Изложеноста на дезинформации предизвикува мисловен, когнитивен дисбаланс, стрес, паника

Се чита за 8 мин.

Изложеноста на дезинформации ги зголемува шансите луѓето да веруваат во нив, а оттука се зголемуваат шансите дезинформациите да се шират. Во голем број случаи дезинформациите се споделуваат со намера да ја намалат вредноста на некој или на нешто, да омаловажат, со умисла да предизвикаат паника, немир кај луѓето, да предизвикаат лоши емоции. И може да се заклучи дека иницијаторите на дезинформациите во голема мера успеваат во намерата и целта.

За да се намали негативното влијание на дезинформациите, потребно е пред сè едукација на населението. Психолозите, социолозите, едукаторите, истражувачите и креаторите на политики потребно е активно да се вклучат во напорите за подигање на јавната свест во ширењето дезинформации и негативниот нивен ефект врз јавноста, јавното мислење, особено врз здравјето на луѓето. А, секако, потребен е и развојот на ефективни интервенции за ублажување на влијанието на дезинформациите.

eleonoraДезинформациите како намерно креирани невистини можат да влијаат врз човековите ставови, верувања и однесувања на повеќе начини и нивните ефекти можат да бидат застрашувачки. Оние што ги креираат, вообичаено добро го познаваат човековото функционирање, па таргетирано го напаѓаат за да го постигнат посакуваниот ефект, истакнува Елеонора Серафимовска, универзитетски професор, психолог и комуниколог.

Изложеноста на дезинформации може да предизвика мисловен, когнитивен дисбаланс (когнитивна дисонанција во психологијата) кога конфликтните информации ги оспоруваат постојните ставови и верувања на личноста, што, пак, доведува до ментален немир, доведува до анксиозност, непријатност, збунетост и ментален напор, состојби што кога подолго перзистираат, доведуваат до сериозни психички проблеми - информира Елеонора Серафимовска.

Дезинформациите влијаат врз нашите одлуки

Како што зборува таа, тргнувајќи од човековата потреба да биде и да ја задржи постојната когнитивна рамнотежа, може да се случи поединци упорно да вложуваат напор да ги задржат дезинформациите.

Имено, ако дезинформацијата била прифатена како вистина, поединците често се држат до овие лажни верувања дури и кога им се презентирани фактички информации, бидејќи воопшто не е лесно постојано да се преиспитуваат сопствените ставови и верувања, ниту постојано да се вложува ментален напор тие да се менуваат. Освен што постои човекова потреба да се задржи постојната когнитивна рамнотежа, постои и потреба од мноштвото информации околу нас да го избираме токму она што ги потврдува нашите ставови и верувања. Оваа човекова потреба за „пристрасна потврда“ се „вклучува“ често бидејќи дезинформациите често се усогласени и ги зајакнуваат постојните предрасуди во социјалната средина на луѓето што ги наведува да бараат информации што ги потврдуваат нивните ставови и верувања, а да ги отфрлат информациите што се во спротивност со нив - дополнува Елеонора Серафимовска.

Дезинформациите што се шират преку медиумите, неретко се шират и преку офлајн социјалните контакти и лесно можат да влијаат врз процесот на донесување одлуки.

Исправени пред важни одлуки, често се потпираме на владеечките мислења во околината, па проширената дезинформација директно може да влијае врз нашата важна одлука (на пример, дали да се вакцинираме). Во овој контекст на донесување одлуки, дезинформациите можат да влијаат врз нашата одлука да купиме одреден производ или, пак, да бојкотираме одредени производи и продукти потпирајќи се на лажни информации. Уште една човекова потреба е важна кога зборуваме за влијанието на дезинформациите, а тоа е потребата на човекот да споделува со другите луѓе. Како социјални битија вообичаено и секојдневно споделуваме размислувања, сакаме да ги искажеме нашите мислења и верувања, па непознавањето на моќта на дезинформациите, можно е да доведе поединци да споделуваат информации за кои не се сигурни дали се вистини или не - подвлекува нашата соговорничка.

Дезинформациите водат кон скептицизам и цинизам кај луѓето

Сè досега кажаното, се однесува повеќе на влијание на дезинформациите на индивидуално ниво. Нивното влијание мора да се гледа и на едно друго, поопшто ниво.

Дезинформациите што постојано циркулираат во медиумскиот простор, всушност ја поставуваат јавната агенда, го трасираат јавниот дискурс и неретко го насочуваат вниманието на лажни, погрешни, и/или неважни прашања за да го одвлечат вниманието од вистинските случувања и проблеми. Континуираното изложување на дезинформации, исто така може да доведе до широко распространет скептицизам и цинизам кај луѓето за сите извори на информации. Секојдневните дезинформации и нивното разоткривање ја убиваат вербата на луѓето и во медиумите и во изворите на информации, како и во другите луѓе, и ќе го отежнат, па дури и ќе го оневозможат понатамошното објективно информирање и стигнување до точни и проверени информации. На крај, имаме поединец уморен од лажни вести, кој нема да има никаква желба да учествува во општествени текови и случувања - објаснува Серафимовска.

sss

Таа ни набројува кои се конкретните психички реакции на лажните вести и скандалозни наслови:

  • Постојаното изложување на лажни информации, може да доведе до конфузија, страв и паника особено за време на општествени кризи (како на пр., пандемии, политичка нестабилност, револуции).
  • Сензационалистичките вести можат да создадат зголемено чувство на страв и итност, што доведува до зголемени нивоа на стрес и анксиозност. Скандалозните и негативни наслови често предизвикуваат силни емоционални реакции какви што се гнев, бес, тага и фрустрација.
  • Повтореното изложување на лажни вести може да ја намали довербата во институциите и во медиумите, поттикнувајќи чувство на беспомошност, но и револт, агресија, цинизам. Со текот на времето, континуираното изложување на шокантни вести може да доведе и до намалување на емпатијата и на сочувството меѓу луѓето и раѓање потполна недоверба.
  • Постојаниот сомнеж во веродостојноста на сите извори на информации може да доведе до панични напади, параноја, па дури и целосна изолација.
  • Постојаната изложеност на лажни и манипулативни вести доведува и до десензитивизација, па информациите за предавства, корупција, криминал, па дури и убиства ќе станат „нормални“.
  • За да се справат со вознемиреноста предизвикана од лажните вести, некои поединците може целосно да почнат да избегнуваат вести, што може да доведе до недостиг на информираност и воопшто свест за важни прашања, но може да предизвика и компулсивно однесување, често проверувајќи ги изворите на вести за да останат ажурирани, што, пак, може да ја влоши анксиозноста.
  • Лажните вести често ги зајакнуваат ехо-коморите и го поларизираат јавното мислење, што доведува до општествени поделби и конфликти.

Што е неопходно да правиме во оваа ера на дезинформации и лажни вести?

Мораме да се едуцираме и да научиме што да преземеме за да идентификуваме веродостојни извори на информации. Мора да го развиваме критичкото размислување и да го применуваме кога ги следиме вестите: кој е изворот, која е неговата кредибилност, дали има пристрасност, докази, аргументи... Која е намерата на оној што ни пласира информации? Проверката на факти е задолжителен процес особено за вести што придонесуваат за донесување важни одлуки. Мора да ја ограничиме изложеноста на дезинформации преку поставување ограничувања на времето поминато на слушање вести. Треба да се изгради систем во кој вестите се проверуваат во одредено лимитирано време, а притоа да се избегнува да се проверуваат вестите како прва работа наутро или непосредно пред спиење. И правењето редовни паузи од вестите и од социјалните мрежи за да го намалите стресот и анксиозноста влегува во тој „паметен систем“ - децидна е Елеонора.

Според Серафимовска, исто така потребно е да развиваме и да одржуваме дигитална хигиена преку приспособување на поставките за приватност на платформите на социјалните медиуми за да ја ограничиме изложеноста на потенцијално штетна содржина и преку исклучителна внимателност за она што го споделуваме на социјалните мрежи. Да останеме поврзани надвор од киберпросторот! Да ги негуваме врските со семејството, блиските, пријателите, за да разговараме и да ги потврдуваме информациите.

Социјалната поддршка може да биде круцијална и во заштитата и во ублажувањето на  психолошкото влијание на лажните вести, дезинформации, злонамерни информации. Да побараме стручна помош од професионалци за ментално здравје кога консумирањето на вестите ни предизвикува значителен стрес или вознемиреност.  Да бидеме креатори на промени преку јавно застапување за политики и регулативи за преземање одговорност за ширење лажни вести, учество во програми на заедницата што промовираат медиумска писменост - категорична е психологот Серафимовска.

Се пласираат сè помалку квалитетни содржини

И според видувањата на социологот Ивана Гегоска, Асистент на Институт за социологија, Филозофски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со зголемената достапност на интернетот можеме да забележиме дека во медиумите се пласираат информации од секаков карактер, без интерес каков резултат ќе побудат кај читателот.

ivanaСведоци сме дека произведувачите на информации менуваат или преработуваат информации од веќе постојните. Ги вадат од контекст или ставаат лажен контекст, сè со цел да добијат на сензација, поголема читаност и споделување на информацијата. Во јавноста се пласираат сè помалку квалитетни содржини, најверојатно со цел да се потврдат веќе постојните мислења и предрасуди што јавноста ги има за одредена тема. Иако, живееме во ера на информации и лесна достапност до нив, не смее да се дозволи манипулација од нивна страна. Често си го поставувам прашањето, дали некогаш, пред објавување на невистинита информација или дезинформација, се размислува како може да влијае таа информација врз секојдневието на поединецот, групата или врз општеството во целина? Сите познаваме по некој што бил „жртва“ на лажна информација. Доколку се прочита некој текст и него не можете да го најдете на други портали или, пак, ако не е наведен изворот на информацијата (или е посочено „од близок извор на...“), доколку информациите доаѓаат од лажен профил или лажна интернет-страница, тогаш веќе може да се посомневате во веродостојноста на информацијата - посочува Гегоска.

Нејзиното видување е дека поголем проблем може да се појави кај постарите генерации што не се вешти со технологијата.

Кога ќе се пласира одредена информација во јавноста, посебно ако информацијата би можела на некаков начин да има влијание врз луѓето, треба внимателно да се истражи дали таа информација е пуштена во јавноста со цел народот да биде запознаен, информиран, предупреден или едноставно да се шири масовна паника. Секако, таквиот пристап преку социјалните мрежи, лесно може да се истражи и да се дознае намерата на информацијата, а тоа може да се изведе преку ресурси што ни се достапни, а за кои е потребно малку време за пребарување и истражување. Независно, дали станува збор за намерно или ненамерно ширење, може да има големо влијание врз однесувањето на јавноста и на општествените процеси. Тие се доста актуелни кога станува збор за политика, економија, здравје и болести итн. На пример, носење некоја значајна одлука за здравје, заснована на информација прочитана во медиум, може многу сериозно да му наштети на здравјето на човекот - изјавува социологот Гегоска.

- Медиумите се главни во обликување на ставовите и на верувањата во современото општество. Со оглед на тоа дека тие се главен облик во комуникацијата, можеме да бидеме информирани за настани што се случиле „таму некаде“ и притоа, тие да ни го обликуваат јавното мислење или мислењата и ставовите на поединецот, дури и политиките во една држава - дополнува таа.

Да вложуваме во нашата критичност кон информациите што ни се сомнителни

УНЕСКО активно работи на зајакнување на образованието на новинарите. Има издадено и публикација „Глобални иницијативи за извонредност во образованието за новинарство“, со идеја овој прирачник да послужи како меѓународно релевантен модел на наставна програма. Таа е одговор на растечкиот глобален проблем на дезинформации, со кој се соочуваат општествата воопшто, а особено новинарството.

Секој консумент на медиумска содржина треба да има многу трпение, енергија и истрајност кога станува збор за појава на нова информација. Потребно е да се истражи, анализира и да се селектира. Покрај анализа на авторот, на текстот и на содржината, потребно е да се проверат и сликите или видеата што се дел од содржината, т.е. дали се новонастанати или, пак, се „позајмени“ од некој минат настан. Постојат мрежи што имаат опција за пријавување содржина, па може да се земе како една алатка за спречување на ширење лажни, невистинити информации. На крајот, одлуката е само наша дали ќе поверуваме или во што ќе веруваме и ќе прифаќаме од информации - подвлекува Ивана Гегоска.

Дека само негативно е влијанието на дезинформациите, потврдува и Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми. Според него, дезинформациите негативно се одразуваат на емоции, на недоверба, на радикализација, омраза, на поттикнување акција против демократските модели и слободата на луѓето.

bojan- И за жал, на крај жртви на дезинформациите се најчесто луѓето што потпаднале под нив, кои поверувале во штетните наративи на оние што креираат или намерно шират дезинформации. И стануваме сведоци на луѓе што почнуваат да не веруваат во здравствените системи, интеграцијата, заедништвото кон прогресивните идеали засновани на слободни личности... а на овој начин стануваме општества што не се отпорни на хибридни закани и општества што ги создаваме на начин што се подготвени за еден миг да ја поништат вековната борба за слобода, демократија и напредок - истакнува Кордалов.

Секоја дезинформација што наместо да нè прави поотпорни, послободни и со поголема желба за критичко и креативно размислување, туку напротив нè враќа назад, нè затвора, нè прави да мразиме, да дискриминираме и да се сомневаме во предностите на слободата што секој од нас ја има, е штетна и само може да направи да се чувствуваме и да дејствуваме во неправилна насока, додава комуникологот Кордалов.

Според него, за да се заштитиме од дезинформациите, пред сè треба да веруваме во себе, во нашата слобода и можности. Да вложуваме во себе, во нашата критичност кон информациите што ни се сомнителни, да веруваме во научните факти и да не заборавиме дека сѐ што ни ја загрозува личната и колективната слобода, нема никаде да нè однесе, освен векови наназад.

Автор: Сања Јачевска


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).