Борбата со себепрогласени онлајн медиуми е борба со ветерници

Се чита за 10 мин.

Новата ера на медиуми донесе широк спектар дезинформации. Со зголемувањето на бројот на медиуми, меѓу кои повеќето предводени од непрофесионални уредници, кои и по професија не се новинари и комплетно го занемаруваат кодексот на новинарството, со неверојатна брзина почнаа да се шират лажни вести, шокантни невистинити информации, „кликабилни“ наслови... сè со цел да се стигне до поголем обем на публика. Голем дел од тие дезинформации имаат долг рок на траење, односно ги преземаат други медиуми без да ги проверат информациите, а повторно со истата цел – да намамат публика. А оттука и голем број публика ја загризува лажната јадица, верува во нив и ги шири лажните информации, ги споделува... А новинарството, етичното и професионално новинарство, се губи до недоглед. И токму од ваквото новинарство вистинските информации, вести, истражувања, обемни статии полни со статистики, остануваат во сенка. Незабележани, неатрактивни, со опсег до мала занемарлива бројка на читатели. Оттука се поставува прашањето каде е новинарот во целата оваа приказна. Колку денес новинарите се придржуваат кон одговорно и објективно новинарство. И умеат ли да направат баланс меѓу досегот на информацијата до што поголема публика и веродостојни и точни информации?!

Споделување информации без медијатор

Едно е сигурно, дезинформациите се шират поинаку на социјалните медиуми отколку на традиционалните медиуми какви што се телевизијата, радиото и весниците.

михајло лахтовПред новото дигитално и постдигитално време, човештвото ја имаше заменето демократијата со медиакратија или телекратија. Телевизијата, како доминантен медиум, го диктираше општествениот дискурс, а тој, следејќи ги новите правила, се засноваше на забава. Вестите, извештаите, колумните, сè мораше да биде забавно ако претендираше да биде успешно. Како што вели и една од најзначајните книги од осумдесеттите, „Забавувајќи се до смрт“, на Нил Постман. Во ваквата реалност, задачата на новинарот беше да биде професионален, да внимава на основните новинарски стандарди, вклучувајќи ја вистинитоста, објективноста, балансираноста, но истовремено да биде и интересен и забавен за да го привлече гледачот или читателот, зборува Михајло Лахтов, специјалист за медиуми и медиумска писменост.

Новите платформи, пред сè социјалните мрежи, меѓу многуте промени, донесоа и една мошне важна разлика, а тоа е споделување информации без медијатор. Тие што претходно беа само пасивни гледачи, читатели и слушатели, одеднаш добија шанса самите да креираат содржини. Информациите почнаа да се шират директно, без новинарска интервенција, без филтрирање, без избор, без приоретизирање, едитирање, врамување... Влеговме во време на инфократија. Во епоха во која е важно само да се создаваат и да се споделуваат информации. Константниот перформанс и опсесијата постојано да се биде присутен на мрежата се главните карактеристики на инфократијата – категоричен е Михајло Лахтов.

Во свет што е целосно вмрежен, денес гледаме дека секој може да креира секаква содржина и таа да стигне насекаде.

За жал, во ваквата поплава на информации сè повеќе се губи јасната граница меѓу тоа што е новинарски производ, а што се информации креирани од корисниците на мрежата. Новите генерации сè помалку може да ја увидат разликата. На прашањето на многуте истражувања и анкети, тие најчесто одговараат дека се информираат на социјалните мрежи. Таму, за жал, не важат новинарските правила на вистинитост, објективност, непристрасност. Единствените правила што важат се бројот на кликови, коментари или, со еден збор, ангажираност (engagement). Во таа борба, да се креира содржина што ќе донесе ангажирана публика (што ќе стави лајк, ќе сподели, коментира итн.), не е ни важно дали тоа што е создадено е вистинито, реално, коректно, навредливо... Тоа е во втор план – подвлекува Лахтов.

Новите генерации сè помалку може да ја увидат разликата

Како што зборува тој, новинарите сѐ уште се многу важен дел од нашето информирање и мора да останат. Тие се единствениот одговор за новиот свет на инфодемија и дезинформации.

Голем дел од нив сѐ уште се посветени на новинарските задачи да бидат куче чувар на демократијата, да бидат коректив на власта и да дојдат до информации и откритија важни за општеството и за нашите животи. Македонија и македонското новинарство не се изолиран остров и сѐ што се случува во глобални рамки се случува и кај нас. Сѐ уште постојат многу професионални новинари, кои некогаш и ризикувајќи ја сопствената безбедност, успеваат да истражат и да дојдат до откритија што се многу важни за сите нас. Ако ги анализираме нивните новинарски производи, ќе видиме што значи професионално новинарство, потрага по вистината, информации проверени од различни извори. На прашањето колку енергија, време и ресурси тие трошат за да ги проверат информациите, би рекол многу. На овие професионалци мора да им се оддаде признание, да се покажат со прст, да се издигнат на пиедестал на вистински херои. Зашто тие тоа и се, тие се луѓе што веруваат во подобро и демократско општество и за тоа се подготвени да жртвуваат многу – изјавува Лахтов.

Од друга страна, има многу, дури и премногу паразити што немаат друга мотивација освен брзо да стигнат до пари. Начините на кои тоа го прават се диктирани од денешното време, креирање содржини што ќе донесат лајкови и коментари. Моделот е добро познат, поголема посетеност значи повеќе реклами, а тоа носи повеќе пари, дополнува тој.

И затоа денес имаме експанзија на секакви облици на информациски неред, од дезинформации, лаги, фотографии извадени од контекст, до мамки за кликови, предимензионираност, лажна ексклузивност, кич, естетски криминал. Многу од овие креатори на содржини се претставуваат како новинари, но тоа ни оддалеку не се. Јас инсистирам работите да се нарекуваат со вистинските имиња и да се прави јасна разлика меѓу новинари и паразити. Луѓе подготвени да си го ризикуваат животот за новинарството и оние што немаат никакви допирни точки со новинарството, но сакаат да се претставуваат како новинари. Не смееме да ги ставаме сите во ист кош. Затоа, краткиот одговор на прашањето дали новинарите внимаваат на објективно информирање, дали избегнуваат дезинформации и слично, гласи – професионалните да, непрофесионалните не – категоричен е Лахтов.

Граѓаните, за жал, особено генерациите што доаѓаат, сè помалку ја прават таа разлика, особено поради начинот на кој се информираат преку социјалните мрежи.

Тоа што како медиумски едукатори мора да го правиме, и јас и сите што се занимаваме со ова, е постојано да ги едуцираме и да ги запознаваме луѓето со новинарството, со значењето што сѐ уште го има, со разликите меѓу професионалните новинари и оние што не заслужуваат да бидат дел од професијата. За крај, одговор за дезинформациите и општо за целиот информациски неред, е само професионалното новинарство. Што повеќе професионални новинари и вистински новинарски содржини, толку повеќе имаме шанса да воспоставиме некаков баланс во денешниот мрежен свет – сумира Лахтов.

Голем дел од медиумите и новинарите не ги проверуваат информациите

И според комуникологот и универзитетски професор Сеад Џигал, во оваа дигитална ера на новинарството, проверката на информациите и на фактите е сериозен проблем. Поради конкуренцијата, лесната достапност на непроверени содржини и трката за свежи информации, голем дел од медиумите и новинарите не ги проверуваат информациите.

Ова главно се прави по исклучок и во помал дел од медиумите што ги почитуваат професионалните стандарди. Резултат на слабата проверка се често објавување многу шпекулации, пропаганда, дезинформации и лажни вести. На пример, често за извор на информации се преземаат објави на социјалните мрежи што не се проверуваат и не се споредуваат со други извори на информации. Одговорното известување подразбира собирање, проверка и објавување информации и содржини што се точни, проверени и навремени, потем вклучување повеќе компетентни извори на информации, како и заземање известувачка позиција на новинарот, која потврдува неутралност и балансираност. Како што проверуваме на некој производ што го купуваме кој е производителот, кој е рокот за користење на продуктот, кои се состојките, и така натаму, така и за информациите е неопходно да проверуваме кој е авторот, кој е медиумот, кои се изворите за информации и дали содржините се проверени пред да се објават – посочува Сеад.

sead dzigalВо однос на тоа колку се внимава на објективното новинарско известување, тој вели дека мора да се напомене дека медиумите работат во сложени и во неповолни економски услови и поради тоа се изложени на надворешни влијанија и притисоци од економски, политички, институционални и други фактори.

- Исто така, поради силната партизираност на општеството, медиумите тешко доаѓаат до вистински информации и се под притисок на различни субјекти од овие сфери да тргуваат со интереси и влијание за да дојдат до одредени информации. Покрај тоа, со придобивките од дигиталната трансформација денес секој лесно може да креира медиум во формат на веб-страница, јутјуб-канал, поткаст и слично, а ова во Македонија често се злоупотребува така што одредена политичка или економска пропаганда се маскира како „новинарство“ и „медиум“. Медиумите се во трка за популарност и публика, која се мери преку број гледачи, читатели, кликови, тиражи, реакции, споделувања и слично. Во Македонија функционираат неколку стотици медиуми, од кои најмалку 150 се онлајн медиуми што објавуваат вести. Во таков презаситен „пазар“ на информации, најголем дел од нив не водат сметка за квалитетот и професионалноста на информациите, туку се обидуваат со непроверени, сензационалистички и скокотливи содржини да го зголемат својот досег до публиката и своето влијание. Резултат на тоа се многу содржини засновани на манипулации за кликови (Нема да ви се верува! Скандалозно! Неверојатно!) и содржини што се вирални, но без квалитетна содржина – ни изјавува Сеад.

Новинарите треба да бидат коректор за дезинформациите

Во ваков контекст на ентропија на информации и содржини, новинарите се клучен фактор за балансирање во јавниот информациско-комуникациски систем. Тие треба да ја преземат улогата на професионални комуникатори што преку транспарентно, балансирано и непристрасно објавување информации и вести, треба да ја стекнат довербата на граѓаните, така што тие ќе бидат креатор на позитивните стандарди за информирање, додава тој.

Тие треба да бидат коректор за дезинформациите, место каде што проверуваме дали е некоја шпекулација точна или не, место каде што со сигурност ќе може да дознаеме дали некоја вест е потврдена, демантирана или лажна, и така натаму. Во реалноста каде што економските, политичките, идеолошките и личните интереси се испреплетени, медиумите и новинарите се постојано пред предизвик да ги бранат својата професионалност и етичност, а со тоа и довербата на публиката. Таа доверба мора постојано, на дневна основа, одново да се потврдува и да се зацврстува. Ако довербата во медиумите се наруши, тогаш во комуникацијата настанува искривување каде што наместо да им веруваме на професионалците и на новинарите, почнуваме да им веруваме на луѓе од нашето опкружување кои имаат слични интереси и погледи на реалноста, со што се вовлекуваме во информациски меури во кои не можеме да слушнеме ставови и информации што не ни се допаѓаат. Со тоа значително се фрагментира и се уназадува општеството, а со тоа и квалитетот на социјална интеракција и соживот – заклучува Сеад.

Себепрогласени онлајн медиуми го забораваат на Кодексот на новинарите

Бојан Шашевски, долгогодишен новинар и уредник на Радио МОФ, ни сподели дека според последниот извештај на Репортери без граници, во делот за Македонија, нотираше дека „иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам, придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството кон медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“. Ова доста кажува за тоа во каков медиумски вител се наоѓаме, ако се земе довербата кон медиумите од мнозинството граѓани.

Тука треба да се земе предвид дека Македонија од Репортери без граници во Индексот на слободата на медиумите е сместена на 36-то место и е најдобро пласирана од земјите на регионот (пред Црна Гора, Словенија, Хрватска, Косово, БиХ, Србија и Албанија), но, од друга страна, ова рангирање апсолутно не треба да се земе како некаква „победа“. Мора трезвено и објективно да пристапиме кон штетните дезинформации и недостатокот на професионалност во медиумското небо. А, ваквите проблеми, пред сѐ, доаѓаат од онлајн медиумите, кои играат важна улога во известувањето, иако телевизијата останува доминантен извор на информирање. Дека одредени онлајн медиуми се проблематични, покажуваат и податоците на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), каде што во 2023 година дури 110 жалби се однесуваа токму на онлајн медиумите, наспроти шесте кон телевизиите и двете жалби кон весниците – нè информира Шашевски.

Едноставно, некои себепрогласени онлајн медиуми го занемаруваат основното правило во новинарството за проверка на сите можни факти и детали за една сторија.

За пример, ќе се сетите како од онлајн портал дојде дезинформацијата дека „е пронајдено исчезнатото девојче во соседна земја“, но по неколку денови младата Вања Ѓорчевска беше пронајдена мртва во околината на Скопје, случај што ја потресе македонската јавност. Исто така, пред да се појават дезинформации за војната во Украина и војната меѓу Израел и Хамас, пандемијата претходно донесе т.н. инфодемија, па при „скролање“ на Фејсбук можеа да се прочитаат наслови од типот: „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против КОВИД-19“. Значи, ваквите наслови доаѓаа од портали, кои како да забораваат на Кодексот на новинарите на Македонија и одговорноста што ја имаат кон јавноста – истакнува Бојан.

Целта е да се едуцираат и да се профилираат новинари

бојан шашевски 2Сепак, кога сме веќе кај начелата на Кодексот, а со тоа и на одговорното известување, мора да се направи разлика меѓу професионални онлајн редакции што вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина (свои интервјуа, анализи, истражувања, репортажи), а од друга страна и поединечни портали што главно користат „копи-пејст“ содржини. Тие, во трка за кликови, не избираат средства и начини да пласираат содржини што јавноста ја доведува во заблуда и, притоа, ѝ штети на целата медиумска заедница, дополнува Шашевски.

Прашањето од милион долари е како професионалните медиуми и одговорното известување да се доближат до генералната јавност? Прво, тука треба да помогне процесот на саморегулација во самата фела и Регистарот на онлајн медиуми, кои треба да се придржуваат до критериумите за транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на новинарскиот Кодекс... Второ, самите редакции имаат огромна улога во продуцирање професионален кадар. Оваа улога станува уште позначајна ако се земе предвид дека на државните факултети ги снемува младите што сакаат да студираат новинарство, па целиот „аманет“ сега останува директно на редакциите. Целта е да се едуцираат и да се профилираат луѓе што ќе ја знаат својата улога во градењето на демократијата и на граѓанското општество. Исто така, ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и на ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. Со тоа, новинарите по автоматизам ќе знаат да не избрзуваат со информации што може да станат дезинформации.  Трето, сите ние имаме потреба од вештините на медиумската писменост и сѐ што таа носи со себе, особено во време на „милион видови медиуми“. Медиумската писменост, истовремено, е чадор на повеќе писмености – дигиталната, јазичната, филмската итн. Значи, треба поширок пристап за да може критички да се опсервираат секакви пораки што доаѓаат и од телевизорот во дневна, и од „Нетфликс“ или од Фејсбук, и од локалниот политичар популист на прес-конференција. Ова ѝ помага на генералната јавност, која ќе знае со што се „храни“ кога чита и гледа. Со тоа, ќе знае и да препознава дезинформации – детално ни објаснува Бојан.

Во светски рамки веќе има консензус за фокусот да не биде на креаторите на дезинформации и манипулативни содржини, туку повеќе врз граѓаните и нивните способности како да ги препознаат.

Тешко оди превенцијата, тоа е борба со ветерници. Не може да го забраниме интернетот, иако сфативме дека истовремено тој е најдобрата и најлошата работа што му се случи на човештвото. Интернетот нѐ демократизираше, ама наивно е да сметаме дека ќе ги следи начелата на Француската револуција. Затоа треба отпорност, луѓето да учат што примаат, како тоа го анализираат и евалуираат, како етички да го применуваат за да не станат самите креатори на дезинформации. Притоа, да реагираат кога наидуваат на проблематични содржини, што е дополнителен позитивен притисок и врз медиумите кон одговорното известување. Тоа е тој круг на писменост, доверба и професионалност што мора да се негува – категоричен е нашиот соговорник Шашевски.

Автор: Сања Јачевска


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).