Македонски институт за медиуми Македонски институт за медиуми
  • За МИМ
    • Цели и активности
    • Портфолио
      • Tековни проекти
      • Завршени проекти
    • Организациска структура
      • Управен одбор
      • МИМ тим
    • Извештаи
    • Партнери
    • Архива
  • Новости
  • Истражувања
  • Eдукација
  • Активизам
  • Публикации
  • Видеа
  • Галерија
  • Контакт
  • MK
  • EN
Web F5

Над 100 наставници од основните училишта го завршија првиот дел од обуката за медиумска писменост

13/05/2022

Повеќе од 100 наставници од основните училишта од целата држава на 12 и 13 мај 2022 учествуваа на првата обука за наставници-обучувачи за медиумска писменост, што ја организираа МИМ и ИРЕКС во соработка со  Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, како дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.  

web f2

Обуката за наставници-обучувачи ја водеа 25 предавачи-експерти за медиумска писменост кои работат како наставници, новинари и советници во Бирото за развој на образованието. Учесниците на обуката се запознаа со концептот „Учиме да распознаваме“, со методолошките пристапи и различни содржини поврзани со медиумската писменост, како што се промените во медиумската сфера, дезинформации, проверка на информации, анализа на медиумска содржина, говор на омраза, и конструирање претстави преку медиумите. Вториот дел од обуката ќе се одржи кон крајот на август 2022, при што низ практични активности наставниците ќе добијат конкретни знаења и вештини за имплементирање на медиумската писменост во наставните содржини.

web f8Почнувајќи од наставната 2022/2023 година наставниците-обучувачи ќе имаат можност да спроведуваат обуки за своите колеги-наставници со цел да ги запознаат со медиумската писменост, методите на поучување, како и планирање, организација и реализација на наставата со вклучување на концептите на медиумска писменост и критичко размислување. За наставниците-обучувачи ќе бидат обезбедени и различни материјали  што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Обуката на наставниците е во насока на тековните планови на БРО, МОН и на Проектот „Младите размислуваат“ со цел воведување на медиумската писменост во наставните програми за основно образование.

web f1

Проектот „Младите размислуваат“ е финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), а го спроведуваат ИРЕКС во соработка со локалните партнери - Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).

Nagrada NIKOLA MLADENOV 2021 Cover Slika

Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2021“

07/02/2022

Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2021“. Ќе бидат доделени три годишни награди во следните категории:

  • Најдобра истражувачка сторија
  • Најиновативен новинарски производ
  • Најдобра репортерска фотографија

На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.

Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2021 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја.

Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција.

Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера.

Критериуми за избор

А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите кои:

  • откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на злоупотреба на моќта и на прекршување на основните човекови права од институциите, на корупција и на организиран криминал;
  • демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници;
  • ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување;
  • настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции;
  • се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди.

Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што:

  • успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.);
  • користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.);
  • користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите;
  • се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди.

В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои:

  • пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2021) година, објавени во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја;
  • демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз;
  • не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom);
  • доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција;
  • минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна;
  • содржат информации за метадата;
  • фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии.

На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно.

Конкурсот е отворен до 7 март 2022.

Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2021“.

Пријавата се состои од:

  • Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог)
  • Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија)

За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk

docx1.Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија32.09 KB

docx2.Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ32.07 KB

docx3.Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија31.72 KB

Hackathon Mk 1 Web

Млади иноватори со идеи за превенирање на „тролингот“ и едукација за медиумската реалност

29/04/2021

hackathon mk 1 web

„Не се тролај“ е победничката идеја на тридневниот хакатон, на кој учествуваа млади луѓе од неколку градови од Македонија, поделени во 3 тима. Најдоброто предлог-решение го третира проблемот со „тролингот“ на социјалните медиуми, како еден од најчестите облици на сајбер малтретирање по различни основи. Победничкиот тим понуди решенија за креирање и промовирање на „troll-free“ средини на социјалните медиуми, преку утврдување кодекс на однесување што ќе го превенира „тролингот“, особено кон девојчиња и жени активни на социјалните медиуми. Целта е да се воспостави еден вид саморегулација на различните заедници на социјалните медиуми, кои треба да го прифатат кодексот на однесување за да станат и да бидат обележани како „troll-free“ средини, безбедни за корисниците.

И преостанатите два тима понудија исклучително квалитетни и интересни идејни решенија на тема „Јуниор Детектив“ и „Избери ги твоите вести“. Идејата „Јуниор детектив“ нуди сет од решенија за едукација на учениците за основните принципи на медиумската писменост преку едукативни игри, разговори со нивните омилени инфлуенсери  и кратки интерактивни предавања за светот на медиумите и медиумската реалност. „Избери ги твоите вести“ претставува идејно решение за мобилна и десктоп апликација која ќе понуди едукација за медиумската писменоста и алатки за информирање на младите околу можностите за поактивно вклучување во јавната сфера.

hackathon mk 4 web hackathon mk 6 web

 

Хакатонот „#YouthForMILSolutions“ се одржа од 26 до 28 април 2021, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиуми“, што го спроведуваат неколку медиумски организации од Западен Балкан, меѓу кои и МИМ, со финансиска поддршка од Европската Унија.

За време на хакатонот, учесниците разменуваа идеи и се натпреваруваа во користење на знаењата од областа на медиумската и информациската писменост. Целта беше да осмислат иницијативи и иновативни решенија за ефективно препознавање и наменско користење на информации од јавно достапните медиумски ss7 webизвори, како и да понудат решенија за сузбивање дезинформации и други негативни појави на дигиталните медиуми. Во текот на првиот ден учесниците се запознаа со неопходните чекорите што треба да се поминат за една идеја да стане реалност, како и со клучните техники за презентирање на  идеите пред заинтересираните страни. Преку практични вежби се подготвуваа за она што следи – осмислување и презентирање на сопствени идејни решенија.

На вториот ден од хакатонот учесниците дознаа корисни совети како да се заштитат од дезинформации и како да ги „продадат“ своите идеи со користење алатки за визуелизација и за креирање мултимедијални презентации.

За време на финалниот работен ден, младите иноватори ги финализираа идејните решенија и ги презентираат пред жирито. Учесниците понудија исклучително квалитетни идеи, детално разработени, со конкретни чекори за реализација.

Предлог-решенијата значително можат да им помогнат на младите во подигнување на свеста и унапредување на знаењето за светот на медиумите, за опасностите кои ги демнат во дигиталната реалност, како и за основите начини на безбедно користење и споделување информации на интернет.

Nis2019 Web Cover

Конкурс за наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019

10/02/2020

Македонскиот институт за медиуми (MИM), по 19-ти пат го објавува конкурсот за престижната новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината.

Конкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2019 година. Новинарите, редакциите и медиумските здруженија, исто така, имаат можност да пријават и истражувачки стории кои биле објавени во други медиуми од нивни колеги-новинари, со нивна согласност.

Не постојат ограничувања во однос на бројот на сториите кои еден новинар, редакција или медиумско здружение можат да ги пријават на конкурсот.

Авторите на најдобрите истражувачки стории ќе добијат парични награди во износ од:

- 30.000 денари за првонаградената сторија;

- 20.000 денари за второнаградената; и

- 10.000 денари за третонаградената сторија.

Конкурсот е отворен до 2 март 2020 година, а апликациите може да се испраќаат исклучиво по електронска пошта на: mim@mim.org.mk

За пријавување на конкурсот потребно е да се пополни краток формулар за аплицирање (прикачен во прилог) и да се испрати на наведената е-пошта. За секоја апликација, МИМ задолжително ќе испрати потврда за прием. Доколку некој од апликантите не добие потврда за прием на апликацијата, задолжително треба да се обрати во МИМ пред крајниот рок за аплицирање на конкурсот.

Критериумите за избор на најдобрите истражувачки стории се достапни овде.

МИМ ја доделува Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината во континуитет од 2001 година, со цел да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество.

Повеќе информации за конкурсот може да се добијат на: 02/ 30 90 144; и mim@mim.org.mk

Конкурсот на албански јазик е достапен тука.

docxФормулар за аплицирање14.57 KB

Mccm.cover2

МИМ стартува кампања за поддршка на професионалното новинарство

23/01/2020

Истакнати и почитувани новинари, уредници и медиумски експерти испраќаат пораки за улогата на новинарите и предизвиците со кои се соочуваат, за истражувачкото новинарство, транспарентноста и финансирањето на медиумите, улогата на јавните радиодифузни сервиси, со намера да ги потсетат граѓаните што претставува професионалното новинарство и како да го препознаат во морето информации што стигнуваат до нив.

Кампањата ја подготви и реализираше Македонскиот институт за медиуми, а ќе се емитува во текот на јануари и февруари 2020 година. Целта на кампањата е да ги поттикне граѓаните да инсистираат на професионално и етичко новинарство што му служи на јавниот интерес.

Оваа иницијатива е дел од регионалната кампања за зголемување на свеста за важноста на слободните и професионални медиуми и е дел од проектот „Медиуми за граѓаните - Граѓаните за медиумите“ што се спроведува во Албанија, БиХ, Црна Гора, Македонија и во Србија со финансиска поддршка од Европската Унија.

 

Dmp5

Програма за студенти по новинарство за дигитална медиумска продукција

17/12/2019

Група студенти по новинарство од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“ и „Мајка Тереза“, месецов учествуваат во четиринеделна програма за дигитална медиумска продукција, што ја организира Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Албани асошиејтс од Лондон и Медиацентар Сараево.

Програмата се состои од еднонеделна едукативна работилница, што ја водеа истакнати новинари, уредници и медиумски професионалци, како и тринеделна пракса во неколку медиуми во земјава.

За време на работилницата, преку предавања и вежби, студентите ја истражуваа медиумската сцена и современите трендови во новинарството и се запознаа со телевизијата, но, од „другата страна“ на екранот.

dmp2

Исто така, научија што претставува онлајн новинарство и мултимедија и како е да се биде мобилен новинар - човек редакција.

dmp3

Дека сликата може да вреди и повеќе од илјада зборови, студентите осознаа за време на предавањата за основи на фотографирање и уредување на фотографии.

dmp4

Последниот ден од работилницата беше посветена на интернетот како извор на информации и на вештините за пребарување информации на интернет, препознавање дезинформации и верифицирање на информации.

Програмата се организира во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми.

Главни цели на проектот се зајакнување на капацитетите на медиумските професионалци и студентите по новинарство за верификација на информации, проверка на факти, продукција на медиумски содржини, како и унапредување на знаењата за концептот на медиумска и информациска писменост на јавните сервиси и подобрување на нивната способност за реализирање на јавни кампањи за медиумска и информациска писменост. Проектот е финансиран од Британската влада.

 

JMA 2019 Online Banner Web1

Конкурс за наградата „Жан Моне“ 2019

13/11/2019

Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми го објавуваат 17-тото издание на конкурсот за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”.

Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во 3 натпреварувачки категории:

  1. Најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми и/или на интернет);
  2. Најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет);
  3. Најдобра аматерска фотографија.
  1. Конкурс за најдобра новинарска сторија

Во оваа категорија може да учествуваат стории коишто се однесуваат на темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”, а чиишто автори се новинари од државата. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година.

Сториите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:

  • Да се однесуваат на темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”;
  • Да се објавени во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година;
  • Да се потпишани со вистинското име на авторот.

Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ формат, заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.

Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.

  1. Конкурс за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет)

Конкурсот е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до 3 фотографии на тема „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”, објавени во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година.

Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:

  • Да бидат поврзани со темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”;
  • Да се објавени во периодот од 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година;
  • Да не се користени за комерцијални цели.

Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.

Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.

  1. Конкурс за најдобра аматерска фотографија

Конкурсот е отворен за сите фотографи аматери од државата кои може да достават една фотографија на тема „Чистата животна средина зависи од сите нас”. Фотографиите кои се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.

Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:

  • Да се однесуваат на темата „Чистата животна средина зависи од сите нас”;
  • Да не се користени за комерцијални цели.

Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој кандидат може да испрати по 1 (една) фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.

Награда: диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра.

Забелешка: Оваа активност е организирана во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Делегацијата на Европската Унија нема да се смета за одговорна за каква било законска обврска што произлегува од какви било спорови околу авторските права, за кои исклучиво е одговорен пријавениот натпреварувач. Делегацијата на Европската Унија го задржува правото да ја поништи квалификацијата на пријавената творба околу која се спори и да ја повлече доделената награда и паричната награда. Оваа активност не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Дополнителни информации­­­

Жирито ќе се состои од седум члена - претставник од Делегацијата на Европската Унија, претставник од Секретаријатот за европски прашања, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра репортерска фотографија, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра новинарска сторија, претставник од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, претставник од Македонскиот институт за медиуми, и истакнат новинар од регионот како почесен претседател на жирито.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 16 декември 2019 година.

Конкурсот на албански јазик е достапен тука.

 

Obuka1710

Медиумската писменост кај јавните сервиси

17/10/2019

Новинари и уредниците од различни програмски сервиси на МРТВ учествуваат во еднодневна работилница за зајакнување на улогата на јавниот сервис во промовирање и унапредување на концептот на медиумска писменост во јавната сфера во земјава.

Целта на работилницата е да создаде еднакво разбирање за концептот на медиумска писменост на ниво на јавниот сервис, како и за важноста јавниот сервис да прерасне во еден од главните актери во промоција на медиумската писменост.

Работилницата ја води Мартина Чепман од Ирска, меѓународна експертка специјализирана за политики, стратегии, истражувања и проекти во областа на медиумската писменост.  Таа, преку, практични примери и презентации на искуства од други земји ќе им помогне на учесниците да утврдат конкретни иницијативи и начини на делување на МРТВ во областа на медиумската писменост, како и продлабочување на комуникацијата со публиката и зголемување на довербата во јавниот сервис.

obuka2 1710

Работилницата ја организира Македонскиот институт за медиуми во рамките на проектот „Унапредување на медиумската и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“ којшто го спроведуваат Албани асошиејтс од Лондон во партнерство со регионални организации за развој на медиумите во земјите од Западен Балкан. Проектот е финансиран од Британската влада.

 

Obuka1609

Работилница за новинари за препознавање и справување со дезинформации

16/09/2019

Истакнати новинари и уредници од неколку медиуми од земјава, учествуваат на дводневната работилница во МИМ, со цел стекнување практичните вештини за идентификување и следење на дезинформациите и нивните извори.

2obuka1609

Работилницата се фокусира на вежби и примери кои ќе им овозможат на новинарите да стекнат практично искуство во идентификување на мрежите за дезинформации во локалниот медиумски пејзаж, наоѓање на оригиналниот извор при пребарување на изјава или вест на интернет, идентификување на лажни профили на социјалните медиуми, верификација на точноста на видеа и фотографии и известување за конкретни дезинформации без нивно повторување.

3obuka1609

Работилницата ја организира Македонскиот институт за медиуми во рамките на проектот „Унапредување на медиумската и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“ којшто го спроведуваат Албани асошиејтс од Лондон во партнерство со регионални организации за развој на медиумите во земјите од Западен Балкан.

4obuka1609

 

  • 1
  • 2
Страница 1 од 2
  • За нас
  • Цели и активности
  • Тековни проекти
  • Завршени проекти
  • Управен одбор
  • МИМ тим
  • Извештаи
  • Партнери
  • Архива

Aktiv.mk

  • Попреченоста во медиумското известување – огледало на општествените перцепции Попреченоста во медиумското известување – огледало на општествените перцепции
  • Се’ додека човек сонува, за него ништо не е изгубено Се’ додека човек сонува, за него ништо не е изгубено
  • Препораки на ниво на политики за подобрување на видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простор Препораки на ниво на политики за подобрување на видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простор
  • Добрата и позитивна мисла е најдобар лек против болести, вели Трпко Дамјановски кој 25 години ѝ пркоси на дистрофијата Добрата и позитивна мисла е најдобар лек против болести, вели Трпко Дамјановски кој 25 години ѝ пркоси на дистрофијата

Bezomrazno.mk

  • Говорот на омраза да се потисне со повеќе говор дека е неприфатлив Говорот на омраза да се потисне со повеќе говор дека е неприфатлив
  • „Само прашај“: Одгласот на онлајн говорот на омраза „Само прашај“: Одгласот на онлајн говорот на омраза
  • Говорот на омраза раѓа насилство Говорот на омраза раѓа насилство
  • Говор на омраза во основното училиште Ѓорѓи Сугарев во Битола Говор на омраза во основното училиште Ѓорѓи Сугарев во Битола
  • За MИМ
  • Новости
  • Истражувања
  • Едукација
  • Активизам
  • Публикации
  • Видеа
  • Галерија
  • Контакт
  • +389 2 30 90 144
  • mim@mim.org.mk
  • Јуриј Гагарин 17-1/1 1000 Скопје, Р. Македонија
© 2022 Македонски институт за медиуми
Македонски институт за медиуми Македонски институт за медиуми
  • За МИМ
    • Цели и активности
    • Портфолио
      • Tековни проекти
      • Завршени проекти
    • Организациска структура
      • Управен одбор
      • МИМ тим
    • Извештаи
    • Партнери
    • Архива
  • Новости
  • Истражувања
  • Eдукација
  • Активизам
  • Публикации
  • Видеа
  • Галерија
  • Контакт