Известувањето за загадувањето на воздухот, на почвите и на водата, климатските проблеми и другите предизвици поврзани со животната средина, често е макотрпна и тешка задача за новинарите. Медиумите немаат многу ресурси на располагање, а изворите што може да се користат, некогаш или воопшто ги нема или можат да се избројат на прсти.
Овие теми секогаш се придружени со комплексни бројки, кои е нужно да се прикажат на едноставен, но визуелно атрактивен начин за публиката.
Дополнителен проблем е што голем број уредници, за жал, не ги сметаат овие теми за доволно атрактивни и често се третираат како споредни теми за пополнување време или простор во медиумите и не им се дава соодветното „ударно место“.
Темите се третираат сезонски, а известувањето наликува кампањски. Па, така, за воздухот се известува најмногу во периодот од јануари до март кога е грејна сезона и кога загадувањето е видливо, а во другиот дел од годината речиси и воопшто не се известува за овој проблем.
Слично е и со загадувањето на водата и на почвите, па најчесто се случува за време и неколку денови по некој еколошки инцидент.
Дали сето ова значи дека новинарите треба да „бегаат“ од темите поврзани со животната средина? Одговорот секако е не.
Животната средина за голем број светски медиуми уште од пред десетина години е еден од врвните приоритети. Овие теми секогаш се поврзуваат со други важни аспекти на нашето живеење – од политика и економија до здравство и образование.
Да го земеме примерот на „Би-би-си“. Во делот Земја (Earth) секојдневно има приказни поврзани со климатските проблеми, загадувањето, животинскиот и растителниот свет и слично.
„Вашингтон пост“ има посебен дел посветен на климатските промени, кој, пак, доколку го отворите е поделен на дополнителни поврзани категории (животна средина, време, климатски решенија,
климатска лабораторија, зелено живеење, бизнис и клима...).
Но, не мора да одиме толку далеку за да видиме и некои поблиски примери. Австрискиот дневен весник „Ди пресе“ исто така воведе посебен дел посветен на климатските промени каде што речиси секојдневно се известува за проблемите поврзани со темата.
Ова засега не е практика кај медиумите во регионот на Балканот иако сите држави се соочуваат со исти или со слични проблеми. Иако е мала земја, Македонија има сериозни проблеми со загадувањето на воздухот, на почвата и на водите и „данокот“ од тоа загадување е огромен. Според Европската агенција за животна средина, 4 980 жртви годишно има во земјава како директна последица на загадениот воздух. Проблемот со сушите, екстремните временски непогоди и другите климатски предизвици ретко се третираат и нужно е што поскоро да се качат погоре на агендата на медиумите.
Потребно е воведување систематско и редовно известување за проблемите поврзани со животната средина. Нужно е постојано обучување и специјализација на дел од новинарите за поефикасно и посеопфатно известување за овие теми, но и креирање и надоградување ресурси што новинарите ќе ги користат во истражувањата.
Во понатамошниот дел од текстот ќе се фокусираме токму на овој дел – бесплатни алатки што можат да ви помогнат во известувањето за животната средина. Ова се само мал дел од нив.
Бесплатни ресурси
На веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) има солидни ресурси што не се доволно искористени. Една од причините е што дел од овие ресурси како да не се воопшто промовирани во јавноста, а можат да имаат секојдневна примена во новинарството.
Во десниот долен агол на веб-страницата има дел што е небаре скриен, а се нарекува Регистар. Кога ќе кликнете на тој дел, ве носи на нова веб-страница каде што има два одлични ресурси.
Првиот е наречен „Регистар на А и Б еколошки дозволи издадени во Република Северна Македонија“.
Регистарот, всушност, ги содржи сите правни лица (компании) што имаат А или Б еколошка дозвола. Содржи име на компанијата, адреса, во која индустрија дејствуваат, линк до соодветната документација на компанијата, архивски број на дозволата и кога таа е издадена. На Регистарот можете да ги пребарувате компаниите по име или да ги барате на мапата. Со кликање на иконите А-еколошка дозвола или Б-еколошка дозвола, можете да ги селектирате само компаниите што ги имаат овие дозволи. Регистарот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик.
На истата адреса се наоѓа и друг корисен ресурс. Во десниот горен агол е делот насловен „Греење во јавни објекти“. Станува збор за одлична алатка каде што можете да ги пребарате сите јавни објекти на државната управа или јавни објекти на единиците на локалната самоуправа и да проверите како се загреваат. Регистарот содржи податоци за називот на институцијата, за општината, за видот на горивото, за потрошувачка, како и податок дали има можност за замена и опции за греењето.
Овие ресурси, за жал, новинарите не ги користат доволно. По неодамна завршената обука во организација на Македонскиот институт за медиуми поврзана со загадувањето и климатските промени, дел од учесниците изработија теми користејќи ги регистрите.
Друг ресурс што може да се најде на страницата на МЖСПП, а кој може да им послужи на истражувачките новинари, е „Водната книга“. Станува збор за Регистар на податоци за управувањето со води во Македонија односно кои компании користат вода и за која намена.
Регистарот содржи податоци за тоа кога е издадена дозволата, вид објект, намена на водата, сливот на водата, одобрено количество за користење и важност на дозволата. Исто како и претходните два ресурси, и овде имате можност да пребарувате по назив на компанијата или директно на мапата. Проблемот со овој регистар е што податоците се однесуваат на периодот до март 2022 година, но секако може да биде добра појдовна точка за истражување доколку дојде до некаков еколошки инцидент и слично.
Тука е и „Порталот за чист воздух“ каде што ги има податоците за квалитетот на воздухот иако на новинарите сега им се достапни многу визуелно поатрактивни решенија. Сепак е корисен ресурс доколку сакате да истражувате подлабоко бидејќи содржи податоци и извештаи за претходни години.
„Закопани“ на сајтот на МЖСПП има и други корисни ресурси. Во делот „Документи“ има стратегии, физибилити студии, регистри и планови, а во делот „Извештаи“ ги има соодветните извештаи за поединечни области. Сите овие документи можат да им дадат „тежина“ и контекст на вашите приказни.
Покрај МЖСПП, како извор на податоци нужно е да се користи и Државниот завод за статистика, особено делот МакСтат база, во која има посебен дел посветен на животната средина. Секогаш внимавајте на која година се однесуваат податоците и барајте директно податоци за годините што не се наведени во базата. Податоци може да се најдат и во Статистика на животната средина и во Статистичкиот годишник.
Како извор можете да го користите и Државниот инспекторат за животна средина особено делот Регистар на субјекти на надзор и инспекциски извештаи. Во него може да најдете елаборати како и податоци за извршени инспекциски надзори. Не заборавајте го и делот „Извештаи“ каде што може да се најдат податоци што работел Државниот инспекторат во тековната или во претходните години. Само како напомена, најновите податоци не се во горниот дел туку во долниот дел од веб-страницата.
Ресурсите што погоре ги споделивме, треба постојано да се ажурираат, да се збогатуваат со содржина и потребна е соработка на централните и на локалните органи со новинарите за поефикасно и посеопфатно известување за темите поврзани со животната средина. Засега ова не е така.
Голем дел од новинарите не се информирани за ресурсите и за алатките што државните органи ги креираат и неретко тие се споделуваат со јавноста само преку куси соопштенија или, пак, воопшто не се споделуваат. На тој начин ресурсот останува „заглавен“ или намерно или ненамерно „скриен“ на некоја веб-страница. За нив се потрошени средства, а реална примена нема.
Автор: Александар Манасиев
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).