„Хигиена“ во комуницирањето и во информирањето на социјалните мрежи

Социјалните медиуми носат нови навики за информирање, себепретставување и социјализирање. Тие се секојдневието што го живееме, сега и тука. Било да сте жител на Северна Македонија, од мало гратче во Нигерија, или од село во Јужна Америка, тие ќе ви донесат чувство на поврзаност со светот, на заемно чувство во глобален цивилизациски развој. Од една страна, овозможуваат средина што поттикнува раст и напредок, но истовремено носат и предизвици и нус-појави од брзата дигитализација и лесните форми на комуникација. Оттука е нужноста за „хигиена“ и заштита на социјалните мрежи, да се овозможат вештини и алатки за критичко опсервирање на начинот на информирањето и комуницирањето, но и поголема одговорност што од индивидуално ќе се префрли на колективно ниво.

Во поглед на информирањето, ако се види свежото истражување за медиумската писменост на Западен Балкан, објавено од Мировниот институт од Љубљана и СЕЕНПН од Тирана, тоа покажува силна поларизација на јавноста за изворите на информации што ги користат и им веруваат.

Полудовербата во медиумите кај граѓаните од регионот (со околу половина граѓани во БиХ, Србија и Северна Македонија, или повеќе од половина во Косово, Црна Гора и Албанија, што им веруваат на изворите на вести и информации) е во околности на финансиското и политичкото мешање, како и недостиг на медиумски ресурси, со што се нарушуваат доверливоста и квалитетот на медиумското известување.

За илустрација, телевизијата е најупотребуваниот и најдоверлив извор на вести и информации во регионот, но, во исто време, многу од најгледаните телевизиски канали во регионот се полни со политичка пристрасност и пропаганда. Социјалните мрежи, пак, каде што наративите на омраза се најприсутни, се вториот најкористен извор на информации, а тоа бара подобри политики за промовирање легитимни извори и филтрирање нелегални и штетни содржини.

Резултатите од истражувањето истовремено покажуваат и голема недоверба во информациите споделени на социјалните мрежи. Тоа значи дека повеќето граѓани веруваат дека социјалните мрежи шират политичка пропаганда и дезинформации и омраза. Па, зошто социјалните мрежи се многу користени и покрај недовербата? Јасно е дека други причини, како што се потребата за припадност, забава и вмрежување – преовладуваат. Овие причини треба да се решат преку медиумска писменост во образованието, но и со идни интервенции за развој на медиумите, меѓу другото и преку подобрување на интеракцијата помеѓу медиумите и нивната публика преку градење посилни заедници околу високопрофесионални медиуми.

Дезинформации и манипулации како нова реалност на социјалните мрежи

Пандемијата донесе т.н. инфодемија, па при „скролање“ на Фејсбук може да се прочитаат наслови дека „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против ковид-19“.

Ваквата ситуација е проблем и за самиот Фејсбук, кој неодамна беше во фокусот на извештаите на „ЊузГард“, организација што мониторира дезинформации на интернет. Од ланскиот септември „ЊузГард“ поднесува редовни извештаи до Светската здравствена организација, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи што шират невистини за ковид-19. „ЊузГард“ објави дека дезинформациите и промовирањето скепса за вакцините се објавуваат во групи на Фејсбук во кои се тврди дека „децата се убиваат од експериментот на кој се принудуваат“, или преку профили на Инстаграм кои промовираат документарец од Ендрју Вејкфилд, една од клучните фигури во промовирање на „врската“ меѓу ММР и аутизмот. Ваквите и слични корисници на Фејсбук, според „ЊузГард“ добиле 370.000 следбеници.

Фото: unsplash.com

Од друга страна, Фејсбук беше ставен во позиција да ги охрабрува корисниците да се вакцинираат, а истовремено да повторува дека отстраниле повеќе од 20 милиони штетни дезинформации и содржини што ги прекршуваат нивните правила, идентификувани токму со извештајот на „ЊузГард“. Вкупно, забраниле повеќе од 3.000 профили, сајтови и групи поради прекршување на политиките на мрежата што ја води ребрендираната компанија Мета.

Фејсбук во изминатите години ги решава ваквите појави и преку соработка со независни организации за проверка на факти, па означи 190 милиони објави како лажни. И во Северна Македонија постојат т.н. факт-чекери, кои се задолжени за филтрирање и за разобличување на дезинформации, што помага при амортизирање на целиот процес и креирање вештини на корисниците да препознаат од каде доаѓа информацијата и како таа да се провери. 

Одговорност на социјалните мрежи

При „скролање“ на Фејсбук се чини најмногу информации доаѓаат од онлајн порталите, кои според домашниот Совет за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) се најпроблематични. Во изминатата 2020 година, дури 90,7 % од жалбите се однесувале токму на онлајн медиумите, а потоа телевизиите со 6,4 %, весниците со 1,4 %, па радиостаниците и новинските агенции со по 0,7% од пристигнатите жалби.

СЕММ често потсетува дека медиумите имаат одговорност да применуваат стандарди утврдени од новинарската заедница и Кодексот на новинарите. Тоа значи, одговорно известување преку точни и проверени информации, правење разлика меѓу мислење и факт, почитување на етничките, на културните и на религиозните различности, но и да не се поттикнува дискриминација.

Но, етиката и одговорното однесување не се потребни само од медиуми што создаваат новинарски производи во редакциските „кујни“, туку и од сите оние што пишуваат, комуницираат и се информираат преку слободната интернет-зона. Корисниците на социјалните медиуми не можат да очекуваат одговорност ако и самите се однесуваат неодговорно. Дигиталниот живот бара одговорност и од самите корисници на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, блоговите… Сѐ е тоа јавен простор. Тоа го потврдуваат сите релевантни медиумски и комуникациски експерти. Тоа не е и не треба да биде паралелен свет каде што корисникот може да „истури“ фрустрации и да омаловажува, да сее говор на омраза, да се заканува. Ако некој не го гледа преку тастатурата, тоа не значи дека не постои, дека постапките на корисникот и зборови се забораваат. Секој збор има „домино ефект“, таму некаде – влијае врз некој настан, ситуација, личност, мислење.

Второто „јас“ кај младите – поттикнато од социјалните медиуми

Професорката Тамара Ќупева, долгогодишен истражувач од образованието и комуникациите, во своите јавни написи и трудови често се осврнува и на дигиталниот живот на младите, како генерации што растат преку социјалните мрежи. Дигиталниот живот за тинејџерите е нивното второ „јас“, природна средина на созревање, секојдневен предизвик за себепретставување, за социјализација, но и главен ресурс за учење.

Дигиталниот свет е нова форма за нивно неформално, но и потесно, стручно образование. Учат вештини што формалното образование често не може да им ги развие и ниту, пак, да им ги понуди како содржина. Социјалните групи како супститут на дигиталниот свет ги претвораат во мали делови од милионската „партиципативна заедница“, која бара од нив активно присуство. Постојано се под тивок, невидлив притисок за потврда на своето присуство и соживот со другите.

Од аспект на емоционалното созревање, поминуваат низ алгоритмите на интензивното, посредничко општество, во кое најважни вештини за здрав развој на личноста се токму медиумската писменост, емоционалната интелигенција и здравиот социо-психолошки статус. Затоа е потребен и пристап, дома и на училиште, кој би обезбедил простор за критичко размислување, промоција на хумани вредности и актуализација на темите што ги креира технологијата.

Автор: Бојан Шашевски

Насловна фотографија: unsplash.com