Медиумските пустини и жедта за информации

Се чита за 4 мин.

Ако се суди според американскиот модел на дефинирање на медиумската пустина како населено место без ниту еден локален дневен весник, тогаш освен Скопје речиси сите населени места во земјава може да се вметнат во категоријата медиумски пустини бидејќи немаат ниту еден дневен весник


Како го пиете утринското кафе? Слатко, горко, со локум и вода или со весник? За многумина утринското кафе беше незамисливо да се пие без весник во рацете.

Мирисот на кафето чиниш совршено се надополнува со мирисот на хартијата. Иако дневните весници во продажба излегуваат вечерно време, сепак неретко се читаат токму наредното утро. Тој ритуал се одвиваше најчесто дома, на клупа во парк, на работа или во автобус. Зошто последната реченица е напишана во минато време? Од едноставна причина што оваа рутина на уживање и информирање, за најголем дел од нас, стана дел од минатото.

am t 2 4

На трафиките во Македонија, весниците што денес се продаваат, може да се избројат на прсти, додека во соседна Србија и во Бугарија добар дел некако опстојуваат, но тоа не значи дека некој ги чита. Бројот на читатели денес не е ниту една десетина од оној од пред две децении.

Дневните весници, неделните, месечните и периодичните печатени изданија, кои со децении беа омилениот, а некаде и единствениот извор за информирање, станаа вид во изумирање.

Според најновите статистички податоци во САД, денеска во споредба од пред 20 години, има 3.000 весници помалку и 43.000 новинари помалку што работат во печатени медиуми.

Во 2005 година во САД вкупниот тираж на весници бил повеќе од 50 милиони примероци, а денес е нешто повеќе од 10 милиони. Иако и денешната бројка изгледа голема, сепак најмногу се должи на големите брендови како „Њујорк тајмс“.

Брзината со која умираат весниците во САД е неверојатна – повеќе од два дневни весници ги снемува од пазарот на секои седум дена. Населените места во САД каде што веќе не постои ниту еден локален дневен весник се нарекуваат медиумски пустини.

Постојат повеќе од 225 окрузи каде што нема ниту еден дневен весник, а во повеќе од 1.500 окрузи (речиси во половина земја) има само по еден весник, најчесто неделник, а не дневен весник. 

am t 2 2

Оваа појава не е уникатна само за САД. Слична ситуација е забележана и во Европската Унија како што покажува првото истражување за медиумските пустини на европска почва насловено „Откривање на медиумските пустини во Европа: Ризици и можности за локалните медиуми во ЕУ“.

Ова истражување ги дефинира медиумските пустини на локално ниво како „област во која недостасуваат доволно, веродостојни и разновидни информации од доверливи медиумски извори“. Индикатори за тоа колку се загрозени локалните медиуми се: бројот на медиуми, економските и политичките услови, како и степенот на безбедност на локалните новинари и социјалната инклузивност на локалните медиуми кон малцинствата, маргинализираните заедници и способноста за ангажирање со публиката.

Општиот заклучок е дека постои голема централизација на редакциите и на новинарите во големите градови, најчесто во главните градови, а новинарството наместо на терен се одвива од канцеларија. Ова истражување покажува дека јавните сервиси се клучни за покривање на оддалечените места, нудејќи инклузивност во известувањето.

Според анализата, најзагрозени се локалните медиуми во Романија. Во 2008 година имало 54 локални печатени медиуми. Бројката паднала на 12 во 2018 година, а во 2023 година на само два локални печатени медиуми. Во Хрватска ситуацијата е малку подобра, па во 2019 година имало девет локални печатени медиуми што ги покривале руралните средини. Сепак, најзастапени се локалните и регионалните радија.

Во Бугарија, вкупниот број регионални весници е намален во текот на изминатите 5 години: 127 во 2018 година, 113 во 2019 година, 111 во 2020 година, 106 во 2021 година и 100 во 2022 година.

Каква е ситуацијата во Македонија? Според Регистарот на издавачи на печатени медиуми на АВМУ (ажуриран на 2 април 2024 година), во земјата има 23 печатени медиуми.

Најголем дел се концентрирани во Скопје, и тоа 20, а единствени три други места каде што има печатен медиум се Битола, Прилеп и Штип. Според податоците од овој регистар, во периодот од 2016-та до денес, избришани се 29 печатени медиуми од Скопје и еден од Битола.

Ако се суди според американскиот модел на дефинирање на медиумската пустина како населено место без ниту еден локален дневен весник, тогаш освен Скопје речиси сите населени места во земјава може да се вметнат во категоријата медиумски пустини бидејќи немаат ниту еден дневен весник. Неделни весници има во Битола и во Прилеп, а месечник во Штип.

Но, ситуацијата не е розова и ако се суди според другата гореспомената дефиниција за област во која недостасуваат доволно, веродостојни и разновидни информации од доверливи медиумски извори.

Според Регистaрот на радиодифузери што емитуваат радиопрограма, во земјава има 67 радиостаници, од кои седум емитуваат на државно ниво, 17 на регионално ниво и 43 на локално ниво. Според податоците на овој Регистар, од 2014 година се избришани 20 радија.

Според Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година на АВМУ, во Македонија покрај Македонската радио-телевизија има уште 43 комерцијални телевизии – пет терестријални телевизии на државно ниво, шест телевизии што емитуваат програма преку неограничен ресурс на ниво на целата држава, на регионално ниво 17 телевизии и 15 телевизии на локално ниво.

am t 2 3

Од извештаите и анализите на АВМУ се гледа дека секоја година исчезнува по некој локален медиум. Она што го нема во овие извештаи и анализи е бројот на вработени во локалните и во регионалните медиуми, нивните услови за работа, политичкото и бизнис-влијанието и другите фактори што се предуслов за слободно и непречено известување за проблемите на локалната заедница.

Она што можеме да го заклучиме сите ние што најчесто се информираме од државната телевизија, од националните комерцијални телевизии, од дневните весници, од радијата и од поголемите веб-портали е дека локалните приказни исчезнуваат. Ретки се во печатените медиуми, ги нема на радијата, ретки се на телевизиите, па и на веб-порталите…

Локални репортери има сè помалку во поголемите градови како Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Штип, Струмица…

Ако некогаш дневните весници имаа по десетина репортери низ Македонија, а државната телевизија речиси во сите поголеми населени места, денес тоа не е случај.

Но, што значи загубата односно исчезнувањето на локалните медиуми и на локалните приказни? Тоа значи дека гласот на граѓаните во тие средини, особено за локалните проблеми, не може да се чуе. Во недостиг на релевантни извори на информации овие граѓани почесто се информираат преку социјалните мрежи и стануваат поподложни на дезинформации и на можност за манипулација за политички или бизнис цели. Можноста за корупција на локално ниво расте бидејќи исчезнуваат медиумите што би требало да се „кучиња чувари“ на демократијата и на демократските вредности. Сето ова погоре наведено ја намалува довербата во институциите на локално и на државно ниво. Ова значи дека локалните и регионалните медиуми се важен столб на секое демократско општество и дека нивното исчезнување е голема загуба, не само за локалната средина туку воопшто.

Во недостиг на каква било стратегија, ситуацијата во Македонија само ќе се влошува, а со тоа и опасноста дека медиумските пустини во земјава во скора иднина ќе бидат во пораст, а граѓаните, иако поплавени во морето информации на социјалните мрежи, ќе останат жедни за локални приказни и информации.

Автор: Александар Манасиев


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).