Говорот на омразата - јазик на дел од медиумите

Се чита за 4 мин.

clen 10 coveri

Една позната изрека вели: „Нема слобода за непријателите на слободата“. Имајќи предвид дека говорот на омразата е многу штетен, потребата од негово ограничување е оправдана за да се оневозможи злоупотреба на слободата на изразување и повредата на правата на другиот.

Во минатите три децении беа забележани голем број примери на невнимателно или намерно известување во кое отсуствува чувствителност за меѓуетничките, меѓукултурните и меѓуверските односи во општеството, бидејќи медиумите можат да бидат канал за ширење говор на омраза и дискриминација.

Што пропишува Кодексот на новинарите?

Според членот 10 од Кодексот на новинарите, новинарот не смее во своите текстови да го користи јазикот на омразата или да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа. Во Прирачникот за етика во новинарството се вели, дури, дека новинарите треба да внимаваат кога директниот говор на омраза доаѓа од јавни личности или претставниците на јавни институции и во таквите ситуации треба да го оспорат или да го критикуваат таквиот говор, а не само да го пренесуваат.

Медиумите треба да се воздржуваат од објавување каква било форма на говор на омраза, односно новинарите и уредниците не смеат самите да се автори на такви пораки. Тие не смеат ниту да го репродуцираат говорот на омраза, што не значи дека воопшто не треба да известуваат за ситуациите кога ваквиот говор доаѓа од устата на различни општествени актери. Во таквите ситуации е особено важно да го идентификуваат говорот на омраза и да ѝ ги предочат на публиката можните импликации од користењето таков говор. Освен тоа, медиумите имаат одговорност да не објавуваат коментари што ги надминуваат границите на јавната критика и што содржат експлицитни пораки со говор на омраза. 

Голем број граѓани и субјекти се жалат на присуството на говор на омраза во медиумските содржини. Најчесто станува збор за говор на омраза врз етничка, верска или политичка основа. Најчесто говор на омраза се користи од онлајн-медиумите и од некои новинари што се и автори на емисии.

Според статистичкиот преглед на одлуки на Комисијата за жалби за 2014 - 2017 од 175 одлуки, донесени од 214 примени жалби, 49 (28.8 %) се однесуваат на јазикот на омразата и потикнувањето на насилството или дискриминација врз која било основа.

Советот за етика во медиумите подготви статистика за 2018 и 2019 година. Во статистичкиот преглед во 2018 година од 68 одлуки на Комисијата, 9 (23.7) се однесуваат на членот 10. Во статистичкиот преглед за 2019 година, од 83 донесени одлуки, 12 (20 %) се однесуваат на јазикот на омразата и на дискриминацијата.

Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 4 се за портали кои го прекршиле членот 10.

 

Одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ

За текстот на еден портал Комисијата за жалби констатираше дека Кодексот на новинарите е прекршен во членот 10. Порталот ја отфрли жалбата како неоснована и сметаше дека во оспорената содржина нема прекршување на новинарските стандарди. Но, Комисијата по разгледување на случајот констатира дека се работи за текст без автор, чија содржина се заснова на објава на навивачка група, поставена на Фејсбук, која содржи сериозни дискриминирачки и навредливи коментари кон албанската етничка заедница. Понатаму, Комисијата констатира дека пренесената содржина е еднострана и лесно може да предизвика негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, кога веќе одлучил да го објави текстот, медиумот морал да го лоцира говорот на омразата и експлицитно да се огради или да ја осуди таквата содржина, со цел на јавноста да ѝ помогне во нејзиното препознавање. Во одлуката на Комисијата се истакнува дека медиумот не смее да покаже рамнодушност и резерва кон говорот на омразата, зашто таквите содржини можат да се протолкуваат како чин на одобрување и охрабрување. Иако во текстот анонимниот автор директно не зазема страна, ниту дава експлицитна поддршка на навредливите и дискриминаторски пораки на навивачката група, сепак на таквите коментари им обезбедил медиумски простор, а со тоа и реален повод за поттикнување на насилство и омраза. Оттука Комисијата за жалби најде дека текстот го прекршил Кодексот.

seferМедиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар), кој има за цел да штити непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал предизвикува непријателство или омраза кон некого поради неговата етничка припадност. Ставовите на новинарите се важни во обликувањето на јавното мислење поради што јазикот на омразата е неспоив со новинарската етика.

Во друг текст, Комисијата констатира дека тој е без автор, а содржината се заснова на тврдење на корисник на социјалната мрежа Фејсбук. Порталот пренесува статус на мајка, чие дете наводно било сведок на тепачка меѓу две групи деца од различна етничка припадност, за време на училишна екскурзија во Сарај. Новинарскиот производ е едностран, а начинот на кој е обработен нуди готови заклучоци и судови, кои лесно можат да предизвикаат негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Комисијата заклучи декa во текстот е прекршен и член 1.

Во последно време, јазикот на омразата е намален, иако сè уште е присутен во дел од медиумите. Во блиското минато, Комисијата со одлука го осуди јазикот на омразата на еден новинар кој истакна: „Ќе им порачам дека оваа финална битка на македонскиот народ со предавниците во своите редови треба да се заврши на начин што треба сите тие предавници, гниди македонски, за жал македонски, да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела силна, армирана, тешка бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, со што  ја надмина црвената линија во говорот на омраза, што е дејство што не смее да се толерира.

Затоа многу е битно во неутрализирањето на јазикот на омразата да учествуваат повеќе општествени чинители, а секако дека и во иднина ова ќе биде една од главните заложби на Советот за етика во медиумите.

Говорот на омраза може да се потисне само ако повеќе се зборува дека таквиот говор е неприфатлив.

Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).