Да се подобри разбирањето и инклузивните новинарски вештини на претставниците на медиумите;

(3) Да се воспостават одржливи механизми за соработка на ГО  и медиумите за поддршка на учеството и вклучувањето на лицата со попреченост;

(4) Да се покрене прашањето за медиумската видливост на лицата со попреченост повисоко на агендите на креаторите на политики;

Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите

Времетраење: 2018 - 2021

Донатор: Европска Унија

Седум медиумски организации од Западен Балкан ги здружија силите во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите", со цел да ги зајакнат капацитети на граѓанските организации во насока на унапредување на медиумската и информативната писменост (МИП) во регионот.

Проектот, кој е поддржан од Европската Унија, се стреми да придонесе за зајакнато и енергично граѓанско општество посветено на унапредување на политиките и практиките за медиумска и информациска писменост во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија.

Проектните активности вклучуваат:

  • Истражувања кои треба да ја мапираат состојбата со политиките и практиките за медиумска писменост во земјите од регионот.
  • Формирање на Коалиции за медиумска и информациска писменост во секоја земја, во форма на меѓусекторски работни групи кои ќе подготвуваат и спроведуваат планови и кампањи за застапување на политики за МИП.
  • Организирање на еднодневна конференција во Нови Сад (MIL Regional Screenshot), која ќе овозможи размена на искуства и идеи за унапредување на МИП помеѓу експерти, активисти, практичари и други релевантни чинители од регионот.
  • Летен фестивал за МИП во Охрид, на кој околу 150 учесници ќе имаат можност да учествуваат на едукативни работилници, експертски панели и сесии за вмрежување, под водство на реномирани експерти за креативни дигитални решенија и изучување на МИП од регионот и ЕУ.
  • Обука на 50 идни тренери од регионот кои ќе спроведуваат тренинзи за претставници на граѓански организации за унапредување на МИП.
  • Поддршка на 40 иницијативи за МИП кои ќе ги спроведуваат граѓански организации од регионот со цел да се подигне свеста за значењето на медиумската писменост.
  • Онлајн кампањи со цел да се истакнат ставовите и перцепциите на новинарите, наставните, учениците, родители и генералната јавност во однос на МИП.
  • „Новинарство за граѓаните“ ќе овозможи реномирани новинари да гостуваат во средните училишта со цел да го приближат концептот на МИП поблиску до учениците, со посебен фокус на слободата на медиумите и критичкото разбирање на медиумските содржини.

euРегионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија од страна на партнерските организации: Медиацентар Сараево, Албанскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми, Црногорскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Мрежата за професионализација на медиумите во ЈИЕ.