Соработката со медиумите ќе ја подобри независноста на судството

Се чита за 2 мин.

Неопходно е да се изнајдат ефективни механизми за интензивирање на соработката меѓу медиумите и правосудните органи со цел да се подобри комуникацијата и да се воспостави взаемна доверба. Ова беше заедничкиот заклучок до кој дојдоа претставниците на новинарите, судиите и јавните обвинители на конференцијата „Известувањето на медиумите за судски постапки“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Советот на Европа.

Целта на конференцијата беше да се овозможи размена на искуства и ставови меѓу претставници на правосудните институции и на новинарите во однос на медиумското известување за судските постапки и можностите за унапредување на комуникацијата и на соработката, за јавноста да биде информирана навремено и квалитетно околу прашањата во овој домен што се од јавен интерес.

Меѓународниот експерт, Фредерик Грас, адвокат од Париз, во својата презентација се осврна на стандардите содржани во Препораката на Советот на Европа која се однесува на обезбедување информации преку медиумите за кривични постапки, како и на Декларацијата за медиумско известување во врска со кривични постапки. Тој го истакна правото на новинарите да го критикуваат судството, но нагласи и дека претставниците на државните институции треба да имаат повисок праг на толеранција кон критика. Во своето излагање Грас рече дека при известувањето од кривични постапки, новинарите треба да „употребуваат соодветни зборови“, да се придржуваат до етичките стандарди, односно да презентираат факти и да имаат извори, но притоа да го почитуваат правилото за пресумпција на невиност, правото на приватност и да го почитуваат достоинството и безбедноста на сите учесници во судските процеси.

Според Александар Димитриевски, новинар кој ја следи судската проблематика во рамки на емисијата 360 степени на ТВ Алсат, се уште постои недоверба меѓу новинарите, судиите и обвинителите, на правосудните институции им недостига поголема транспарентност, често не се толерантни во однос на коментирањето на нивните одлуки и дејствија во медиумите, а истакна и дека има новинари кои не ги познаваат доволно постапките и законите. Тој предложи неколку препораки кои би им ја олесниле работата на новинарите, би ја подобриле комуникацијата меѓу судовите и новинарите, како и транспарентноста на судовите: “Професионализација на портпаролите и нивно унапредување во лица кои ќе бидат повеќе од посредници меѓу новинарите и судиите, воспоставување функционален механизам за санкција на судии кои одбиваат соработка со јавноста, одржување редовни прес-конференции и брифинзи на претседателите на судовите и шефовите на обвинителствата, јавно достапни обвиненија за случаите од јавен интерес, како и уредување на прашањето за снимање во судница.“

Судијата Ненад Савески од Основниот Суд Скопје 1, пак, се согласи дека е потребно да се унапреди комуникацијата со новинарите, при што би се воспоставила поголема взаемна доверба. Според него, преку соработката со медиумите, судовите ќе може да демонстрираат поголема независност. Критиката на новинарите за „молкот“, односно, наводната нетранспарентност на судовите, во однос на постапувањата со конкретни предмети за кои има интерес во јавноста, тој ја објасни со „внимателно однесување“, како и со низа законски ограничувања, како што се пресумпцијата на невиност, заштита на приватноста, зачувување на безбедноста и дигнитетот на учесниците во процесот, зачувување на угледот на судот итн. Савески објасни дека судовите својата комуникација со јавноста ја остваруваат преку соопштенија и портпароли и се согласи дека е потребно двете фели да остваруваат почести средби заради унапредување на соработката.

Јавниот обвинител Јован Цветановски, од Вишото јавно обвинителство - Скопје, исто така, се согласи дека јавноста треба да биде известена преку медиумите, а сите новинари кои ќе побараат информација, треба да ја добијат. Тој предложи редовни брифинзи со новинарите, со цел да се подобри комуникацијата на јавното обвинителство со јавноста и да се зголеми довербата во институциите.

Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, кофинансиран од Европската Унија.

Bо прилог може да ја погледнете презентацијата на меѓународниот експерт Фредерик Грас, како и препораката и декларацијата на Советот на Европа за известување за кривични постапки.

pdfTransparency of judicial authority media coverage of court proceedings641.22 KB

pdfДекларација и препорака на Совет на Европа146.28 KB